Кога ќерката на Кејт Данкин имала пет години и почнала да учествува во натпреварувачка програма за танцување, таа се радувала за неа – можела да види дека се забавува и ѝ било мило што девојчето преку физички активности ја исфрла својата енергија. Но, можела да забележи и анксиозност. Кога учителот почнал да доделува дневни вежби како домашна задача, тоа не помогнало. Данкин помислила дека вежбите се премногу комплицирани за соодветно да се извршуваат дома, па ги прескокнале. Кога учителот им ги доделил наградите на сите деца што ги спроведувале вежбите, а ќерката на Данкин не добила, таа плачела, а нејзината анксиозност била сè поголема.

– Почна да има кошмари, да ја чеша кожата – вели Данкин. Зборувале за анксиозноста и разочарувањето, но не помогнало. Потоа, кога девојчето било на пауза од танцувањето во текот на празниците, Данкин забележала промени кај неа.

– Беше поопуштена, навиката за чешање на кожата се смири, спиеше подобро и сфативме дека треба да се соземеме. Можев да увидам колку девојчето било под стрес, а кон тоа најмногу придонесувале часовите по танцување – вели таа.
Дункин раскажува дека била затечена од притисокот од модерното родителство и осигурувањето дека нејзината ќерка има некое хоби на кое таа е горда.

– Мислев дека таа е прекрасна танчарка, па треба да ѝ го дадам најдоброто. Тоа ќе биде нејзината работа, со која се чувствува одлично. Но, очигледно е дека не се чувствувала така! -вели Кејт.

„Има експоненцијална промена во однос на нашиот животен стил. Нашата култура сега ни наметнува огромен притисок врз нашите деца за тие да создаваат и постигнуваат нешто“, вели Мишел Камболис, терапевт за деца и семејства од Ванкувер. Ваквиот тип стрес има големо влијание врз децата – Американската национална академија на науки, инженерство и медицина неодамна ги додаде децата од училишта со високи постигнувања – оние со високи стандардизирани поени на тестови, повеќе дипломирани што одат во престижни школи и повеќе академски можности – на листата со висок ризик. Тоа значи дека како и децата што живеат во сиромаштија и оние со осудени родители, тие се поризични во однос на менталното здравје и проблеми со однесувањето, како депресија, анксиозност и злоупотреба на супстанции. Наместо да бидат заштитени од неуспех, на овие деца може да им е полошо отколку на оние што одат во училишта во кои нема толкав притисок врз учениците.

Не се само училиштата – и родителите ги засилуваат тие очекувања дома, па тоа е нешто што се нарекува „родителство со висок притисок“. Националната академија препорачува родителите да бидат внимателни дома, уште од почетокот на раното детство, наместо да бидат премногу насочени кон градење на биографијата на детето. Дури и малите деца сега имаат премногу натпреварувачки дух и многу се хиперсвесни за тоа. Камболис вели дека таа гледа деца во нејзината практика кои се во прво и второ одделение, а веќе се загрижени што нивните пријатели се поуспешни од нив, или пак сметаат дека нема да одат на универзитет. Па како родителите да го намалат високиот притисок кој го чувствуваат и им го наметнуваат на децата, а сепак да ги охрабруваат во своите активности? Ова се шест начини за да се започне со тоа:

Повторно размислете за распоредот

Погрижете се на децата да им бидат задоволени основните потреби – доволно спиење (на училишни деца им треба 9 до 11 часа на ноќ) и квалитетна исхрана, за да се справат со анксиозните чувства. Исто така, на децата им е потребен час или два слободно време за игра, секој ден, вели Камболис – а во тие часови не е вклучено времето поминато пред екран. Неструктурираната игра всушност го менува мозокот на детето, поттикнувајќи го развојот на префронталниот кортекс, кој помага во решавањето на проблемите и емоционалната регулација.

Откако Данкин видела колку ѝ е подобро на ќерката без стрес, таа го променила распоредот. „Тоа навистина ни го смени животот. Сега велиме – не – на повеќе часови. Викендите се за семејството. А јас станав некако позаштитнички настроена на детството на моите деца“, вели Данкин.

Прифатете го поразот

„Родителите деновиве не сакаат да им го остават на децата потребниот простор за да згрешат и да учат од своите грешки“, вели Алекс Расел, клинички психолог во Торонто, кој работи и со деца и со возрасни. Ако детето ја надминало возраста кога треба да споделува, но избира да не споделува со друго дете на игралиште, на пример, а тоа дете престанува да игра со него, тогаш оставете ги работите така. Ако го терате сосила да споделува, наместо да научи дека тоа што го прави е лошо и дека лоши работи се случуваат, детето учи дека – кога правам лоши работи, мама полудува – па, така наместо да учи како самото да се справува во светот, тоа учи како да се справува со мама“.

Друг начин за да се направи ова е полека да му се дава на детето поголема слобода за мали одлуки, а со тоа и повеќе шанси за неуспех. Дете на возраст од 4 или 5 години може да одлучи дали треба наеднаш да ги изеде слатките или не. Дете во шесто одделение може да одлучи колку време му е потребно за учење за тест. Тоа им помага да развиваат адаптибилна анксиозност – анксиозност која помага во мотивацијата за постигнување на целите.

Фокусирајте се на нематеријалното

„Во 50-тите и 60-тите години на минатиот век најмногу се вреднуваа врските, поврзаноста, нашите вредности и спиритуалноста. Сега нашето чувство за вредност се врти околу тоа колку сме славни и познати, нашите достигнувања, колку пари имаме и колку допаѓања имаме на Инстаграм“, вели Камболис. Сето тоа се пренесе и на децата, кои добиваат пофалби за оценките и слично. Но, тоа доведува и до страв дека ако престанат да бележат достигнувања на тоа ниво, сите ќе престанат да ги вреднуваат. Наместо тоа, зборувајте со децата за нивниот карактер: упатете пофалба за вредната работа, на тоа што се сочувствителни, што се грижат за земјата и животните, што се љубезни кон пријателите и што се креативни. „Тоа е суптилно, но е фундаментално“, додава Камболис.

Избегнувајте црно-бело размислување

Малите деца секогаш се плашат да пробаат нови работи, од часови по пливање до одење на камп. Додека родителите од претходните генерации ги форсираат децата да прават работи од кои се плашат, модерните родители се насочија во друг правец и ги оттргнуваат децата од стресните ситуации. Но, тоа значи дека никогаш нема да научат да се чувствуваат добро кога ќе доживеат нешто ново. Постои подобар начин за реагирање. Започнете со емпатија кон нивните чувства, без разлика колку глупаво тоа ви изгледа. Помогнете им да направат пауза и да зборуваат за чувствата. Потоа, обидете се со смирувачка стратегија, како длабоко дишење, заедно со вас. Откако ќе се смират, распределете ја задачата на помали чекори. Ако детето се плаши од часовите по пливање, на пример, може првата недела да го следи часот, а втората недела да стои со нозете во вода.

Размислете и за стручна помош

Ако имате тешкотии да ги сфатите пораките на модерното родителство или да откриете како да се справите со големите чувства на децата, можеби ви се потребни часови по родителство – многу од нив се достапни во јавните здравствени програми (бесплатно). „Сите родители се обидуваат да го направат најдоброто за своето дете со ресурсите и алатките што им се на располагање“, вели Венди О’Конел Смит, социјален работник и координатор на родителски програми во семејните центри во Отава. Тие часови им даваат повеќе опции на родителите. Ако вашето дете навистина се бори со анксиозност повеќе од две недели, ако ја пропушта наставата, има физички симптоми како главоболка, тогаш е време да зборувате со лекар и да видите дали има нешто дополнително што се случува со детето.

– Анксиозните нарушувања се најчестото нарушување на менталното здравје – но и најмногу се третираат. И тие речиси секогаш започнуваат во детството – вели Камболис

Изградете врска

Основата што ја имаат среќните деца е силната врска со оние што се грижат за нив, вели О’Конел Смит. Децата што се чувствуваат блиски со своите родители знаат дека домот е безбедно место каде што може да го намалат стресот – и дека не се сами со своите проблеми. Еден начин за да се изгради врската е да се поминува заедничко време секојдневно без да се користат екраните.

– Спуштете го телефонот и поврзете се со своите деца. Тие сакаат да бидеме присутни, па многу е поважно да се приврзуваме со нив отколку да седиме на телефон. Треба исто така да се забележуваат сопствените нивоа на анксиозност – особено кога вашето дете се бори со нешто. Децата многу нешта присвојуваат од родителите, па ако сакате да им помогнете, а самите вие сте избезумени, тогаш децата уште повеќе ќе се вознемират – вели Смит.

Ако ги оставите децата да се соочат со неуспехот, тоа може нема да ви донесе лајкови на „Инстаграм“, но вреди да се спротивставите на новата култура која ги тера децата да постигнуваат премногу, а родителите да бидат тие што управуваат со нив зад „сцената“.

Автор: Ванеса Милн



912

X