Децата под 2-годишна возраст воопшто не треба да бидат изложени на екрани. Ова е официјално соопштение од шведската управа за јавно здравје, чија цел е да ги натера младите да ја намалат употребата на телефонот.

-Треба да ја вратиме контролата и да им дадеме на децата можност да имаат поинаков вид детството – истакнал Јакоб Форсмед, министер за социјални работи и јавно здравје.

Намерата на шведската политика и други слични низ светот е да ги намали одвлекувањата, да промовира здрав развој и да помогне да се зачува невиноста на детството. Но, некои експерти се прашуваат дали упатствата, колку и да се добронамерни, може да бидат премногу нереални и осудувачки за родителите да ги следат.

Кои се препораките на Шведска?

Постојат четири главни категории за кои важат новите препораки во Шведска за времето поминато пред екранот:

Времетраење – Нема екрани за деца под 2 години, максимум еден час за деца од 2 до 5 години, два часа за деца од 6 до 12 години и три часа за тинејџери.

Контрола – Шведска препорачува да се придржувате до старосните ограничувања поставени од социјалните медиуми и компаниите за игри, а родителите да бидат свесни што користат нивните деца.

Спиење – Нема екрани пред спиење или во спалната соба. (Тоа е веројатно добар потег и за возрасните, велат научниците.)

Саморефлексија – Родителите треба да размислат за сопственото време поминато на екраните, што може да влијае врз нивната интеракција со нивните деца и да постави шема за однесувањето на нивното дете.

Што предлагаат другите земји за малите деца?

Насоките на Шведска за мали деца и екрани се базираат на слични препораки на други места. Други земји предлагаат најмалите деца да користат екрани само за видеоразговор со возрасни што ги познаваат.

Експертите за педијатриско здравје во Соединетите Американски Држави и Ирска не препорачуваат екрани пред 18 месеци возраст на децата, освен за видеоразговори со возрасни што ги познаваат. Според експертите во Канада и Австралија, и таа граница се поместува на 2 години, но и тие како Швеѓаните не прават исклучоци за разговор.

Во Франција се препорачува децата на возраст под 3 години да не се изложуваат на екрани – вклучително и телевизија.

Зошто треба да се поддржи идејата најмалите деца да растат без екрани?

Многу експерти се сомневаат дека има некаква образовна корист од користењето екрани за деца кои сè уште учат да одат, зборуваат, чувствуваат, се дружат и го откриваат светот околу нив. Некои, исто така, се загрижени дека премногу време поминато пасивно пред екраните може да ги направи децата помалку активни во критичните години.

Од невробиолошка гледна точка, огромен развој се случува во првите години од животот. Затоа, едноставно нема замена за тродимензионалниот свет.

Студија спроведена на околу 7.100 парови мајка-дете покажала дека повеќе време поминато пред екрани во првата година од животот на детето е поврзано со развојни доцнења во комуникацијата и вештините за решавање проблеми, кога децата биле помеѓу 2 и 4 години.

Кои се критиките на политиката за забрана на екраните?

Некои истражувачи веруваат дека политиката без екран е едноставно нереална. Кој родител не му дал телефон на вознемирено дете за да го смири во јавност?

За жал, подолгото работно време за родителите, помалите семејства, урбанизацијата и општиот страв да се остават децата сами да си играат надвор значи дека малите честопати се помалку способни да се забавуваат како што некогаш тоа го правеле децата.

Ендрју К. Пжибилски, професор по човечко однесување и технологија на Универзитетот „Оксфорд“, вели дека забраните би можеле да ги „срамат“ родителите кои имаат малку други опции за да направат различни избори. Тој вели дека количината на време е помалку важна од видот на активноста на телефонот. Сепак, тој ја поддржал идејата дека мора да има рамнотежа помеѓу онлајн светот и офлајн светот.

Што е со децата на училишна возраст?

Насоките на Шведска стапиле во сила во вистинскиот момент, имено на почетокот на новата учебна година, токму навреме за да се ограничи пристапот на децата до екраните. Во САД, најмалку осум држави оваа година ја намалиле употребата на телефони за време на училишните часови.

Повеќето од овие идеи и пристапи биле под влијание на извештајот објавен од УНЕСКО во 2023 година, кој покажал дека употребата на паметни телефони може да го наруши учењето во училницата. Дури и само да имате мобилен телефон во непосредна близина (со известувања кои постојано пристигнуваат!), доволно е за учениците да го изгубат фокусот од задачата.

Што се однесува до Швеѓаните, тие сè уште немаат политика за носење телефон на училиште, но таа е во фаза на изработка.

Автор: Србијанка Станковиќ

Извор



912

X