Многу е важно учењето на далечина да не биде само резервна варијанта кон која ќе се прибегнува во околности како тековните, туку да биде паралелен процес кој ќе го надополнува класичното учење и ќе ги подготвува учениците за новото дигитално општество – вели проф. д-р Анастас Мишев
Во пониските одделенија на основното образование можеби е прифатливо да има платформи кои ќе нудат прегледување на учебни материјали, видеа и други мултимедиски содржини. Но во повисоките одделенија на основното, како и во средното и високото образование, овие платформи треба да бидат значително понапредни. Тие треба да нудат персонализирано искуство на секој најавен корисник, овозможувајќи му да ги приспособи начинот и темпото на учење на своите можности – смета проф. д-р Анастас Мишев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје.
Учењето од далечина го отвори и прашањето како треба да изгледа една современа платформа за учење. Што треба да содржи од дидактички, но и од технички аспект.
Проф. д-р Анастас Мишев
Проф. Мишев ни ја доближи темата. Се фокусиравме и на„Едуино“, што ја воведе Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, а со финансиска помош на британската амбасада во земјава. На неа се поставени повеќе од 1.000 видеа наменети за претшколско и основно образование и има незадолжителен карактер, односно служи како помошна алатка во учењето од далечина.
Какви технички перформанси треба да има современа платформа за учење што треба да биде наменета за ученици во основното образование?
– Состојбата во која се најде светот поради коронавирусот ги отвори прашањата за алтернативните начини на едукација, осoбено за учење на далечина. За жал, не сите еднакво се приспособија на овој начин на изведување на наставата, најмногу поради ниското ниво на компјутерска писменост, но и на ненавремената подготвеност за воведување на овој концепт. Притоа се појавија голем број платформи кои помалку или повеќе се обидуваат да ги задоволат барањата како на наставниците така и на учениците за далечинско учење. Кога се анализираа ваквите платформи, секако дека фокусот треба првенствено да биде на дидактичко-методичките можности, но, сепак, не смеат да се занемарат и техничките аспекти. Од тој агол на гледање, платформите за учење, пред сѐ, треба да бидат приспособени на нивото на образование.
Колку е важно дали една платформа функционира врз принципот на регистрација на учесник или, на пример, следење видеа на „Јутјуб“? Каква разлика прави ова за корисникот, а каква информација му нуди на изработувачот на платформата?
– Во пониските одделенија на основното образование можеби е прифатливо да има платформи кои ќе нудат прегледување на учебни материјали, видеа и други мултимедиски содржини. Но, во повисоките одделенија на основното, како и во средното и високото образование, овие платформи треба да бидат значително понапредни. Тие треба да нудат персонализирано искуство на секој најавен корисник, овозможувајќи му да го приспособи начинот и темпото на учење на своите можности. Дополнително, платформите треба да понудат и можности за безбедна проверка на знаењето, со истовремена валидација на корисникот и темелна проверка на плагијаризам. Од друга страна, тие треба да бидат едноставни за користење, со можности достапни преку различни типови на уреди и различни начини и брзини на пристап до интернет.
Постои ли безбедносна опасност за злоупотреба на податоци, ако посебно станува збор за деца?
– Безбедноста на овие платформи е од примарно значење. Интеграцијата со системи за филтрирање на содржините, како и високо ниво на заштита на личните податоци на учениците, мора да бидат клучен елемент во имплементацијата. Само со постојаното следење на користењето и реагирањето на секоја увидена аномалија може да се гарантира нивната безбедност.
Пред два месеца беше промовирана „Едуино“ и најавена како прва национална веб-платформа за образование. Дали, според Вас, од технички аспект е добро направена?
– „Едуино“ е одлична идеја, но е далеку од вистинска национална платформа за учење. Националната платформа, покрај карактеристиките што претходно ги наведов, треба да биде отворена и целосно интегрирана со сите останати системи поврзани со образовниот процес (електронски дневник, е-учебници, библиотечни системи, едукативни видеобиблиотеки, системи за тестирање, па сѐ до системите за запишување на државните универзитети). За сето тоа да биде можно, треба најпрвин да се зајакнат системите за електронска идентификација, односно да се операционализира националната федерација за автентикација и авторизација. Така, секој учесник во овој процес, без разлика дали е ученик или наставник, ќе има единствен идентификатор кој ќе го користи за пристап до сите поврзани системи. Секако, многу е важно учењето на далечина да не биде само резервна варијанта кон која ќе се прибегнува во околности како тековните, туку да биде паралелен процес кој ќе го надополнува класичното учење и ќе ги подготвува учениците за новото дигитално општество.
Токму поради тоа, од национален интерес е да се изгради една ваква национална платформа и истата да почне редовно да се користи и во класичната настава. Кога учениците и наставниците ќе бидат навикнати на таа околина, тогаш преминот од класично во учење на далечина нема да биде стресен и сложен процес и ќе овозможи образованието да може непречено да функционира дури и во вонредни услови.
Колку време треба за да се создаде една таква платформа и колку чини?
– Една таква платформа бара сериозна инвестиција. Пред сѐ, треба да се направи анализа на постојните решенија и на системите што треба да интегрираат, проследено со детални кориснички барања. Потоа да се пристапи кон развој, темелно повеќефазно тестирање и пилот-проби, пред да се пушти во продукција. Дополнително, едно такво национално решение сигурно дека ќе бара и постојана поддршка, имајќи предвид дека станува збор за голем број корисници. Ова практично значи дека за успешно имплементирање на ваков проект, покрај иницијалниот период за изработка, тој треба да биде континуиран, со целосна посветеност на сите релевантни чинители.
912