Како и сите други работи што рутински ги извршуваме, така и начинот на кој зборуваме со текот на времето станува навика. Кога се во прашање некои секојдневни ситуации, склони сме на тоа истите работи да ги кажуваме на ист начин – користиме исти зборови, но и боја, висина и јачина на гласот. Исто така, и детето се навикнува да нè слуша на ист начин, што со текот на времето доведува до тоа да престане да реагира на тоа што му го зборуваме. А, токму варијациите во гласот ни помагаат да го привлечеме и задржиме вниманието на детето и да ја осигуриме соработката.

Ако сте ја читале мојата книга „Уметноста на комуникација со децата“, веќе знаете дека во пренесувањето на информациите, зборовите имаат удел само 7 отсто, говорот на телото 55 отсто, а гласот 38 отсто. Тоа значи дека со примената на различни типови на гласот можете да постигнете многу поголем успех отколку со самата содржина на пораката, барањето, задачата.

Типовите на гласови кои сигурно ви се познати и лесно препознатливи се гласот на пријателот и гласот на воинот и нив навистина родителите најчесто ги користат. Првиот за соработка, а вториот главно за прекин на некое однесување или пренасочување на посакуваното однесување. Можеби ви е чудно што кај овие таканаречени позитивни типови се наоѓа и гласот на воинот, но тој е и тоа како важен во комуникацијата со детето и не се користи без причина – инстинктот ве тера на тоа. Покрај нив, има уште два пожелни типа – глас на мудрецот (учителот) и глас на магионичарот. Сигурно се прашувате кој тип на глас кога да го користите. Тоа секогаш ќе зависи од тоа која ви е целта и која порака сакате да ја испратите. Секако, овие описи ќе ви помогнат да процените.

Пријател

Гласот на пријателот е благ, топол, нежен, отворен, дава безусловна поддршка, полн е со разбирање, заинтересиран: – Гледам дека си тажен. Тука сум, сакаш да те прегрнам? Разбирам дека ти е тешко да го направиш тоа сега. Одмори се, ќе ти биде полесно кога ќе направиш пауза. Па, ова е одлично, баш добро се снајде. Сигурно си горд на себе, навистина ми е драго што се потруди. Како се чувствуваш сега кога гледаш дека успеа?

Магионичар

Гласот на магионичарот е разигран, ѕвонлив, весел, отворен, полн со ентузијазам, нагли промени во тонот, љубопитен, поттикнувачки, шеговит, распеан – 10 задачи по математика, ооо, тоа не е мала работа! Сега ќе ти разлеам по главата магичен прашок! Хеееј, сега ми изгледа дека навистина си спремен да го направиш тоа! Играчки, играчки, сега ќе ве кренеме, средиме, расчистиме, лудуваме! А потоа, тргнуваааамее со голема брзина кон бањатааа! Само гледајте нè, хохо, хихи!

Повикот на соработка преку забава, движење, шега, ја крева енергијата, а детето сака да ве следи. Сетете се на магионичарот Мерлин и обидете се да го имитирате со гласот и движењата.

Мудрец (учител)

Гласот на мудрецот е смирувачки, со паузи, малку потивок од вообичаено, рамен (без осцилации) и се спушта бавно кон шепот кога сакаме да пренесеме некоја важна порака, вредност, уверување: – Гледам (слушам/чувствувам) колку ти е ова важно… околу важните работи секогаш вреди да се потрудиме… знаеш дека трудот секогаш дава резултат (спуштање на гласот). Што и да направиш, како и да се чувствуваш… ние сме секогаш… секогаш тука за тебе. Дури кога нешто не сакаме да направиме или не мрзи, треба барем еднаш да се обидеме… а потоа уште еднаш… и уште еднаш… бидејќи знаеш што – на крајот се чувствуваш како победник, затоа што не си се откажал. Денес беше баш трпелив додека чекаше во ред за лулашката… сигурно не било лесно да се чека, а ти сепак успеа. Сега имаш уште една важна вештина, зарем не? Поддршката во процесот на учење важни животни лекции, кога сакаме детето да запомни некое искуство и тоа да биде негова сила, е ресурс кој ќе му користи. Најдобро е да се применува пред спиење, кога го раскажувате денот. Се разбира, не секоја вечер, туку кога детето е задоволно со себе и некои свои достигнувања, за да „поентирате“ важни работи.

Воин

Гласот на воинот е директен, краток, отсечен, без емоции и осцилации, силен, јасен, енергичен, недвосмислен, неколеблив, во некои ситуации погласен од вообичаено, мотивирачки (кога се користи во вистинскиот момент и кога имате добра поврзаност со детето). Го користиме во 3 ситуации:

Прва (и најважна) е кога е загрозено здравјето или безбедноста на детето, односно кога се неопходни брзи реакции кои ќе го спречат во некоја активност и ќе го заштитат (кога трча на улица, влече маса и може нешто да му падне на глава, кога нагло тргнува кон топла рерна…) – Стоп, застани, не мрдај!

Втората е кога сакаме да нагласиме свој став, јасна граница, кога не се двоумиме. Се однесува на ситуации во кои нема преговарање и тоа се секогаш оние што имаат врска со здравјето и безбедноста, со правилата кои секогаш важат, па кога апсолутно стоиме зад своите одлуки и имаме јасен став: – Престани, не дозволувам да го удираш брат ти. На улица се држиме за раце. Ќе ти ги земам фломастерите, не може да чкрташ по ѕидови.

Третата е кога сакаме да го мотивираме детето и брзо го поттикнуваме на активност: – Ок, ајде да го направиме/завршиме тоа! Одиме! Веднаш почнуваме, станувај! Ти и јас можеме сè кога ќе се здружиме, дај пет и почнуваме! Тоа е тоа, тоа е таа одлучност наша! Ние го можеме тоа! Подразбира моментално преземање акција (или сопирање), нема одложување, не остава простор за дилеми или негодување. Се користи и за јакнење на семејниот/тимскиот дух (третиот пример).

Типот на гласот зависи од ситуацијата

По ова, јасно е дека типот на гласот ќе зависи од ситуацијата. Тоа што некогаш ќе морате да го повишите гласот како воин, не значи дека сте добиле зелено светло постојано да му викате на детето и тоа да ви биде модел на комуникација. Тоа значи дека во потенцијално опасно ситуации морате да викнете за да го сопрете детето кое не гледа опасност. Но затоа, гласот на воинот нема да го користите за ситуации од типот „Сто пати сум ти рекла да ги тргнеш играчките!!!“ Тогаш ќе го користите гласот на магионичарот. Од друга страна, гласот на магионичарот нема да го сопре детето ако трча кон улицата, ниту гласот на мудрецот за кревање на енергијата. На детето на кое му е потребна утеха, разбирање, ќе му одговара гласот на пријател. Секако, потребна е вежба и примена, како и да следите како реагира детето на овие гласови.

Ако овој текст ви помогна да препознаете кој тип на глас најмногу го користите и во која улога најмногу се задржувате – и ако сте добиле идеи како уште можете да го користите гласот како алатка, мојата цел е исполнета.

Автор: Драгана Алексиќ

Извор



912

X