Прекумерната тежина или дебелината кај децата е голем проблем денес. Родителите не придаваат големо значење на правилната исхрана на своите деца додека не се појават последиците. За жал, оваа последица не е ограничена на прекумерна тежина, која го нарушува физичкиот изглед. Естетскиот критериум е само една од причините за реагирање, но има нешто многу поважно, а тоа е здравјето.

Медицинската практика и многубројните истражувања покажуваат дека голем број дебели деца се соочуваат со сериозни здравствени проблеми. Некои од нив се нарушувања на метаболизмот, растот, спиењето, сексуалниот развој, дијабетесот, анксиозноста и депресијата. Истовремено, дебелите деца имаат поголема тенденција да развијат срцеви заболувања, заболување на црниот дроб, рак и мозочен удар. Ова се само дел од последиците што можат да се случат во телото на вашето дете доколку е склоно кон дебелеење. Затоа е важно да се реагира навреме.

Правилната исхрана се создава уште од првите залаци

Во првите месеци доењето или адаптираната млечна формула е единствениот и најважен детски оброк. Меѓутоа, како што расте доенчето, растат и неговите потреби. Тоа значи дека развојот на дигестивниот и невромускулниот систем на детето достигнува одредено ниво и постепено преминува кон цврста храна. Оваа постапка се спроведува постепено и внимателно, со правилен избор на храна и контрола на тоа како бебето реагира на неа.

Кашичките, мешавина од мешано овошје или зеленчук, овесните снегулки за бебиња, месото, супите, овошните компоти и соковите се првите цврсти оброци. Исто така, важно е оброците да бидат секогаш свежи, во одредени периоди, и ограничени. Родителите прават голема грешка кога го принудуваат своето бебе да го изеде целиот оброк или кога интензивно го хранат со тоа што најмногу го јаде. Значи, од родителите зависи дали бебето ќе започне здрав живот.

Развој на детето и правилна исхрана

Здравата исхрана е клучен услов за правилен раст и развој на децата. Ова е најважно во овој период бидејќи им овозможува на мозокот, коските и на другите органи да го достигнат својот целосен потенцијал. Здравата исхрана игра голема улога во емоционалниот, менталниот и социјалниот развој на детето. Тоа значи дека правилната исхрана е поврзана со нивото на енергија на децата, расположението, дружељубивоста, концентрацијата и успехот на училиште.

Здравата храна во овој период значи дека детето го јаде она што е најпотребно од секоја група на храна.

Јајца – значаен извор на железо, фолна киселина и други витамини од групата Б, витамини А и Е, цинк, фосфор и антиоксиданси. Белките ги содржат сите потребни протеини, додека жолчките се извор на есенцијални масни киселини. Јајцата имаат значително влијание врз растот и развојот на централниот нервен систем.

Млеко и млечни производи – клучна храна за децата бидејќи тоа е најголемиот извор на калциум потребен за развој на коските и скелетниот систем. Пилешкото месо е одличен извор на протеини, калциум, фосфор и железо.

Риба – хранлива и најбалансирана храна. Богата е со калциум и сите потребни витамини и минерали. Содржи најмал процент на масти и холестерол од другите видови месо.

Житарици – содржат витамин Б и фолна киселина, важни се за структурата на мускулите. Здравата исхрана инсистира на консумирање цели зрна, додека рафинираните житарици не се препорачуваат бидејќи ги изгубиле важните хранливи материи во процесот на преработка.

Овошјето и зеленчукот се главниот извор на витамини и минерали кои им се потребни на децата за раст и развој. Влакната од овошјето и зеленчукот го регулираат дигестивниот систем.

Бидејќи различните намирници имаат различни мешавини на хранливи материи, разновидноста е од суштинско значење.

Стоп за благото и грицките

Факт е дека децата сакаат благи и грицки и дека често претеруваат. Можеме да кажеме дека родителите се виновни затоа што рано го вовеле шеќерот во исхраната на своето дете. Мајките и татковците често користат слатки како награда за доброто однесување. Освен тоа, ако имаат навика да јадат нешто слатко по ручекот, свесно или несвесно му го пренесуваат тоа на детето. Така се создаваат лоши навики кои подоцна тешко се искоренуваат.

Мали се шансите децата засекогаш да ги исфрлат слатките и грицките од исхраната. Тогаш решението е да ги намалите на минимум. Исто така, постои можност да се најде замена за нив во форма на овошје и интегрални производи. Родителите тука имаат клучна улога. Не само што треба да бидат строги, туку делумно треба да му дадат добар пример на детето.

Адолесцентите и дебелината

Дебелината кај децата се јавува на порана возраст, но проблемите што ги создава продолжуваат и подоцна. Дебелината може да биде голем проблем во адолесценцијата. Тоа е преоден период во животот на човекот, односно време кога детето постепено станува возрасно. Адолесценцијата е обележана со развој на интелектуална, социјална, емоционална и сексуална зрелост, а дебелината може да влијае врз сите.

Проблемите што можат да се појават кај дебелите адолесценти во овој период се намалениот хормон за раст и забавена работа на тироидната жлезда, доцнење на сексуалната зрелост, ран менструален циклус кај девојчињата, слаба концентрација, анксиозност и социјална дистанца.

Како да се спречи дебелината кај децата?

Постојат неколку едноставни начини за спречување на дебелината кај децата, а тие се препорака за сите родители.

Правилен избор на храна.
Ограничени оброци (три оброци и две ужини).
Секој оброк да биде во одредено време.
Варена и печена храна наместо пржена.
Не многу големи порции.
Не терајте го детето да изеде сè од чинијата.
Правилно и бавно џвакање на храната.
Поголем внес на течности (вода, не сокови).
Благото не е награда.
Физичката активност е многу важна.

Автор: Теодора Петровиќ

Извор



912

X