Дејството се одвива на блиското игралиште… децата скокаат, трчаат, се спуштаат по лизгалките, а настрана стои мало девојче кое сака да го проба сето тоа, ама се срами или се плаши. Мајката стои до неа и внимава да не падне случајно или некое „непослушно“ момче да не ја турне.

Навистина чудна глетка. Кој тука се забавува? Дали детето знае зошто дошло на игралиште и како се чувствува кога ги набљудува другите деца? Каква порака испраќаат родителите што се грижат толку многу?

Ова се таканаречените презаштитени деца. Деца што мислат дека овој свет е многу опасен и дека не би можеле да се снајдат без присуство на нивните родители или воспитувачи/наставници. Родителите секојдневно ги носат на училиште, внимаваат да не паднат, да не се повредат и поради таа причина, децата пропуштаат многу и не можат да ги совладаат животните вештини што им се потребни.

Некои деца што потекнуваат од такви семејства не знаат ни да возат велосипед бидејќи родителите сакале да ги заштитат. Таквото дете се смета себеси за недоволно умешно бидејќи така родителите секогаш се однесувале кон него.

Со ваквото воспитување детето добива етикета на неспособно дете, која си ја залепило себеси затоа што родителите преку целото детство го штитат од канџите на овој свет и живот!

Родителите си ја отежнуваат работата бидејќи не уживаат во своето дете, туку постојано размислуваат за најлошите можни работи што би можеле да се случат. Таквите родители не можат да му постават јасни и соодветни барања на своето дете, ниту пак нивните очекувања се реални. Сето тоа се сведува на мали очекувања и нивните цели се лесни и едноставни за детето.

Прекумерната контрола и мешањето во сите сфери од животот на детето не му оставаат простор да стекне независност.

Всушност, со овој начин на воспитување детето прераснува во личност на која ѝ недостига самодоверба, која е несигурна, плашлива, недоволно социјализирана, презаштитена. Скратено му е детството, сите можни непријатни чувства, а светот го гледа како опасна средина за живеење.

Презаштитеното дете не е разгалено бидејќи презаштитеното дете е премногу тивко, мирно и несигурно, додека разгаленото дете е дијаметрално различно, посилно, погласно…

Почитувани родители, секое дете е индивидуа за себе и тоа има право на слободно живеење. Мора да се случат непријатни искуства, а ако се случат, не значи дека сте лош родител, туку дека вашето дете го живее животот!

Извор



912

X