Како педијатар, родителите често ме прашуваат за пробиотиците и нивната правилна употреба. Затоа ќе објаснам и за нив, но и за најчестите гастроинтестинални проблеми налето, вели д-р Драгана Емел-Маркоска
Повраќање и пролив кај децата се еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат и тие и родителите во текот на летниот период. Предизвикани се од нарушување на гастроинтестиналниот систем кај децата, еден од најголемите системи во нашиот организам, кој започнува со устата и завршува со дебелото црево. Правилната исхрана, употребата на пробиотици, пребиотици, цинк и правилна хидратација се клучни за брзо закрепнување, стабилизрање на состојбата и спречување компликации.
Како педијатар, родителите често ме прашуваат за пробиотиците и нивната правилна употреба. Затоа ќе го објаснам она што родителите треба да го знаат за нив, но и за најчестите гастроинтестинални проблеми налето.
Д-р Драгана Емел-Маркоска
Добри бактерии и добар имунитет
Функциите во кои учествува гастроинтестиналниот систем се:
– Варење на храната
– Имунолошка одбрана на организмот
– Ресорпција на хранливи материи
– Елиминација на токсичните материи
За да ги врши сите овие функции, гастроинтестиналниот систем е неопходно да биде населен со таканаречени добри бактерии кои започнуваат да ја формираат детската цревна микрофлора или микорбиота.
Првите неколку години од развојот на детето се клучни за развој на здрава цревна микрофлора (микробиота), која е услов за понатамошниот развој на добриот имунитет на детето.
Добрите бактерии, кои се нормален жител на цревната флора, не дозволуваат раст и развој на лоши бактерии и развој на вируси кои би можеле да го нарушат детското здравје.
Кога се најефикасни пробиотици?
Правилниот раст и развој на цревна флора зависи од повеќе фактори, меѓу кои се употребата на пробиотици (доколку има потреба од тоа), храна богата со пробиотици, пребиотици, витамин Ц и цинк.
Пробиотиците се живи бактерии, кои се природни жители на цревниот тракт. Кога се консумираат во адекватна количина, тие придонесуваат за нормално функционирање на органите за варење и за правилна работа на имунолошкиот систем. Пробиотиците може да се најдат во храна која содржи млечни ферментирани култури, како што се јогурт, кефир, кисело млеко, а достапни се и како додатоци во исхраната во вид на суплементи.
Двете најголеми групи пробиотици што ја населуваат цревната флора се Lactobacillus acidophilus и Bifidobacterium lactis. Воедно тие се и најиспитувана група на пробиотски бактерии и со испитувања е докажана нивната ефикасност и безбедна примена кај децата.
Овие пробиотици се најефикасни кога се даваат во комбинација со:
Пребиотици – тоа се нерастворлви растителни влакна кои го поттикнуваат растот и развојот на добрите бактерии и ја подобруваат работата на цревниот тракт.
Цинк – постојат неколку механизми со кои цинкот влијае врз гастроинтестиналниот тракт: го обновува интегритетот на мукозната мембрана и на ентероцитната четковидна страна која е задолжена за ензимската активност, го поттикнува создавањето на антитела и циркулирачки лимфоцити и има влијание врз јонските канали, со што се намалува ризикот од настанување дехидратација при состојби на дијареја и повраќање.
Витамин Ц – го зајакнува имунолошкиот систем и ги намалува симптомите на замор и исцрпеност при состојби на повраќање и дијареја.
Заедно со пребиотикот (инулин), цинкот и витаминот Ц, Lactobacillus acidophilus и Bifidobacterium lactisго го потикнуваат растот и активноста на добрите бактерии, епителната регенерација на цревната слузница, ја нормализираат функцијата на цревата, а исто така ја поттикнуваат и зајакнуваат функцијата на имунолошкиот систем.
Кои се најчестите гастроинтестинални проблеми?
Во летните месеци најчестите проблеми со кои се среќаваат децата, а и нивните родители се оние предизвикани од нарушување на функциите на гастроинтестиналниот тракт.
Најчести симптоми со кои се манифестираат овие нарушувања се дијареја и повраќање.
Повраќањето е почест проблем кај децата отколку кај возрасните затоа што кај децата сè уште се развива имунолошкиот систем, кој не е толку отпорен на вирусни инфекции. Најчеста причина за појава на повраќање е цревната вироза кај децата која е предизвикана најчесто од ротавирус, норовирус или аденовирус. Повраќањето може да има и бактериско потекло, а може да биде и симптом на некои други органски нарушувања.
Понекогаш може да биде и корисно, особено кога организмот има потреба да исфрли од себе потенцијални токсини. Во такви случаи телото го активира повраќањето, но овој пат како заштитен механизам. Вообичаено се појавува одеднаш и одеднаш престанува, во рок од 24 до 48 часа. Повременото повраќање е нормална појава, но ако детето поврати сè што ќе изеде, неколку пати по ред без никакво смирување на состојбата, може да настане дехидратација.
Најчесто повраќањето кое е во рамките на вироза се јавува заедно со дијареја.
Дијареја или пролив е појава која се манифестира со повеќе од 3 течни столици во рок од 24 часа. Особено е важна конзистенцијата на столица, а не бројот на столиците. Чести, но добро формирани столици НЕ се сметаат за пролив. Осебено ова важи за доенечкиот период. Децата што се на доење може да имаат многубројни столици, но сепак да не се смета дека е пролив.
Најчести предизвикувачи на дијареја се вируси (ротавирус, норовирус, аденовирус), бактерии (E. Coli, Shigella, Salmonella, Campylobakterjejuni) и протозои.
Како и поради што се пренесуваат предизвикувачите на инфекции?
Најчест начин за пренос на овие инфекции е феко-оралниот пат, тоа подразбира внес на загадена вода или храна или директно преку загадени раце и предмети. Ризичното однесување во голема мера може да придонесе за пренесување на инфективните предизвикувачи, како на пример неадекватно ракување со прибор за хранење на детето, неадекватно чување на претходно подготвена храна, употреба на загадена вода за пиење, лоша лична хигиена, нехигиенско одложување на фекалии и сл.
Освен инфективни причини, дијареја може да се појави и при интоксикација со храна каде што се развиени бактериски токсини, неподнесување одреден тип храна, неадекватна и долга употреба на антибиотици, со што ќе се уништи нормалната микрофлора на цревата, патничка дијареја или при прекумерна/несоодветна употреба на лаксативи и сл.
Најчест клинички облик е акутната воденеста дијареја која може да трае помалку од 7, а најдолго до 14 дена. Се манифестира со зачестени, кашести или воденести столици, без видливи траги на крв. Може да се јави и мачнина, гадење, повраќање и покачена температура.
Во лекувањето на овие состојби се препорачува употреба на пробитици, диета, електролити и доколку има потреба, и антипиретици. Антибиотици се употребуваат само доколку се утврди бактериска природа на болеста.
Правилната исхрана за време на дијарејата, употребата на пробиотици, пребиотици, цинк и правилна хидратација се клуч за брзо закрепнување, стабилизирање на состојбата и спречување компликации.
Патничка дијареја
Ова е состојба која се појавува кога местото каде што одиме или се наоѓаме е различно од дома, каде што хигиенско-диететските услови се различни, водата не е за пиење и сл.
За да се заштитиме, најдобро е да се придржуваме до мерките кои ни ги посочуваат домаќините и секако лекарите и да започнеме да земаме пробиотици и пребиотици 3 дена пред, за време на престојот и 3 дена по враќањето, со цел да си ја зачуваме својата микрофлора интактна и функционална.
Дијареја предизвикана од употреба на антибиотици
Oва е состојба која не се јавува често, но сепак при долготрајна или агресивна употреба на антибиотици ќе дојде до нарушување на нашата микрофлора. Токму поради тоа, речиси е задолжително со употреба на антибиотиците да се употребуваат и пробиотици, како и пребиотици со цел поттикнување на растот на нашата веќе уништена микрофлора, но и населување на нови колонии на цревни бактерии.
Кога треба да се земе пробиотикот ако се пие антибиотик?
Доколку се прима антибиотик, имајќи предвид дека пробиотиците се добри бактерии, се советува нивна примена заедно со пребиотикот два часа по или пред антибиотикот, со цел антибиотикот да не дејствува и на нив.
Автор: д-р Драгана Емел-Маркоска, педијатар
912