„Морате да пиете вода! Важно е телото да биде хидрирано! Кога ќе почувствувате жед, веќе е доцна!“ Овие и слични изјави ме нападнаа од сите страни. Не дека не пијам вода, пијам, но никогаш не сум знаела колку вода сум испила и дали сум ги достигнала фамозните 2 литра дневно или не сум ниту блиску?

Така збунета, како мајка која не знае колку детето цицало од дојката, ја инсталирам апликацијата која ќе ме потсети да пијам вода на секој час. Беше забавно… првата недела, всушност, првите три дена. Алармот вреска на секој час, психоделичен женски глас повторува: „Дринк вотер! Дринк вотер! Дринк вотер! (Пиј вода)“, сè додека не го притиснам копчето како знак дека ми било дадено до знаење и сум ја испила таа чаша вода.

Баш бев горда на себе таа недела. Таа вели „Дринк во…“, не стигнува дури ни да заврши, а јас веќе сум ја испила дозата и сум го изгасила алармот. Покрај тоа што ме потсетуваше да пијам вода, ме одржуваше во сегашниот момент, јасно давајќи ми до знаење за секој час што поминал во мојот живот. „Пиј вода = уште еден час од твојот живот помина!“ Повеќекратна „придобивка“.

Почна да ме нервира. Да се грижам кога повторно ќе се огласи. На почетокот само ја игнорирав, го притискав копчето и го гасев алармот. Ја измамував дека сум испила вода. Нема да пијам од инает. Затоа што ми наредува на секој час. Е па нема. Два дена уживав во таа игра „Јас, бунтовникот“, а потоа сфатив дека се однесувам како моето дете кое има седум години кога не сака да јаде супа. Стави му залак в уста, па итно мора во тоалет, за потоа да плука во веце-школката.

Одлучив по две недели да се вратам на фабричкото нагодување, во реалните 36 години. Ја бришам апликацијата, го отстранувам гласот кој ми предизвикува нервоза и одлучив да пијам вода онака… кога ќе ми дојде до тоа, па што сака нека биде.

Што би рекла мојата прекрасна бабица додека се грижев колку милилитри млеко ќе внесе бебето додека цица: „Да требало да ја знаеш количината, дојката би ти била означена како што е на шишенцето“.

Извор



912

X