Секоја трудница со нетрпение очекува да ги почувствува првите движења на бебето во стомакот. Покрај тоа што предизвикува голема радост, тоа е главниот показател дека сѐ е во ред со бебето и дека бременоста добро напредува.
Меѓутоа, ако „активно“ бебе се смири или не се движи, често постои голема загриженост, но тоа не мора да значи дека нешто не е во ред. Ова се шест причини зошто не ги чувствувате ударите, некои се нормални, но има и неколку причини зошто треба да одите на гинеколог:
Некои бебиња се движат помалку кога мајката е активна
Иако можеби е логично бебињата да се поактивни ако мајката е активна, тоа не е баш така. Според некои истражувања за пренаталниот живот на бебето, додека трудницата вежба, бебињата главно мируваат. И ако мајката била особено активна тој ден и повеќе одела, а бебето не реагирало, и тоа е нормално.
Се наближува терминот за породување
Една од причините за послабото движење на бебето е положбата што ја зазема непосредно пред раѓањето. Детето се спушта во карлицата, а оваа положба ја намалува можноста за движење.
Некои движења се многу нежни
По 20-тата недела од бременоста, бебето позабележително се движи во матката, но начините на движење варираат од ден на ден. Ако тоа ве загрижува, опуштете се, бидејќи не се сите движења на бебето толку интензивни за да можете да ги забележите. Значи, кога мислите дека вашето бебе ве клоца малку послабо и поретко од вообичаено, тоа може да бидат само понежни движења. Ако вашата загриженост продолжи, разговарајте со вашиот лекар.
Бебето нема простор за движење
Ако сте во последното тримесечје од бременоста, бебето поретко ќе ве клоца поради недостиг на простор во матката. Детето е свиткано во последниот месец од бременоста, па тешко му е да ги мрда нозете и рацете и само го чека славниот излез.
И бебињата спијат во утробата
Постои уште една честа причина зошто бебињата помалку клоцаат: спијат. Иако е тешко да се замисли дека бебињата спијат пред да се родат, тоа е вистина. Значи, кога мајката ќе забележи дека интензитетот на движењето наеднаш се намалил, детето веројатно е во фаза на спиење. Веќе во 30-тата недела од бременоста бебињата имаат ритам на спиење и будење во утробата.

И мајката може да биде под стрес
Честопати движењето на бебето во утробата е под влијание на нивото на стресот на мајката. За трудницата е важно што помалку да се грижи за своето здравје и за здравјето на своето бебе. Како што нивото на хормони во телото на мајката се менува под стрес, некои хормони го поттикнуваат бебето да се движи, а некои да се одмори, зависи од тоа кои хормони доминираат.
Иако ова се вообичаени појави во бременоста кои влијаат врз движењата на бебето и нивниот интензитет, внимавајте ако не ги чувствувате долго време или ако бебето е мирно и имате некои други ненадејни симптоми. Во овој случај, задолжително консултирајте се со вашиот гинеколог.