Воспитување

Приказната на Кобо: 9-годишно девојче се борело против нафтена компанија и победило

Кога латиноамериканската заедница во Лос Анџелес почнала да се бори против нафтената компанија за која тврдела дека ја загадува животната средина, една млада жена во таа борба одиграла клучна улога. Налели Кобо имала 9 години кога почнала да боледува од астма, имала крвавење од носот и главоболки. Тоа било почеток на борбата против активното нафтено извориште лоцирано пред нејзината куќа во јужен Лос Анџелес.

Налели и нејзината мајка набрзо откриле дека се разболеле и некои нивни соседи. Заедницата, која главно се состои од семејства со ниски примања, протестирала додека локацијата не била привремено затворена. Кобо не застанала на тоа. Кога ѝ се придружиле млади активисти и организации, го тужеле градот барајќи построга регулација за извлекувањето нафта. И го добиле спорот. Кривичниот случај против компанијата „Аленко“ и нејзиното управување е во тек.

Тие претходно изјавиле дека вложиле многу пари за да се воведе регулативата. Кобо ја споредуваат со Грета Тунберг, иако нејзиното име е познато во локалната заедница повеќе од 10 години. Кобо паузирала од активизмот на почетокот од 2020 година бидејќи на 19-годишна возраст добила дијагноза канцер. Лекарите не знаат што ја предизвикало болеста. По три операции и медицински третмани, неодамна е прогласена за излечена. Ова е нејзината приказна.

– Пораснав во Универзитетскиот парк во јужноцентрален Лос Анџелес, на 10 метри од нафтена дупка карши улицата во сопственост на компанијата „Аленко“. Живеев со мајка ми, тројца браќа и сестри, баба, прадедо и прабаба, во еден стан. Бевме 8 лица, заедно со мене. Мајка ми е од Мексико, а татко ми од Колумбија. Тој беше депортиран кога имав 3 години и ме одгледуваше мајка ми. Во 2010 имав 9 години. Одеднаш почнав да чувствувам болки во стомакот и мачнина. Почнав да добивам силни спазми во телото и не можев да одам. Мајка ми ме носеше бидејќи се вкочанував. Толку многу ми крвавеше носот, што морав да спијам седечки за во текот на ноќта да не се задушам од сопствената крв. Во сопствениот дом ме труеше тивок убиец. Беше лудо да се гледа не само како тоа влијае врз моето здравје, туку и врз здравјето на сите околу мене, на најразлични начини. Мајка ми доби астма во 40-тата година, што е многу ретко, а баба ми ја доби во 70-тата година, што е уште поретко. Сестра ми имаше проблеми со фриброиди, брат ми доби астма – секој имаше некаков здравствен проблем.

Но, тоа не беше само во моето семејство, туку во поголем дел од нашата заедница. Мајка ми почна да разговара со другите и се прошири приказната дека нешто не е во ред. Можевме тоа да го намирисаме во воздухот. Мирисаше на расипани јајца и еднаш кога тој мирис ќе влезе во домот, не може да се проветри, дури и ако се затворат прозорците, се вклучат вентилаторите и се стават прочистувачи на воздух. Во некои моменти мирисаше на гуава и чоколада. Тоа беа вештачки мириси. На почетокот баравме некакво течење од зградата, сè додека не пронајдовме група токсиколози и ги доведовме да зборуваат со нашата заедница. Тие објаснија дека за извлекување нафта се користат одредени хемикалии и дека нивните емисии може да му наштетат на здравјето на човекот ако долго време сте изложени на нив. Тогаш тоа го поврзавме со влечењето нафта од спротива на улицата. И затоа почнавме да се организираме во заедницата и започнавме кампања „Луѓе, а не позои“ (позои значи нафтени извори на шпански). Поднесовме жалби до одделението за контрола на квалитетот на воздухот и одевме од врата до врата прашувајќи ги луѓето дали имаат желба да ги раскажат своите приказни на седницата на Градскиот совет. Беше многу моќно да се знае дека оваа емигрантска заедница, која зборува шпански и за која никому не му е гајле, доаѓа во Градскиот совет за да се чуе и нејзиниот глас. Ме прашуваа дали сакам да ја кажам својата приказна, а јас користев мали картички со белешки и говорев. Секогаш бев многу срамежлива, но секојпат се чувствував како да сум на свој терен кога говорев во јавност.

„Лос Анџелес тајмс“ напиша текст за нас, па ѝ го привлече вниманието на поранешната сенаторка од Калифорнија, Барбара Боксер. На прес-конференција Боксер донесе истражувачи од Агенцијата за заштита на животната средина. Беа присутни само неколку минути затоа што им беше мака од мирисот. (По локалната и федерална истрага, „Аленко“ се согласи привремено да ја затвори локацијата, а градот Лос Анџелес ја тужеше компанијата во 2016 година и доби судски налог кој од „Аленко“ бара да ги почитува строгите прописи ако сака да продолжи со дупчењето). Бевме среќни кога ова го соопштија, но потребно беше многу време. Сакаме трајно да ја затвориме.

Кога ја почнавме нашата кампања, забележавме дека не сме единствена заедница што почувствувала последици. Има 580 илјади жители на Лос Анџелес кои живеат во пречник од половина километар или помалку од активно нафтено или гасно извориште. Повеќето припаѓаат на заедници на луѓе со обоена кожа со ниски примања. Кога и да одам некаде, говорам за ова и велам дека сум од Лос Анџелес, а луѓето велат: „Ох, па тоа е одлично – Булеварот на славните, Холивуд, славни личности…“ Па, Лос Анџелес е и домот на најголемото урбано нафтено поле во земјата и за тоа не се зборува.

Една сум од коосновачите на Коалицијата за лидерство на млади во јужноцентрален Лос Анџелес и заедно со други организации го тужевме градот во 2015 година за кршење на Калифорнискиот закон за квалитетот на животната средина. Ја добивме таа парница, што значи дека сега постои нов процес на пријава кога се отвораат или прошируваат нафтените изворишта. Иако во меѓувреме се отселив, водам кампања за одредување здравствени и безбедносни тампон-зони помеѓу нафтените извори и училиштата, болниците и парковите. Истовремено, јас сум само обично дете. Опседната сум со шминка, танчарка сум, сакам да патувам и моментално сум на колеџ. Единственото нешто што ме издвојува во однос на врсниците е тоа што страста ја открив многу порано.

Ми дијагностицираа рак на 15 јануари 2020 година. Некое време не зборував за тоа затоа што за мене беше премногу страшен збор. Тоа е збор кој не очекувате да го чуете на толку рана возраст. Мојата мајка и јас се грижевме за болничките трошоци, затоа што морав да одам на операција. Но, имавме среќа да ја постигнеме нашата цел преку кампања за собирање средства. Физички и емотивно, најтешко беше да се помине низ радикална хистеректомија. Ми требаа 6 недели да соберам сила да станам од кревет. Мајка ми мораше да ме бања 6 месеци и морав да пијам цела рака лекови. Мојот онколог сè уште не знае зошто сум добила рак, но успеа преку тестови да одреди дека не бил генетски наследен. Им раскажав каде сум пораснала и ги прашав дали постои некаков тест на животната средина и нејзиното влијание што можам да го направам. Онкологот ми рече дека додека не имаме некои поголеми научни достигнувања, тоа ќе остане необјаснето. Од 18 јануари 2021 година официјално веќе немам рак и сум навистина среќна поради тоа.

Сакам да ја продолжам кариерата како адвокат за човекови права, а потоа да се занимавам со политика. Мојата дефиниција за еколошка правда е можноста да се вдиши чист воздух независно од возраста, полот, етничкото потекло, социо-економскиот статус или поштенски број. Ова е борба да ја заштитам мојата заедница и мојот дом.

Автор: Патрисија Сулбаран Ловера

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top