Има сѐ повеќе докази дека децата, пред и по раѓањето, ја доживуваат музиката на ист начин како и најстрасните слушатели на концерти, пишува Дон Кембел во популарната книга „Ефектот на Моцарт“ и продолжува: Во еден експеримент спроведен во средината на 80-тите години психолозите од медицинскиот центар на Пацификот во Сан Франциско откриле дека песните „Twinkle, Twinkle Little Star“ (мелодијата што го инспирираше Моцарт да состави серија варијации) и „Hickory, Dickory, Dock“ спречувале плачење кај хоспитализирани деца.
Детски песнички за побрзо заздравување
Во студијата спроведена во Регионалниот медицински центар Талахаси во Флорида, во која биле надгледувани 52 предвремено родени бебиња и бебиња со мала тежина, истражувачот открил дека 60 минути вокална музика, вклучувајќи приспивни песни и детски рими, го скратува престојот во болница во просек за 5 дена. Кај групата деца што слушале музика просечното слабеење било исто така околу 50 отсто помалку, јаделе помалку храна, а нивото на стрес им било намалено.
Смирувачки ритам на срцето
Тери Вудфорд, музички продуцент за бендови како што се „Temptations“ и „Тhe Supremes“, составил збирка приспивни песни пред неколку години што вклучувала звук на чукање на човечкото срце и може да се користи за смирување на новороденчињата и малите деца и за подобро спиење. На почетокот им го подарил видеото на вработените во 150 градинки, но и неколку болници го испробале. Во болницата „Хелен Келер“ во Алабама бил спроведен експеримент со 59 новороденчиња и било откриено дека 94 отсто од децата изложени на музика веднаш заспале без шише или цуцла – се вели во книгата „Ефектот на Моцарт“.
Мајките го прават тоа интуитивно
Што прави мајката интуитивно кога треба да го смири и да го заспие своето дете? Таа потпевнува токму затоа што интуитивно знае дека нејзиниот глас ќе помогне да го смири своето дете. Детето го препознава нејзиниот глас, што му дава сигурност, вели музичарката и едукатор на „Киндермузик“ од Хрватска, Маја Лончар. Сите приспивни песни имаат бавно темпо што му помага на детето да се смири. Ако ја користиме лулашката, дополнително го стимулираме вестибуларниот систем кој е погоден за развој на детето и полесно заспивање. Приспивните песни им помагаат на децата да се релаксираат, да развијат музички талент и љубов кон музиката, додава Маја Лончар.

Ритуал за опуштање и поврзување со детето
Сузана Томашовиќ, водич на работилницата „Music Together“, истакнува дека приспивните песни се важни за децата затоа што создаваат ритуал кој е исклучително важен во развојот.
„Детето, иако има потреба од новина и стекнување нови искуства, најдобро расте и се развива преку секојдневните ритуали кои ги знае и со кои се чувствува безбедно. Приспивните песни се важни бидејќи овозможуваат детето и родителот да се поврзат меѓусебно, а и да се поврзат со музиката. Пееме приспивни песни за да ја смириме енергијата по возбудливиот ден поминат во игра, учење, дружење со пријателите и стекнување нови знаења и да го подготвиме детето за одмор и спиење“, заклучува таа.