Зошто е важно контролираното вежбање за секоја бремена жена и мајка, открива Мирјана Маринковиќ, инструктор за пилатес со сертификат.

Бременоста со себе носи многу промени во нашиот организам, па покрај она убаво чувство, некогаш, за жал, се среќаваме и со она помалку убав чувство: хронична или акутна болка во вратот, болки во грбот (особено во долниот дел), болки во нозете и во колената, слабост на мускулите, мускулен дисбаланс, деформитети на ‘рбетниот столб (кои постоеле и пред бременоста), патолошки проблеми како дискус хернија, цервикален синдром, карпален синдром и други проблеми што во повеќето случаи се влошуваат во текот на бременоста.

Значењето на вежбањето во бременоста и по породувањето

За разлика од лекарите во светот, препораката на нашите гинеколози е главно прошетки во бременоста или задолжително лежење, ако постојат болки. Прошетките се добри, но таквата активност не е доволна за да го зајакне телото, да го коригира мускулниот дисбаланс (кој секогаш е виновен за деформитетите на ‘рбетот – мускулите го движат ‘рбетот и секој зглоб на нашето тело, во биомеханичка смисла) и да ги зајакне мускулите неопходни за поддршка на телото за нормално и секојдневно функционирање. Лежењето е лоша идеја. Во светот и при најтешки случаи на дегенеративни промени на ‘рбетот (поточно на дискусите) не се препорачува лежење подолго од два дена, бидејќи не само што слабеат мускулите, без кои не можеме да функционираме, туку во многу случаи проблемот се влошува. Долгото лежење не е добро ниту за лицата со здрав ‘рбет, а камоли за лицата што имаат патолошки промени.

Светски признатите лекари апелираат да се вежба, строго и само според пренаталните програми и тоа кај исклучиво сертифицирани и квалификувани инструктори за вежбање во бременост. Зошто е тоа важно? Затоа што тренерот кој не е едуциран не ги знае сите аспекти што мора да се земат предвид кога се работи со бремена жена. Вежбањето дома исто така не е опција бидејќи несоодветното изведување на вежбите може да доведе до компликации кои можат да бидат многу опасни за трудницата и целата бременост. Вежбањето во текот на бременоста со квалификуван инструктор, кој ќе создаде програма за секој посебно водејќи се од параметри неопходни за креирање програми за вежбање, е единственото сигурно и ефективно вежбање.

Пилатес – здрав и од лекари препорачан вид на вежбање

Покрај многубројните пилатес-програми, креирана е сигурна и ефективна програма наменета за бремените жени и новите мајки – пренатален и постнатален пилатес.

Пилатесот не е формат на вежби, ниту спаѓа во обичните формати. Пилатесот е цела една филозофија креирана да помага исклучиво во коригирањето и спречувањето на постојните проблеми и деформитети на скелетот или мускулите. Тоа никако не значи дека на пилатес нема да изгубите килограми, нема да ги развиете и зајакнете мускулите. Исто така, пилатесот не е креиран да биде лесен, тоа е само еден од митовите што го следат. Пилатесот е таква програма што интензитетот и правецот кон кој се стремиме се приспособуваат на секоја индивидуа посебно, во согласност со нејзините потреби и можности. Тоа значи дека пилатесот може да го предизвика на најтежок напор и професионалниот спортист бидејќи најдобро и директно ги зајакнува мускулите на трупот и ја зголемува мобилноста на телото, а ги зајакнува стабилизаторите. Треба да се напомене дека пилатесот е задолжителна програма за вежбање во лигата на американскиот фудбал, како и во хокеј-лигата, два спорта кои бараат можеби најголема сила на телото за да поднесе голем напор. Истовремено, пилатесот се прави низ корективни и рехабилитациски вежби кај луѓето во постоперативниот период, кои поминале низ големи операции и трауми.

Пилатесот не е „интересни и модерни“ справи и вежбање на нив или обични вежби на под, туку програма која е филозофија на вежбање, крената на многу високо ниво. Се разбира, најголемо внимание е посветено на коригирањето на мускулниот дисбаланс (кој го има секоја личност, без разлика на староста, полот, професијата, разликата е само во степенот и „местото“ на дисбалансот) и коригирањето на скелетниот деформитет, настанат како последица на тој мускулен дисбаланс. Затоа, во следните реченици, кога зборуваме за вежбање и придобивките од вежбањето, ќе се зборува исклучиво преку пилатесот, индивидуализираната програма на вежби и правилното изведување на тие вежби, под надзор на квалификувани лица.

Придобивките од пилатесот се повеќекратни, а ние ќе споменеме неколку од нив:

– На здрав и сигурен начин го поддржува телото и го доведува во фит-форма, без складирање беспотребни килограми во вид на масни наслојки.
– Го нормализира тонусот на сите мускули, избалансирано. Силните и избалансирани мускули ја зголемуваат мобилноста на нашето тело.
– Го коригира држењето на телото и така се овозможува нормално движење и функционирање, без страв од повреди.
– Тоа е единствена превенција во однос на настанувањето кифоза, лордоза, сколиоза.
– Помага во отстранувањето на постојните деформитети и сите проблеми што тие деформитети ги носат со себе.
– Превентива е за дијастаза, проблем кој може да настане во текот на бременоста и по породувањето, а подразбира поместување на стомачните мускули, а во голем број случаи помага и за целосно решавање на веќе настанат проблем.
– Пилатесот е најдобриот и најздравиот начин за јакнење на мускулите од абдоминалниот ѕид, како и најдлабоките мускули во абдоменот, таканаречените трансверсе абдоминал, најодговорниот и најважниот мускул за силен и здрав труп, кој е всушност основа на здравото и силно тело, а кој е неопходен за нормално и здраво функционирање во текот на целиот живот, особено во текот на бременоста.

Поради сето наведено, трудниците би требало да вежбаат здраво, низ водени и контролирани тренинзи, специјално креирани според личните потреби. Имаме само едно тело, а тоа е, преку мускулите и скелетот, носителот на сè што имаме во него, па со самото тоа и она највредното – нашето потомство.

Автор: Мирјана Маринковиќ, пилатес-инструктор со сертификат



912

X