Здравје

Проблемите со видот да се решаваат уште на рана детска возраст

Секое дете би требало да оди на офталмолошки преглед до третата година. При секој сомнеж за послаб вид на детето или бегање на окото, прегледот не смее да се одложи, без оглед на возраста на детето и дали тоа соработува

Секое дете би требало да оди на офталмолошки преглед до третата година. Притоа се мисли на здрави деца кај кои не се забележани тегоби со видот или бегање на окото. При секој сомнеж за послаб вид на детето или бегање на окото, прегледот мора да биде задолжителен, без оглед на возраста на детето или дали тоа соработува. Повеќето деца кај кои се дијагностицира рефракциска грешка или страбизам имаат позитивна фамилијарна анамнеза, а тоа значи дека ако во семејството постои страбизам, слабовидност, висока диоптрија или различни офталмолошки болести, детето треба да оди на преглед, без оглед на манифестацијата на симптомите.

Важна е едукацијата на родителите и на воспитувачите во градинка

Прегледот и тестовите се приспособени на возраста на детето, па прегледот при појавата на првите знаци на бегање на окото е неопходен и неодложлив. Затоа е важна едукацијата на родителите, а и на воспитувачите во градинките, па и на сиот медицински персонал што доаѓа во контакт со детето. Притоа возраста на детето не е важна и ниедно дете не е премало за преглед од офталмолог.

Основниот офталмолошки преглед опфаќа земање ортоптички статус со тестови на бинокуларниот и стереовидот, утврдување на видната острина и на периферниот вид, и комплетен преглед на предниот и задниот сегмент на окото, задолжително ширење на зениците и одредување на објективната рефракција со скијаскопија. Прегледите се повторуваат во повеќе наврати, особено по поставувањето на дијагнозата за да се добие што поточна слика на функцијата на видот. Една од придружните појави на страбизмот е исклучување на окото што бега, при што се развива слабовидност, односно мрзливо око. Страбизмот на детска возраст често е последица на некоригирани рефракциски грешки и главно се јавува како последица на делековидноста. Бидејќи децата имаат засилена способност на акомодација, далековидното око бега кон носот.

Основната цел на лекувањето на страбизмот кај децата е навремено поставување на дијагнозата, исправување на рефракциските грешки со оптичко помагало, започнување плеоптички третман, па ако е потребно, покрај наведеното конзервативно лекување може да се изврши и оперативен зафат за да се овозможи бинокуларност и развој на стереовидот. Затоа е исклучително важно навреме да се однесе детето на офталмолошки преглед за да се одреди рефракциската грешка и на детето да му се дадат очила кои е треба постојано да ги носи.

Со оглед на тоа дека периодот на развој на видот трае до третата година од животот, а завршува речиси до тргнувањето на училиште, многу е важно рефракциската грешка и страбизмот да се дијагностицираат што порано за навреме да почне лекувањето, во смисла на корекција на рефракциската грешка со оптичко помагало, па да се започне плеоптички третман на затворање на подоброто око при слабовидност. Лекувањето на слабовидноста е долготрајно и потребен е секојдневен ангажман од родителите.

Што значи кога на детето му бега окото?

Страбизмот е нарушување на подвижноста и положбата на очите. Кога окото бега, визуелните оски не се порамнети и сликата не е единечна, односно мозокот се користи само со сликата од едното око, кое станува водечко. Со оглед на тоа дека исклучувањето на едното око е невроадаптациски механизам со кој се спречува појавата на двојна слика, окото кое се супримира станува слабовидно, односно мрзливо. Страбизмот може да предизвика нарушување во развојот на бинокуларноста и стереовидот. Со усогласени и конјугирани движења на очите се постигнува совршена соработка на двете очи, а тоа го викаме бинокуларен вид, односно гледање со двете очи, при што две поединечно перципирани слики во мозокот се соединуваат како една.

Како да забележите дека детето послабо гледа?

Ако острината на видот е намалена на двете очи, детето јасно покажува знаци на послаб вид, на пр., ја приближува книгата, гледа телевизија од многу блиску или ги стиска очите и постојано трепка при обидот да фокусира оддалечени предмети. Но, ако видот е ослабен само на едното око, родителите и околината не го забележуваат проблемот бидејќи детето се користи со подоброто око. Притоа, мозокот ги презема информациите што доаѓаат од подоброто око, а информациите од другото око се супримираат, а тоа доведува до развој на слабовидност.

Родителите што имаат некаков проблем со видот, рефракциски грешки, слабовидност во нивната или во семејната анамнеза, би требало што порано да го однесат своето дете на преглед за да се направи увид на состојбата на видот и навреме да се постави дијагноза.

Автор: офталмолог Ивана Мравиќиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top