Идната недела ќе се објави конкурс за прием на нови дечиња. Планирано е да има две групи, едната со дечиња од претшколска возраст (4 и 5,5 години), а втората со дечиња што одат на училиште (од 5,5 до 8-годишна возраст). Тимот што ќе работи со децата се проширува со нови наставници и воспитувачи кои ќе ја реализираат програмата

Продолжува успешната приказна на проектот Образовен центар „Бибиверзум“. Отсега со нова енергија, нови деца, но и проширен тим од наставници и воспитувачи што ќе работат со децата. Идната недела ќе се објави конкурс за прием на нови дечиња. Планирано е да има две групи, едната со дечиња од претшколска возраст (4 и 5,5 години), а втората со дечиња што одат на училиште (од 5,5 до 8-годишна возраст). Тимот што ќе работи со децата се проширува со нови наставници и воспитувачи кои ќе ја реализираат програмата.

Во периодот од 19 октомври до 12 декември 2019 година се реализира првата фаза од проектот Образовен центар „Бибиверзум“, кој е дел од големата образовна платформа „Во светот на Биби“. Проф. д-р Кирил Барбареев вели дека според концептот кој беше планиран, се реализираа 10 активности. Секоја активност беше претходно планирана и имаше кратко педагошко сценарио. Времетраењето на активноста траеше 90 минути и се реализира со деца на возраст од 3 до 8 години и имаше вкупно 50 деца.

– Програмата ја реализираа наставникот Мартин Поповски, јас, како и Сања Ѓорѓиева (асистент на наставник) и Рената Богдановска (асистент). Програмата имаше основни столбови на кои се поставуваа сите активности и содржини што се реализираа. Вредностите кои се основа на програмата се: 1. Грижа 2. Комуникација 3. Поврзување 4. Заедништво. Пристапот со децата беше интегриран. Нашата цел беше да им се овозможи на децата/учениците да ги видат врските и зависноста помеѓу одредени предмети и појави во домот, училиштето и детската градинка и феноменот на животот надвор од домот, училиштето и ДГ. Целта беше да им се помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да излезат со нови прашања, како и да создадат нови знаења преку заедничко работење – вели професор Барбареев.

Очекувањата на децата и родителите, додава тој, на почетокот беа насочени многу повеќе кон средбата со Биби и нејзиното присуство. Но, со текот на времето најголемиот број деца сфаќаа дека Образовниот центар „Бибиверзум“ има нагласено воспитно-образовна цел со помош на главните ликови од „Светот на Биби“, чија главна карактеристика е реализација на целите што сакаме да ги постигнеме (според планот и програмата за работа). Искуствата од првата фаза биле многу големи и корисни за целиот тим, впечатоците и коментарите се навистина позитивни, а направени се и разговори и со децата и со родителите. Освен тоа, направена е и интерна евалуација и од децата и од родителите за концептот и програмата во целост.

– „Бибиверзум“ има своја филозофија за тоа кој може да биде наставник и кој треба да работи со децата. Нашата цел се наставници во кои трпението, разбирањето, природниот авторитет, духовитоста, фантазијата, како и почитувањето на детето се особините преку кои децата ќе учат. Нашата цел е да ги учиме децата како да мислат, а не што да мислат; да истражуваат; да се сомневаат; да прашуваат; да комуницираат; да прават грешки и да учат од сопствените грешки; и најважното – да им биде убаво и забавно додека учат и престојуваат во „Бибиверзумот“. Јас лично како човек кој силно верува во образованието и важноста од најрана детска возраст да се започне со планирани активности од повеќе подрачја, задоволен сум од оваа пилот-фаза. Целта е на децата да им е убаво додека престојуваат во „Бибиверзум“, да им биде средината стимулативна и да имаат наставници кои ќе ги инспирираат и мотивираат за длабинско учење, но и да се има квалитетен дидактички материјал. Овие три клучни фактори за успех ги има образовниот центар „Бибиверзум“. Проектот продолжува, во фаза е изборот на наставници и воспитувачи кои ќе му дадат уште поголем поттик и квалитет на проектот – додава професорот.

Наставникот Мартин Поповски топло им препорачува на родителите да ги запишат своите деца во „Бибиверзум“ ако сакаат еднаш во неделата тие да поминат квалитетно време во едукација и забава.
– Во првата фаза наставата се одвиваше секој работен ден од понеделник до петок со времетраење од 90 минути. Децата беа поделени во групи и во секоја група учествуваа од 6 до 8 деца. Тие беа на возраст од пет до седум години. Во текот на овој период ги проширивме знаењата за мајчиниот јазик, нашиот Сончев Систем, зачекоривме во светот на уметноста: цртавме, сликавме, моделиравме, танцувавме, глумевме, пеевме, правевме интересни експерименти во ,,Лабораторијата на Биби“, секојдневно преку поучни приказни учевме за позитивните човечки особини и вистинските животни вредности. Наша цел е да бидеме креативни, а не помалку важен е и срдечниот и пријателски однос кон децата. На големо изненадување кај децата, Биби се јавуваше во текот на активностите да „провери“ како ни течат активностите – вели наставникот Мартин.

Програмата, која ја изработи наставниот тим, беше реализирана во целост на доста креативен и забавен начин.
– Децата со нетрпение очекуваа да дојдат во „Бибиверзумот“, да почне часот и со прегратка се поздравувавме до следниот час, до следното видување. Уште од самиот почеток наидовме на позитивна реакција кај родителите. Тие ја препознаа нашата посветеност, улогата на Биби како дел од семејството и улогата на образовниот центар – додава Мартин.



912

X