Пубертетот сигурно е еден од најстресните периоди за родителите бидејќи тогаш се случуваат големи промени. Децата почнуваат да се оддалечуваат, не се отворени за разговор како претходно, им се доверуваат на пријателите, постарите браќа и сестри, но не и на родителите, па доаѓа до проблеми во комуникацијата. Генерацискиот јаз тогаш најмногу доаѓа до израз, па родителите, од страв или од незнаење, почнуваат да приговараат, да се закануваат и да казнуваат, на што тинејџерите одговараат со дополнително повлекување и лаги.

Ако ве излажат еднаш или двапати, не кревајте паника

Адолесцентите повеќе сакаат да излезат со друштво или да го поминат времето гледајќи филм или играјќи игри отколку да ги завршат домашните задачи, па затоа честопати ќе користат изговори дека немаат ништо за домашно, а утредента пред час ќе препишуваат од некого или ќе изостануваат од училиште. Кога нема да стигнат да се подготват за час, на родителите ќе им кажат дека наставникот не стигнал да ги испраша или дека предавал нова лекција, но нема да кажат дека добиле слаба оценка. Доколку ве излажат еднаш или двапати, не кревајте паника, но ако тоа им прејде во навика, веднаш иницирајте сериозен разговор.

Децата нема да ги споделат со вас првите љубови и врски, но не инсистирајте. Затоа е важно пред оваа фаза да изградите однос полн со доверба. Само така детето ќе има потреба да ви се довери кога ќе се вљуби.

За тинејџерите е карактеристично да играат на картата дека вие сте виновникот, па ако вашето дете сака подолго да остане на забавата или кај другарката, ќе ви кажува дека сите други родители им дозволуваат на децата да останат подолго, само вие не. Наместо да го напаѓате, казнувате и да му забранувате да излегува, или да му го одземете телефонот и слично, почекајте да се смирите и двајцата, па започнете разговор во кој ќе го наведете да ви објасни зошто така се однесувал. И наместо да се расправате, секогаш обидете се да најдете компромисно решение.

Не почнувајте ги речениците со „Ти…“ туку со „Јас…“ Наместо да кажете „Пак си лажел/а“, „Многу си дрзок/ка во последно време“, кажете „Разочаран/а сум што не ми ја кажа вистината“, „Ме повреди што го скри тоа од мене“ или „Многу ме навреди кога среде разговор ја напушти собата…“ Исто така, немојте при напади на гнев да му велите дека не ви е гајле што ќе одлучи или направи, како ќе ја поправи оценката или до кога ќе остане надвор, бидејќи во овој период децата се особено чувствителни, па ова ќе го сфатат како занемарување или негрижа.
Во периодот на адолесценција децата почнуваат да учат како да развиваат самоконтрола преку вежбање почитување, а понекогаш и преку кршење на правилата што ги поставуваат родителите. Затоа секогаш при носењето одредени одлуки и договори запознајте ги со последиците што ќе произлезат од нивно непочитување или кршење, а вие, секако, вооружете се со трпение.



912

X