Дефиниција за пробиотици

Пробиотиците се дефинираат како живи непатогени микроорганизми кои имаат корисен ефект врз микробниот баланс на цревата.

Според Светската здравствена организација, пробиотиците се дефинираат како живи непатогени микроорганизми кои кога се администрираат во соодветна количина, придонесуваат здравствен бенефит за домаќинот.
Историјата на пробиотиците датира уште пред неколку века, кога луѓето консумирале ферментирано млеко за нивно подобро здравје.
Во далечната 1899 год Хенри Теслер од Pauster Isntitute – Paris ги откри бифидобактериите во интестиналниот тракт на доенчињата кои биле хранети со мајчино млеко, така што тој има забележано дека тие деца имаат и помала инциденца на дијареални епизоди.

Kако пробиотиците му помагаат на организмот и зошто се толку важни особено во детската возраст?

Пробиотиците имаат имуномодулаторно дејство и во нивниот начин на дејствување се вклучени повеќе механизми. Tие се прицврстуваат за ресичките на цревната слузница, со што спречуваат атхезија на патогените бактерии, ослободуваат млечна киселина, пропионска киселина, кои ја намалуваат PH на цревната средина, а тоа промовира инхибција на растот на патогени бактерии. Ова е особено битно во новороденечкиот период затоа што новороденчињата имаат таканаречен стерилен ГИТ и цревната колонизација со корисни бактерии е неопходна за воспоставување на мукозната бариера, созревање на имунолошкиот систем и спречување инфекции со ентерични патогени.

Цревната колонизација во тек на новороденечкиот период

Kај новороденчињата постојат многу фактори од кои зависи воспоставувањето на нормалната микрофлора и тука би ги наброил: начинот на раѓање (природен пат/sectio cesarea), начинот на исхрана (доење/адаптирана формула), генските фактори, социјалниот статус итн. Значи, новороденечкиот и раниот доенечки период се клучни периоди кога воспоставувањето на бариерата на гастроинтестионалниот тракт, односно гастроинтестионалниот микробиом спречуваат предоминација на патогените бактерии и обезбедуваат одржување на балансиран развој на имунолошкиот систем.

Пребиотици

Пребиотиците се (нутриенти на пробиотици) супстанции кои стимулираат раст и развој на некои пробиотични бактерии. Тие се во форма на олигосахариди и нивното присуство во дигестивниот тракт ја подобруваат пролиферацијата на одредени пробиотски бактерии, како што се бифидобактериите. Може да бидат во форма на фруктоолигосахариди, инулин, галактоолигосахариди итн. и може да се користат посебно или во комбинација со пробиотиците како симбиотици.

Индикации за употреба на пробиотици

Употреба на прoбиотици кај новороденчиња и доенчиња се разликува кај постари деца и возрасни затоа што новороденчињата и доенчињата не се возрасни во минијатура. Tиe се специфична категорија кои пријавуваат специфични состојби. Инфантилните колики се една од честите појави кај околу 20 % од малите доенчиња и се претпоставува дека дисбиозата веројатно е дел од патофизиолошките механизми. Регургитацијата на храна, гастроинтестиналниот рефлукс, опстипацијата итн. се исто така состојби кои се јавуваат во овој период од животот и употребата на пробиотиците е корисна за ублажување на симптомите.
Некои неодамнешни студии за придобивките на употребата на пробиотиците кај новороденчињата и доенчињата укажуваат на тоа дека постои и здравствена и финансиска придобивка, затоа што со нивна употреба бебињата имаат помалку колики, имаат по малку опстипација, помалку плачат, повеќе спијат и помалку бараат лекарска помош.


Од друга страна, употребата на пробиотицитe кај поголеми деца е исто така со голем бенефит, а за тоа постојат повеќе истражувања кои укажуваат дека тие помагаaт при антибиотик асоцирани дијареи, акутни гастроентерити, намалување на зачестеноста на респираторни инфекции, контрола на егзема, астма, алергии на храна итн.
Од сето горенаведеното се појавува прашањето кои се тие “friendly bacteria” кои толку многу му помагаат на нашиот организам?
Најчесто употребувани пробиотици се од групата на Lactobacillus и Bifidobacterium.

Bifidobacterium infantis, Bifidobacterium bifidum, Lactobacilus helveticus, Lactobacilus rahmnosus.

Bifidobacterium infantis e вид бактерија која е нормален жител во усната празнина и гастроинтестиналниот тракт и како таква придонесува за да се одржи здрав гастроинтестинален тракт.
Но, што велат истражувањата во врска со овие „добри бактерии“?
Во случај на одредени здравствени состојби, како што е синдром на иритабилно црево (IBS) B. infantis во комбинација со Lactobacilus helveticus помагаaт во намалување на симптомите, намалување на надуеност на стомакот и болката.

Како заклучок би навел дека пробиотиците во комбинација со пребиотиците придонесуваат за намалување на симптомите на инфантилни колики кај новороденчињата и малите доенчиња, особено се битни кај прематурните новороденчиња, новороденчињата родени со section cesarea, гo зајакнуваат имунитетот кај деца со атописка конституција, зголемуваат специфичен имунолошки одговор и што е најважно, одржуваат рамнотежа на ГИТ микробиота.

Автор: прим. д-р Абдулхади Шишко, педијатар



912

X