Ги слушам младите мајки. Секоја преку ноќ станала општ лекар, хирург и психолог. Детето ќе добие настинка, па бараат секакви „врски и ургенции“ за детето да добие антибиотик. Вршат притисок врз педијатрите и ја коментираат стручноста на лекарот. Самите даваат лекови, бидејќи детето минатиот пат ги имало истите симптоми…

Исто така, одеднаш станале најдобри психолози. Подобро од сите експерти знаат што му недостига на нивното дете, прават сè наместо него, му забрануваат да скока, да се качува, да трча, да вика… Граници и правила не постојат, детето почнува да манипулира од најмала возраст, а потоа родителите ги обвинуваат училиштето и државата. Кога детето ќе тргне во прво одделение, ја пишуваат домашната задача наместо него и му помагаат многу повеќе отколку што е навистина потребно. Децата ни стануваат несмасни, несамостојни и до небо зависни од своите родители, дури и во најосновните работи.

На работа, одеднаш сите знаат што е задачата на правникот, сметководителот, административниот работник… Сите знаеме сè најдобро, најпаметни сме… Мислиме дека сме најспособни и дека ја знаеме работата подобро од кој било друг!

Дали тоа значи дека сме полни со самодоверба? Не, не значи. Тоа значи дека сме си ја скратиле можноста да стекнуваме нови искуства, учења и напредувања. Тоа значи дека пропуштаме многу можности само затоа што имаме непоколеблив став дека сме најдобри на светот. Ваквиот начин на размислување може да биде оправдан кога навистина сме најдобри во работата со која се занимаваме. А дали е можно да сме баш сите најдобри? Мислам дека не е.

Би било добро малку да погледнеме околу себе. Погледнете какви резултати постигнуваат луѓето. Погледнете колку се трудат луѓето. Обрнете внимание на луѓето што навистина вложуваат голем дел од себе за да постигнат нешто што би сакале. Немојте за своите неуспеси секогаш да барате друг виновник. Најлесно е да се обвинат државата, системот, работодавците, брачниот партнер, родителите… А дали освен префрлањето на вината на другата страна сте направиле нешто за да се поместите од мртва точка?

Научете да бидете искрени кон себе. Ако нешто не знаете, признајте го тоа. Макар себеси. А потоа, целата своја сила насочете ја кон тоа – одредена работа да ја научите најдобро што можете. Прифатете дека најдобрите работи никогаш не се добиваат преку ноќ. За сè што е квалитетно, потребни се многу време и труд.

Не наседнувајте на приказните дека некој постигнал нешто лесно, брзо и едноставно. Само таа личност знае низ што сè поминала и кои жртви морала да ги поднесе, или и понатаму ги поднесува за да биде таму каде што е.

Бидете отворени, комуникативни и полни со самодоверба, но секогаш свесни за своите маани за да можете на нив постојано да работите.

Автор: О.Б./ дипломиран психолог и семеен терапевт



912

X