Родителството значително се промени во последниве години. Некогаш беше доволно да му се овозможат на детето основни услови, добро училиште и неколку воннаставни активности. Денес, родителите сѐ повеќе се обидуваат да им го обезбедат на своите деца најдоброто од сè – од ран развој и квалитетно образование до врвни хоби и луксузни патувања. Но, детскиот психолог Александра Аникина предупредува дека прекумерната заштита може да им отежне на децата да се справат со реалниот живот.

Многу родители вложуваат огромна енергија во воспитувањето на децата, често заборавајќи на сопствените потреби и граници. Стравот дека „не се доволно добри родители“ или дека „го трауматизираат детето“ може да ги наведе да создадат целосно заштитна средина.

Презаштитеното дете не знае како да се справи со проблемите.

-Родителите што им ја олеснуваат работата на своите деца за да ги заштитат од тага и разочарување несвесно им прават лоша услуга. Ако детето го изгуби миленичето, веднаш му купуваат ново за да не се чувствува тажно, или наместо ручек, ќе добие сладолед или наместо половина час, ќе добие три часа гледање цртани – објаснува психологот.

Дете што расте во таква средина создава нереална слика за светот, во која секогаш сè мора да биде по негово. Не развива отпорност на неуспеси, не учи како да се справува со проблемите и не знае како да прифати отфрлање.

Авторитарното родителство може да биде исто толку штетно

За разлика од претерано заштитното воспитување, постои авторитарно, строго воспитување, кое исто така може да има трајни последици. Родителите што постојано го критикуваат своето дете го споредуваат со другите и поставуваат недостижни цели, може да предизвикаат детето да расте со чувство на инфериорност и постојан страв дека не ги исполнува очекувањата.

-Речениците како „можеш подобро“, „повторно си згрешил/а“, „треба да се трудиш повеќе“ – ако се користат без рамнотежа со поддршка и пофалба, може да го натераат детето да мисли дека никогаш нема да биде доволно добро. Таквото дете ќе ја вложи својата енергија во обидот да ги задоволи своите родители, често на штета на сопствените желби и потреби – предупредува Аникина.

Децата ја чувствуваат емоционалната состојба на нивните родители

Третиот чест проблем во родителството е криењето на негативните емоции. Родителите често мислат дека го штитат своето дете криејќи од него стрес, тага или брачни проблеми. Сепак, децата се исклучително чувствителни и брзо забележуваат кога „нешто не е во ред“.

-Иако мајката е насмеана, а таткото се однесува како сѐ да е во ред, детето чувствува напнатост и станува анксиозно. Долготрајната изложеност на таква средина може да влијае врз емоционалната состојба на детето и да го зголеми нивото на стрес – забележува психологот.

Родителите треба да се грижат и за себе

Со цел децата да растат во емотивно стабилна средина, од клучно значење е родителите да се грижат за сопственото ментално здравје.

-На децата им требаат мирни и среќни родители за да бидат среќни и стабилни. Затоа е важно мајките и татковците да инвестираат време и ресурси во себе, а не само во своите деца. Кога родителот ќе најде рамнотежа помеѓу грижата за своето дете и грижата за себе, тие создаваат здрава основа за емоционалниот развој на своето дете – заклучува Аникина.

Извор



912

X