Колку пати се фаќате себеси како му кажувате на детето „срам да ти е“ без многу да мислите зошто го правите тоа? Треба ли децата да се срамат од многу нешта и како им создаваме повеќе срамови отколку што треба? Разговараме со психологот Вида Гаврилоска од Институтот за брак, семејство и системска пракса „Алтернатива“ од Скопје.

Таа ни објасни дека срамот е чувство што се јавува под влијание на околината каде детето уште од втората и третата година почнува да се спознава. Децата во таа фаза сѐ уште се движат помеѓу самостојноста, контролата и волјата.
– Охрабрувањата од возрасните многу значат во секоја развојна фаза на детето, но особено во оваа. Во овој период родителите веќе ги учат своите деца на забрани и ограничувања. Кога децата успеваат во самоконтролата, родителите ги наградуваат (со насмевка, задоволство, пофалба) и полека се развива гордоста, самостојноста, но, од друга страна, полека почнува да се развива чувството на срам доколку не успеат во активностите што возрасните ги очекуваат од нив. Понатаму чувството на срам како комплексна емоција сѐ повеќе се развива и се разликува од другите чувства – вели Гаврилоска.

Срамот е одраз на вредностите на семејството

Семејството, блиските луѓе, образовниот систем, врсниците – сите тие имаат влијание врз развојот на оваа емоција кај децата.

– Семејството може многу да помогне во однос на разликување на чувствата на срам и на вина, што е многу важно и за возрасните. Најчесто срамот се поврзува со непријатност од тоа кој сум јас, а чувството на вина од тоа што јас го правам. Вредносниот систем кај децата, во кој спаѓа и чувството на срам, во голем дел е одраз на вредностите на семејството, неговата потесна средина, па и општеството во кое се социјализира младата единка. Како и секое друго чувство, и тоа на срам е природно и нормално е да се јавува кај секого – вели Гаврилоска.

Многу често во воспитниот, па и во образовниот процес, чувството на срам повеќе се користи како коректив, односно како воспитна мерка со цел да помогне во социјализацијата на детето и воспитувањето совесни и одговорни луѓе.

– Кога кон децата им се пристапува (на еден начин и казнувањето со) „срам да ти е“, некогаш тие и не разбираат од што точно треба да се срамат зашто најчесто изостануваат објаснувањата што може да биде поразлично. Ваквите чести ситуации, особено од најблиските, можат да придонесат детето сѐ почесто да прави работи кои родителите ги сметаат за срамни, односно за непожелни, баш поради тоа што чувството на срам се врзува со тоа што сум, таков сум и може понатаму да се прошири на посложени психолошки концепти, како помала самодоверба, страв од успех, намалена иницијатива, повлекување – категорична е Гаврилоска.

Доследност во постапките

Во ситуации кога блиските на детето точно и прецизно му објаснуваат зошто ситуацијата е срамна или е неприфатлива за детето, мора да бидат доследни и истите работи да важат за сите членови на семејството, посочува Гаврилоска.

– Ако важи семејното правило детето да биде внимателно со предметите во домот, да не се кршат, истото треба да важи и за возрасните. Кога информациите не се јасни, прецизни, доследни за конкретни активности, децата многу често се збунети и не знаат што да прават, кое однесување е пожелно, зошто е пожелно или зошто се казнети и како тоа во слични ситуации има различни правила и за слични ситуации за различни луѓе има различни правила – вели психотерапевтот.
Луѓето имаат право да се чувствуваат на различен начин, тоа е природно. Иако културолошки повеќе се зборува за позитивните емоции, а почесто има психолошки забрани да се зборува и да се споделуваат и негативните емоции, на новите генерации останува да почнат да прават промени, категорична е Гаврилоска.

– Препознавањето, уважувањето, прифаќањето, именувањето, разбирањето на секоја емоција е клучно во човековата комуникација. Откако ќе ја уважиме емоцијата и ќе им дозволиме да се чувствуваат на начин на кој се чувствуваат, започнуваат промени. Дури тогаш можеме да зборуваме како таа емоција влијае врз нашите (детските) мисли и однесување, кои активности може да помогнат да се чувствуваме погорди и да градиме позитивна слика за себе  – вели таа.

Чувството на срам им помага на младите заедно со помош на блиските и средината подобро да разликуваат добро од лошо, позитивно да ја градат својата слика за себе и за светот, да развиваат идеи кои повеќе ќе ги направат да се гордеат со себе и им отвора можност кон промена и одлука, да се движат кон она што ги прави горди, завршува нашата соговорничка.



912

X