Пред да се пензионира, татко ми беше продавач и од тоа заработуваше за живот. Продаваше сè, од весници антиквитети, па до хардвери. Тој не беше продавач кој можете да го замислите денес, со паметен телефон в рака кој брза кон следната можност. Тој беше оној тип на продавач од старата школа, оној што на секој повик споделуваше шега и приказна и создаваше пријателства што траеја цел живот.
Моите најубави спомени од татко ми се од моментите кога тој се смееше со пријателите или кога седеше на трпезариската маса раскажувајќи ни приказни. Тоа се приказните на кои најмногу се сеќавам, особено топлината и дарежливоста кои преку нив ги споделуваше.
Многу од моите омилени приказни се вртеа околу белите што татко ми ги предизвикувал како момче, во еден мал јужен град. Како ноќта кога го сменил целиот мебел во дворот на соседите. Но, приказната на која најчесто мислам, онаа што имаше најголемо влијание врз мене, се случила во еден жежок ден во 1947 година, додека татко ми седел и чекал заедно со својот татко, дедо ми Сиднеј, на автобуска станица надвор од Колумбија, Јужна Каролина.
Тоа е приказна што татко ми ја прераскажувал многу пати, често на мое барање.
Дедо Сиднеј седи на дрвена клупа, додека потта полека го навлажнува неговиот темен волнен костум. Татко ми, кој седи до него, е седумгодишно момче со рамна фризура, обична бела маичка и сини фармерки завиткани до глуждовите. Дедо Сиднеј мириса на кафе и лосион за по бричење, го разгледува спортскиот дел од весникот додека автомобил поминува покрај него. Татко ми, барајќи проблеми како и обично, ја истражува околината и наоѓа еден од оние старомодни автомати кои за паричка исфрлаат хартиена чаша, а потоа автоматски ја полнат со мраз и газиран пијалак.
Татко ми добива идеја. Посегнува до тесниот отвор на диспензерот и ја дроби хартиената чаша внатре за да му приреди неуредно изненадување на следниот клиент. Токму кога ќе му се придружи на својот татко на клупата, дедо Сиднеј ладнокрвно го превиткува својот весник и оди до машината за сокови. Срцето на татко ми забрзано чука додека татко му се приближува поблиску до машината.
Дедо Сиднеј ја испушта својата паричка во отворот. Гледа како смачканата чаша се спушта, а потоа стои совршено мирно додека мразот и ладниот газиран пијалак течат над стутканата хартија, распрснувајќи ја течноста низ неговите ногавици и врвовите на чевлите.
Токму тогаш пристигнува автобусот. Дедо Сиднеј нежно го фаќа татко ми за рака, се качува по скалите, седнува на своето место и за целото патување не изговора ниту еден збор.
Татко ми сè уште не знае дали дедо Сиднеј знаел оти тој ја здробил чашата. Инцидентот никогаш не бил споменат, а што се случило тој ден, останува мистерија.

Кога татко ми ја раскажува приказната, секогаш има навестување на солзи во неговите очи. Дали дедо Сиднеј баш ожеднел во тој момент? Дали неговото упатување до автоматот било случајно? Или тој одлучил дека лекцијата што му била потребна на татко ми во тој момент најдобро би му ја пренел во тишина? Татко ми никогаш не го поставил прашањето, а дедо ми починал пред да имам можност да го сретнам и самиот да го прашам. Гледајќи наназад низ годините, неверојатно е колку пати сум размислувал за значењето на оваа приказна.
Кога едно утро го споделив ова со татко ми, тој се насмевна и ми рече: „И јас, Даниел. Сè што можам да ти кажам е дека оттогаш се трудев да не ги кршам чашите на другите луѓе“.
Автор: Д-р Даниел Х. Шапиро