Забележувам криза на мојот час по јазик во осмо одделение и за тоа ја обвинувам онлајн-наставата. Јас сум наставник во основно училиште, а предавам странски јазици. Имаше многу дебати за ефектите од онлајн-наставата за време на карантинот во Мелбурн, Австралија. Сепак, како некој што предава во 2021 година, мислам дека најголем ефект од целата ситуација имаат учениците помеѓу петто и осмо одделение.

Учениците се немотивирани, апатични и се мачат

Моето лично искуство како наставник во онлајн-наставата е позитивно во поголема мера. Имав часови и со нижите и со вишите одделенија, а учениците го поминуваат онлајн-моделот на настава со различни нивоа на успех. Согледав дека учениците од вишите одделенија покажуваат повисоко ниво на зрелост и самомотивација која им овозможуваше да бидат во тек. Две од моите одделенија работеа според распоредот, без регуларните пречки од учебната година. Да, имаше денови кога учениците беа тажни. Сепак, разговорите еден на еден со поголемите ученици даваа впечаток дека голем дел од нив дури и уживаат во онлајн-моделот, па и се развиваа. Бев среќна што добивам е-пошта од полуматурантите од 2020, кои ми даваа до знаење каде ќе го продолжат образованието.

Брзо премотување до февруари 2021.

Имам часови со осмоодделенците пред мене. Како што поминувам низ првите неколку недели, гледам каде е уништена онлајн-наставата. Учениците пред мене се немотивирани, апатични и се мачат. Се обидувам да дадам сè од себе за да им внесам ентузијазам, но има значителни празнини во знаењето, а тие изгледаат како да се предале уште пред да започнеме. Мојата теорија е дека овие ученици се вклучувале на онлајн-наставата, но биле пасивни. Освен ако не било конкретно барано од нив да направат нешто, тие ги гледале лекциите, но воопшто не се вклучувале и не следеле.

Тоа не е вина ниту нивна, ниту на родителите, ниту на наставниците. Седмоодделенците од 2020 година, сè уште се обидуваат да си ги најдат своите социјални групи – ја немаат зрелоста да можат самите да се мотивираат на часовите следени од дома. Родителите ги проверуваат, гледаат како нивното дете зјапа во екранот и претпоставуваат дека е сконцентрирано на задачите. Сепак, со телефоните блиску до нив, како може да останат вклучени во текот на целата лекција без да биде побарано од нив да придонесат нешто?

Како студент на универзитет, се мачев да следам онлајн-лекции без да ми се одзема вниманието од нешто што се случуваше дома. Каква шанса, пак, има 12-годишно дете? Се обидов со неколку различни техники да ги вклучам учениците. Користевме гугл-алатки, онлајн-квизови и слични активности за вклучување. Но, сè уште имаше ученици кои не можеа, не сакаа или едноставно не се вклучуваа. Онлајн-наставата бара од учениците да бидат активни, но оние што останаа пасивни, се мачеа со напредувањето.

Се надевам дека наставниците даваат сè од себе со своите ученици што следат онлајн-настава. Тие заслужуваат свеж почеток, како и наставниците што ги препознаваат предизвиците од 2020 и кои веруваат во нив.

Автор: Ени Канингам

Извор



912

X