Воспитување

Претерано заштитени и разгалени деца: Се почест проблем

Поставувањето граници овозможува избегнување на конфликти помеѓу родителите и децата, додека наредбите се темелат на казни и негативни последици. Добро поставените граници не се основани на стравот на детето од родителите ниту на страв од лутина и казна. Тие му дозволуваат на детето, позитивните и негативните последици да ги доживее во сигурно опкружување на безусловна родителска љубов. Исто така, таквите граници им овозможуваат на децата тие да бидат одговорни за своето однесување.

Наместо: „Нема да играш игри бидејќи мораш да ја средиш собата!“ – поефикасно и подобро е да се каже: „Штом ќе ја средиш собата, можеш да играш игри“. Иако содржината на порака е иста – нејзината конотација е различна.

Детето не треба да се уценува, ниту да добива закани. Подобро е да го пофалите и да му овозможите некоја привилегија за посакуваното и прифатливо однесување. Доколку детето се однесува неприфатливо и непримерно, исто така е многу важно да се биде сигурен дека детето знае што било неприфатливо во тоа однесување пред да му се укине некоја привилегија заради тоа. Укинувањето на привилегии никогаш не смее да значи скратување на родителската љубов ниту да се попречува задоволувањето на детските развојни и емоционални потреби. Ваквиот облик на поставување граници, ги учи децата дека не можат секогаш да го добијат она што го сакаат, во оној момент кога тоа го сакаат, па учат да бидат сочувствителни, да се почитуваат себеси и другите.

На родителите често им претставува проблем поставувањето граници со кое децата ќе ги сфаќаат сериозно, а истовремено нема да бидат повредни. Се прашуваат: „Што да направам ако детето не ги почитува зададените граници?“. Како што важи за возрасните, така и за децата – невозможно е постојано да бидат задоволни и среќни, тоа едноставно треба да се прифати. Децата секогаш ќе се обидуваат да ја прејдат границата или да променат некое правило. На децата не им одговараат правилата – на родителите не им одговара нивното кршење.

Се почест е проблемот на претерано заштитени и разгалени деца. Родителите се обидуваат да им ја отстранат секоја препрека и извор на фрустрација, мислејќи дека не е добро ако плачат, или ако се лутат. Таквиот пристап не е добар за нивниот здрав развој. Се повеќе има примери на премногу услужни родители кои „скокаат“ на секој миг од детето. На пример, детето си игра со коцки и одеднаш куќата од коцки му се руши. Почнува да плаче, а родитлеите веднаш трчат да го утешат и повторно му ја редат куќичката. Додека тие ја редат, детето веќе се занимава со нешто друго. Детето има право да биде тажно и фрустрирано бидејќи тоа ќе му помогне да се запознае себеси и светот, во иднина да се соочува со потешкотии и да биде подготвено за нив – родителската улога е тие негативни емоции да ги насочи. Тоа не значи дека треба на детето да му се дозволи да крши предмети низ домот од лутина, но заради неколку солзи не треба да се крева врева – ќе му помине.

Слично на тоа, некои родители претерано се восхитуваат на децата и ги пофалуваат за апсолутно секоја ситница која ќе ја направат. Иако често се мисли дека на тој начин се развива самопочитта на детето, сепак не е така. Децата не развиваат самопочит со константните и неумерени пофалби на родителите, туку ако почувствуваат дека родителите ги почитуваат, па го поттикнуваат и ценат нивниот труд. На крајот, треба да се нагласи дека на децата им треба водство и насочување за да ги усвојат семејните вредности, а родителите се оние кои тоа го овозможуваат. Родителите се поставуваат помеѓу детето и несоодветните вредности кои му се наметнуваат од сите страни, па преземаат одговорност, одредувајќи јасни, конкретни и добро дефинирани граници позади кои цврсто стојат. Со други зборови, не е можно да се игра игра чии правила не ги знаат. За жал, неизговорените (ненапишани) правила се оние кои предизвикуваат проблеми.

Границите се најефективни кога се поставуваат во атмосфера на љубов, прифаќање и меѓусебно почитување.

Автор: Дуња Јуричиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top