Немањето мајчино млеко во првата недела по породувањето е вообичаено.

Првите четири до шест недели од доењето се клучни ако сте мајка првпат, поради фактот дека вие и вашето бебе фаќате рутина. Експертите за лактација споделуваат неколку причини кои можат да влијаат врз мајчиното млеко:

Бебето се храни помалку од 8 до 16 пати во 24 часа

Како што вели поговорката, го губиш она што не го користиш. Пролактинот, хормон одговорен за производство на млеко, се зголемува откако мајката ќе се породи. И мајките продолжуваат да произведуваат мајчино млеко кога бебето постојано се дои. Според „Бизнис инсајдер“, најдобриот начин за зголемување на пролактинот по породувањето е честото доење или пумпање на млекото во сесии – најмалку осум до десет сесии дневно во првите неколку недели по породувањето.

Џесика Маден, педијатар, неонатолог и медицински директор на „Ерфлоу Брестпампс“ , предупредува дека мајките што не дојат во првиот месец по породувањето ќе имаат намалено ниво на пролактин и ќе се вратат на она ниво пред забременувањето. На мајките обично им е тешко да произведат млеко потоа. Маден, исто така, препорачува празнење на млекото при секое хранење за да му се сигнализира на телото да произведува повеќе млеко.

Бебето не се прицврстува правилно или слабо цица

Погрижете се бебето правилно да се прицврсти за градите. Најефикасен начин за зголемување на снабдувањето со млеко е бебето да ги цица градите; па оттука произлегува фактот дека правилната поставеност на бебињата е од клучно значење. Правилно поставеното бебе предизвикува ослободување на окситоцин, поттикнувајќи го телото да произведува повеќе млеко. Меѓутоа, ако бебето не е добро прицврстено за градите, може да остави премногу млеко во нив, спречувајќи го на тој начин телото да создаде повеќе млеко за следното хранење. Ако не сте сигурни дали бебето е правилно поставено на градите додека го доите, најдобро е да разговарате со вашиот лекар или локален консултант за лактација.

Користењето компресија на градите за да му се помогне на бебето да внесе повеќе мајчино млеко и стимулирањето на градите, исто така, може да помогнат во подобрувањето со снабдување со млеко.

Мајката е исцрпена, има недоволно калории, ѝ недостига сон, слабо е хидрирана

Мајките што се исцрпени и се под стрес може да забележат намалување на млекото. Пушењето, апчињата за контрацепција и алкохолните пијалаци, исто така, може да влијаат врз снабдувањето со млеко. Се препорачува мајките да спијат кога и нивното бебе спие. Се препорачува и балансирана исхрана богата со протеини. Експертите, исто така, сугерираат дека мајките што дојат треба да бидат соодветно хидрирани. Еден показател дека мајката е хидрирана е ако нејзината урина е бледожолта.

Бебето има состојби што му го отежнуваат рефлексот на цицање

Според клиниката „Мајо“, врзувањето на јазикот (анкилоглосија) е состојба која го ограничува опсегот на движењето на јазикот. Вообичаени знаци на врзување на јазикот се кога бебето има проблеми да остане прицврстено, не влече добро од млекото кога се дои и има проблем да добие млеко. Прашајте го вашиот педијатар или консултант за лактација ако се сомневате дека вашето дете има ваква состојба или услови што му отежнуваат да цица млеко од градите на мајката.

Автор: Мавик Томпсон

Извор



912

X