Често кажувам една метафора на сесиите. За безжичниот телефон и неговата база на која се полни со енергија. Имав еден таков во станот. Секоја вечер го остававме на базата да се наполни, за утредента да шетаме низ станот зборувајќи на него. Сепак, само во опсегот што го дозволува базата. Ако одевме предалеку, телефонот ќе испушташе звук кој значеше – „Врати се на база!“

Моделите на зависност кај нас ме потсетуваат на тој телефон. Децата чии родители ги презаштитуваат, ги завршуваат работите наместо нив, ги носат одлуките наместо нив, ја саботираат и ја поткопуваат нивната независност – тие деца личат на тој телефон кој зависи од базата. Со кој не смееме да одиме подалеку од она што го дозволува базата. Испраќа звук ако влезе во „тивка зона“, надвор од опсегот на базата. Така и детето – станува возрасен човек кој зависи од другите. Од некој што е подоминантен, поспособен. Кој ќе ги преземе сите одговорности.

Во него вреска анксиозност, несигурност. Почнуваат напади на паника штом ќе остане сам и ќе се потпре на себе затоа што нема „база“.

За да има „база“ во него, таа негова надворешна „основа“ мора да најде некое друго значење и да биде пуштен да оди. Ова е тешко за некои „бази“. Тие зависат од телефонот. А не обратно. Така тие го убедуваат телефонот дека тој, всушност, зависи од нив. Засекогаш.

Сепак, многу ми е потажно за оние другите што немале сигурна „база“ или заштита. Нивните „бази“ или немале доволно енергија за нив или си ја штеделе за себе. Имале грешка при поврзувањето на жиците и телефонот. Така, таквите деца мораа да станат телефони со самонапојување. Оние што црпат енергија со поправка на „базата“. Тие се грижат за неа. Ја спасуваат. Преживуваат некако со:

-„Можам сам да го направам тоа“.
-„Јас сум силен“.
-„Не ми треба никој“.


Сѐ со надеж дека еден ден конечно ќе се санира „базата“ и ќе можат да се поврзат со неа. И ќе им дава енергија. Ним им треба „база“ за да станат вистински независни. Затоа што без сигурна „база“ не можете навистина да имате база во себе и да излезете надвор од опсегот. И да се вратите оттаму. Тажна сум затоа што се лажеле себеси дека можат сами, дека се силни. Никогаш не научиле да бараат помош. Ниту да ја примат. Тие се и рана и лек.

Кога ќе побараат помош и ќе ја добијат, им се чини дека треба да вратат десеткратно. Ненавикнати се да имаат некој што е тука за нив. Во нив, во тие спасители мама и тато, деца и партнери, има вечен копнеж по базата. Затоа ги спасуваат другите. Копнеат да можат да се врзат и да си ја одморат душата. Некој да ги види нивните рани. Некој да се грижи за нив и да ги заштити. Затоа што единственото нешто што не го знаат е да се заштитат себеси.

Тажна сум затоа што овие луѓе се самонапојуваат додека имаат трошка енергија. Работат и од минус. Сѐ додека не им се случи нешто. Па застануваат. Навистина застануваат. И сфаќаат дека тоа не оди така. Дека „базата“ што ја поправаат, за да се хранат од неа, можеби никогаш нема да им биде таква „база“. И дека, можеби, патем, во таа осамена самодоволност изградиле „база“ во себе. Да, цел живот копнеат по таа „база“.

Сега само уште да научат да ја користат за себе и да се потпрат на неа. Си даваат себеси дозвола за да се заштитат.

Автор: Лилјана Милиќ – тренер за личен развој

Извор



912

X