За разлика од возрасните, децата растат и интензивно се развиваат телесно, интелектуално и психички, па затоа освен за основните потреби за енергија, исхрана мора да се обезбеди доволно и за раст и развој. Лошата исхрана, по количина или квалитет, може да има негативни последици врз генскиот потенцијал за раст, ментален развој и доцнење во пубертетскиот развој. Денес се знае дека исхраната во рана возраст има реперкусии и врз здравјето во возрасната доба. Имено, долгорочните ефекти од правилна исхрана на децата се забележани во превенцијата од најтешки хронични болести на современиот свет – дебелина, зголемен крвен притисок, болести на срцето и крвните жили, шеќерни болести, остеопороза.

Во овој период децата во поголем дел имаат изградено свој став за храната и навиките во хранењето. Поради излегувањето од дома и училишните и воннаставните обврски кои се сѐ помногубројни, денес често имаме ученици што јадат нередовно, неквалитетно и количински непримерно. А во овој период треба да се трудат да јадат оброци што се поразновидни, да се избегнува сува храна или сендвич како замена за главни оброци.

Исто така, да се избегнува грицкање пред телевизор или компјутер, како и слатки и газирани пијалаци. Тие во комбинација со недостиг на физички активности често се основа за прекумерна телесна маса која сѐ повеќе се забележува кај децата.

Пирамида на здрава исхрана

Менито на претшколското и училишното дете најдобро е да се направи според пирамидата на здрава исхрана. На тој начин детето ќе ги внесе оптимално сите главни прехранбени состојки (белковини, шеќери и масти) и микронутритиенти (витамини и минерали).

Главни намирници содржани во пирамидата се:

– Житарици, производи од житарки и компир
– Овошје и зеленчук
– Месо, месни преработки, риба, јајца и мешунки
– Млеко и млечни производи
– Маснотии, сол, шеќер

На дното на пирамидата на здрава исхрана се житарките, производите од житарици и компирот. Пожелно е да ги има најмногу во дневното мени. Житариците се извор на јаглехидрати (скробни и влакна), белковини, витамини (посебно Б1 и Б2) и минерали. Добро е дел да бидат и цели житарици (со зачувана лушпа на зрното) бидејќи во нив витамините, минералите и влакната ги има во значителна мера. Компирот е богат со скроб, Б1 витамин и фолна киселина.

На следното ниво се овошјето и зеленчукот, кои содржат сложени јаглехидрати, вклучително и влакна, витамини и минерали, додека се сиромашни со маснотии и калории. Во поголем дел содржат вода. Се препорачува сезонско овошје, свежо или сушено, природни овошни сокови, како и компоти без дополнителен шеќер. Од зеленчук се избира свеж, а може да се користи и замрзнат. Влакната во големи количини го забрзуваат варењето и ја намалуваат калориската густина на храната, па ако претеруваме, кај малите деца може да се намали внесот на енергија и да се зголеми бројот на столици. Дневната потреба за влакна кај децата се пресметува: возраст +5 (во грамови).

На следното ниво се наоѓаат месото, месните преработки, рибата, јајцата, мешунките, а покрај нив млекото и млечните производи. Тие намирници се извор на вредни белковини, но содржат и други корисни работи: на пример, мешунките се богати со влакна, витамини од групата Б и минерали, месото е добар избор на биорасположливо железо, рибата има повеќекратни незаситени маснотии… Месото, рибата, јајцата и мешунките може наизменично да се комбинираат во неделното мени, со тоа што рибата се препорачува 1 до 2 пати неделно, месо 4 до 5 пати неделно, јајца 2 до 3 пати неделно.

Млекото и млечните производи се богати со биолошки вредни белковини и значаен извор на калциум за минерализација на коските во раст.

Млекото му е потребно на детето во количина од 3-5 децилитри, а се препорачува полномасно млеко. За деца од претшколска возраст треба да биде со помалку маснотии, како вид за рана превенција од крвни болести и дебелина. Количината која е доволна за да се наполнат резервите со калциум е околу 2-3 децилитри, односно чаша млеко на ден. Ако детето не сака да пие млеко, не треба да го форсирате доколку со млечни производи или храна базирана на млеко (на пример, гриз) ја покрива дневната количина.

На самиот врв на пирамидата се наоѓаат намирници што се препорачуваат ретко, во мали количини. Тоа е храна со многу маснотии, додадени шеќери и сол. Пример за тоа се слатките, од кои е најдобро да се изберат оние врз база на млеко или што содржат овошје. Што се однесува до мармаладите, џемовите и медот, се препорачуваат оние со помалку засладувачи. Индустриски солените производи не би требало да бидат дел од секојдневното мени. Општо не се препорачува досолување бидејќи тоа е лоша и непотребна навика која долгорочно носи ризик за покачен крвен притисок. Од маслата треба да се избираат растителни, како маслиново, сончогледово, од репка, бидејќи се извор на здрави незаситени масти. Што се однесува до „брзата храна“, која содржи доста заситени масти, со мајонез, кечап, инстант-сосови, концентрати, не е пожелно да е дел од секојдневната исхрана. Причина се нездравите трансмасни киселини и големите количини сол.

Најдобар пијалак е водата и треба да се дава по желба. Особено е важно да им се нуди на помалите деца кои сѐ уште не знаат самите да изразат жед. Од други напивки се преферираат природните овошни сокови, најдобро свежо исцедени или готови без додадени шеќери. Не се препорачува употреба на сируп на разредување и газирани напивки.

Подготовка и сервирање на храната

Кај подготовката на јадењето потребно е да се обидете да ги сочувате вредните состојки. Пример за тоа се зеленчукот и овошјето, кои со претерана термичка обработка ги губат витамините и хранливите материи. Затоа е важно во исхраната да се користат свежи намирници.

За намирниците што се обработуваат термички се препорачува готвење во малку вода или на пареа, а потоа на листата се печење и пржење во длабоки маснотии. Внимателен треба да се биде и со намирниците што лесно се расипуваат, како некои видови печурки или риба и морски плодови, па да не се консумираат ако не сме сигурни во нивната свежина. Исто така, треба да се води сметка за сервирањето на јаткастите плодови кои кај деца на возраст до 3 години може да предизвикаат и задушување ако се консумираат цели, па препорака е да се сечкаат или да се додадат во храната. За риба се препорачува да е филетирана, односно без коски.

Јајцата мора да бидат термички обработени, а треба да се избегнуваат и незготвени кремови на база на јајца. Пожелно е намирниците да се подготвени во такви комбинации кои се соодветни за јадење, со изглед и вкус, што е особено важно за детска возраст.

Автор: Алемка Јаклин Кекез, педијатар

Извор



912

X