Родителот од 21 век си поставува многу прашања, секој ден. Децата што ги одгледуваме денес не може да се воспитуваат исто како што тоа се правело со генерациите од 80-тите или 90-тите години. Бидејќи светот кој тогаш постоел, повеќе не постои, ниту оној што го подготвуваме за децата ќе биде ист како овој во кој живееме денес. Дали родителството е наука или е доволен инстинктот? Дали нашите мајки знаеле подобро од нас денес? Како во морето од информации достапни на различните портали да ги раздвоиме погрешните од вистинските?

Одговорите на овие прашања ги дава Ана Пешикан, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Белград, на катедрата за психологија.

– Во родителството има наука, има здрав разум, има интересирање, посветеност, многу промислување, но и искуства – вели таа. Како пример за здраво влијание на науката врз родителството се наведува и ставот кон левучарството, кое некогаш кај децата се исправало бидејќи родителите го сметале за проблем во развојот. Тоа, се разбира, било голема грешка, а благодарение на науката, родителите денес разбираат дека левучарството не е никакво нарушување.

– Науката помага некои практики да се променат, на пример, левучарството дека не е проблем во развојот и дека не треба на децата присилно да им се менува користењето на левата рака за десната, бидејќи, од една страна, нема потреба за тоа, а од друга, последиците се лоши, не само психолошки, туку и невролошки гледано. Па така, науката, сознанијата од научните истражувања се добредојдени во родителството како и во другите области, со тоа што треба разумно да се користат и, пред сѐ, родителите да имаат развиено критичко мислење и да не прифаќаат сѐ здраво за готово – објаснува проф. Пешикан.

Таа, сепак, ги предупредува родителите да им пристапуваат на информациите критички и да не веруваат баш во сѐ што ќе прочитаат.

– За жал, на интернет, во медиумите можете да најдете секакви совети, теории, ставови, но клучното прашање е како ќе препознаете сигурна и проверена информација. Нивното на образование не е секогаш предност кај родителите, па потребен е и здрав разум и сослушување на другата страна, искуството на генерациите. Се шегуваме со некои работи што ги правеле нашите мајки и баби – жените повеќе се занимавале со децата – но, нивното искуство и практика претставуваат емпириски сознанија проверени преку повеќе генерации. Едно прашање е доминантниот модел на воспитување – патријархалниот, а друг е посветеното занимавање со родителската улога. Во тоа посветено занимавање не мислам на квантитет, туку на квалитетот на комуникацијата родител-дете“ – објаснува таа и додава дека не е ретко родителите да ги затрупуваат децата со различни играчки, дигитални уреди, телевизиски програми во издвоена детска соба каде што има сѐ, освен родителите.

Таа нагласува дека е помалку важно колку време сме поминале со детето од тоа како сме го искористиле тоа време и колку навистина сме биле присутни. И иако играчките се многу важни за развојот на децата, играњето и комуникацијата со родителите, другите социјални суштества, се многу поважни.

– Знаеме дека родителите работат, имаат многу работа, немаат време да им се посветат на децата, но повторно зборувам за квалитетното време, а не за многу време поминато заедно – потсетува професорката.

Бидете со детето, а не покрај него

– Прво и клучно е со детето да сте вклучени во одредени активности, а не покрај него. Додека завршувате различни обврски, на пример, ја делите облеката за перење, миете садови, ги земате садовите од машината, поправате нешто во домот или нешто слично што не е ризична ситуација, имате одлична можност да го вклучите детето, без разлика на возраста. Да го вклучите значи да го пуштите детето да учествува во вашата активност на некој начин, да му доделите безбедни активности и што е најважно – да разговарате со него за она што го работите – да коментирате, објаснувате, зборувате, одговарате на прашања, заедно да проценувате и слично – објаснува професорката.

Осамостојување на детето

Проф. Пешикан нѐ потсетува и дека некогаш децата учествувале во сите клучни задачи на своето семејство бидејќи повеќето од тие работи биле врзани за домаќинството. Децата така учеле различни работи, но и работеле на социјалното опкружување. Денешните родители се под голем притисок од различни страни, го посакуваат најдоброто за детето, но често немаат нерви, ниту време за да се занимаваат со детето.

– Погледнете го носењето пелени или користењето цуцла. Тука нашите мајки и баби биле многу попаметни и многу подобро го поттикнувале развојот на детето, неговото созревање, самостојност со рано одвикнување од пелени и цуцли. Долгото користење цуцла (или цицање на прстот) има негативни ефекти врз развојот на детето, може да предизвика проблем со чистото изговарање на гласовите, но има негативни и психолошки ефекти, на пример, влијае врз емоционалниот развој. Едно е утеха, ситуациско користење со постепено одвикнување, а друго е кога сте создале несигурно дете – истакнува д-р Пешикан.

Извор



912

X