Оштетувањето на кожата од сонцето има кумулативен ефект, 80 проценти од периодот на изложеност на сонце за време на животниот век се во текот на детството. Изгорениците во раното детство ја зголемуваат можноста за појава на рак на кожата подоцна во животот. Затоа, моја препорака е да не патувате и да не планирате одмор со бебе помало од два месеца – вели д-р Симонида Спасевска, педијатар во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Дали со бебе може да се оди на одмор? Како да го заштитиме од сонцето, колку време може да се бања во море, што треба да се понесе во торбичката за прва помош? Ова се прашањата и дилемите што ги мачат сите родители кога е во прашање планирањето на долго очекуваниот летен одмор. Д-р Симонида Спасевска, педијатар во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, за Факултети мк. вели дека нема потреба родителите да се плашат и дека ако добро се подготват и не ги прават најчестите грешки, сите безбедно и среќно ќе си ги поминат деновите на плажа. Еве што според неа треба да понесете со себе пред тргнување:

– Лекови што задолжително треба да ги земете со вас се сируп за покачена температура (кој може да го употребите и при болка), пробиотик, електролити, крем за ублажување на симптоми по убоди од инсекти, изгореници и гребаници, антибиотски спреј за надворешни рани и локален антисептик, капки за нос (физиолшки раствор…) – вели д-р Спасевска.

Повеќето педијатри советуваат да не ги изложувате вашите новороденчиња на сончевото влијание во текот на летото, но треба да се земе предвид и психолошкиот аспект, дека е добро семејството да е заедно во текот на одморот. Доктор Спасевска објаснува дека кожата на новороденото е тенка, нежна, чувствителна. Природниот механизам за заштита на кожата од сончевите зраци не е целосно развиен.

-Затоа, изложување на новороденото 15 до 20 минути на директно сончево влијание може да предизвика изгореници и дехидрација.

Оштетувањето на кожата од сонцето има кумулативен ефект, 80 проценти од периодот на изложеност на сонце за време на животниот век се во текот на детството. Изгорениците во раното детство ја зголемуваат можноста за појава на рак на кожата подоцна во животот. Затоа, моја препорака е да не патувате и да не планирате одмор со бебе помало од два месеца. Доколку сепак заминете, направете услови патувањето и престојот во новата средина на вашето бебе да му бидат пријатни. Патувајте во раните утрински часови со чести паузи и за тоа време преслечете го и нахранете го бебето – објаснува д-р Спасевска.

Престојот подолго време на сонце може сериозно да го загрози здравјето на возрасните, а посебно чувствителни се децата. Затоа изложувањето на сончевите зраци во текот на денот треба да биде умерено. Се препорачува престој на плажа претпладне од 9 до 11 часот и попладне од 17 до 19 часот.

-Капењето во морето треба да е кратко (10 минути), секако доколку водата е топла (околу 25 C) и доколку бебето ужива во тоа. По секое капење во море, бебето треба да се истушира со чиста вода и да се намачка со неутрален лосион или млеко за тело, со цел кожата да биде добро хидрирана. Не препорачуваме капење во море или езеро „насила“, при кое бебето е вознемирено, уплашено и почнува хистерично да плаче. Не препорачуваме капење во базени и други неистечни води бидејќи ризикот од појава на инфекции е поголем, особено на цревни вирози, проследени со повраќања, дијареја и покачена температура. Престојот на плажа треба да биде под сенка, по можност природна. Изгорениците се јавуваат при изложеност на сончеви зраци и обично не се манифестираат веднаш, што ве залажува дека на вашето бебе му е пријатно на сонце. Се јавуваат неколку часа подоцна и може да се манифестираат со црвенило, болка, оток, затегнатост на кожата, па дури и појава на пликови.

Докторката предупредува и дека не се препорачува употреба на заштитни кремови за сончање кај новородените и бебињата до 2 месеца, а кај постарите доенчиња, треба да се употребува крем за сончање соодветен за деца.

Доколу за време на годишниот одмор вашето бебе има покачена температура, но општата состојба не е нарушена и нема други симптоми, тогаш лекувањето може да го спроведувате во домашни услови, со примена на антипиретици и физички методи на симнување на температурата (масирање, туширање, ладни облоги, внес на течности). Но ако оваа состојба потрае повеќе од два дена, треба да го однесете на лекар.



912

X