Американскиот психолог Флоренс Гудинаф во 1926 година развила концепт за процена на интелигенцијата на децата (од нивната четврта година) врз основа на цртежи од човечка фигура. Овој тест и денес е во употреба и е познат како Гудинаф-Харис тест за цртање човечки фигури.

По повеќе од 10 години психологот Карен Маховер, анализирајќи поголем број цртежи на деца што го работеле Гудинаф-Харис тест за интелигенција, сфатила дека цртежите на децата со ист коефициент на интелигенција сепак се разликуваат. Таа претпоставила дека до разлики доаѓа поради разликите во личностите на децата и врз основа на тоа развила концепт за проучување на личноста и емоциите на детето преку цртежи. Оваа техника денес се употребува кај децата од 7 години нагоре, а се појавиле и други техники базирани на цртеж.

Словенечкиот психолог Антун Трстењак најмногу се занимавал со тематиката за изразување на личноста преку линиите, бојата и формата. Тој смета дека линиите и фигурите зборуваат за самоконтролата и рационалноста, позицијата на фигурата на сликата за рамнотежата, себичноста, амбициозноста и слично, додека боите зборуваат за емоционалниот живот на цртачот. Кај цртањето луѓе од околината (на пример, детски цртеж од семејството) индикативни елементи се позицијата на лицата поблиску и подалеку од детето, позицијата на секоја поединечна личност на хартијата, кој член од семејството е прикажан со каква боја, каков е изразот на лицата…

Сите автори даваат некои општи принципи во оваа област, кои не се потврдени со други методи и секако мора да се гледаат кај детето во конкретни околности. Но, еве како Трстењак толкува одредени елементи на цртежот:

Линиите и фигурите зборуваат за степенот на самоконтрола и рационалност.

Тенките и испрекинати линии – крутост на личноста, несигурност.

Заоблени линии – скромност.

Издолжени линии – агресивност.

Цикцак-линии – несигурност, неизвесност на карактерот.

Прави линии – самоувереност, агресивност.

Фигури без детали – личност склона кон мечтаење, личност што зборува, но и нереална личност.

Ситни и детални фигури – реалистичност.

Линии со променлив интензитет – ниска упорност.

Бојата го опишува емоционалниот живот на детето

Црвена – агресивност;

Сина – смиреност, балансираност;

Жолта – инфантилност;

Црна – интелигенција, рационалност, контрола;

Зелена – склоност кон потиснување на емоциите;

Кафеава – хигиената е од исклучителна важност за личноста што црта.

Уште една занимливост: Со годините се намалува количината на жолта и на сина, а се зголемува употребата на црвена и зелена боја.

Употребата на просторот на хартијата зборува за карактеристиките на личноста

Врвот на хартијата – високо ниво на аспирација;

Цртежот ги надминува рабовите на хартијата – нетолеранција, врсниците често ги избегнуваат;

Цела површина на хартијата е исполнета – деца што имаат силна самоконтрола, честопати многу зависни од возрасните и со потреба да се докажуваат;

Хартија искористена размерно – рамнотежа;

Фигурата го допира дното на хартијата – реалистичност, луѓе што се приземјени;

Постојано поправање на цртежот – самокритичност, скромност.

Веродостојност на детскиот цртеж

Податоците за веродостојноста за големината на детскиот цртеж варираат во зависност од начинот на кој е мерен; доколку детскиот цртеж со иста тема (човек) има просечна големина во однос на големината на цртежите на врсниците, тогаш во следните мерења нема значително да отстапува од големината во наредното мерење. Ако зборуваме за веродостојност на цртежот во однос на прикажување исти карактеристики на темата во неколку наврати, истражувачите убедуваат за релативно висока сигурност. Авторите ја споменуваат веројатноста дека детето одредена карактеристика на човечка фигура ќе прикаже во два цртежи и таа веројатност е 80 отсто. Веродостојноста на цртежите значително зависи од интервалот во кој се собираат податоците. При цртање иста тема вториот цртеж е значително различен по големина од првиот. Зголемувањето на моторната контрола може да биде причина за намалување на вториот цртеж, а другата причина може да биде и вложување помалку труд од страна на детето за цртање цртеж на веќе позната тема.

Предупредувачки знаци на детските цртежи

Потег

Ако е премногу лесен, открива срамежливост, хиперсензитивност, интровертност и честопати воздржано дете. Тоа може да биде знак и за потреба од поголемо внимание, охрабрување и пофалби.

Ако на хартијата има многу пресеци од прикажаните ликови и предмети, детето веројатно се плаши дека ќе згреши и дека нема да нацрта добра слика како другите деца: треба да се пофали неговата способност и вештина и отворено да му се покаже љубов.

Кога потегот е пренагласен, до таа мера што детето со моливот ја прободило хартијата, може да биде знак за голема суета. Исто така, често открива доста агресивно и каприциозно дете.

Боја

Црната е боја на стравот, но и белата. Ако детето се блокира пред празно ливче хартија или остава многу празен простор на секоја страница, тоа може да се плаши од празен простор или можеби има потреба од појасни граници, потреба родителот да му каже до каде смее да оди.

Ако предност му дава на боите како црна и жолта, тоа може да значи љубомора (односно страв да не изгуби нечија љубов).

Бојата треба да се види во однос на прикажаниот предмет: на пример, црвените човечки ликови може да бидат одраз на потисната агресија и потреба детето да ја исфрли.

Предмети

Некои елементи може да бидат поврзани со стравовите на децата: чудовишта, но исто така и глувци, пајаци, змии, инсекти.

Честопати цртањето крв, лекари и болници може да укажува на вознемиреност.

Сонцето во детската потсвест го претставува таткото. Ако е темно и премногу оддалечено од остатокот од цртежот, може да укажува на потребата за поголема комуникација со таткото.

Куќата ја симболизира мајката.

Ако покривот е црвен, тоа може да се поврзува со агресивноста насочена кон ликот на мајката, додека влезната врата заклучена со катанец или клуч може да биде знак на страв од напад од другите луѓе или знак за желбата на детето вратата од неговиот дом да биде отворена за неговите пријатели.

И прозорците играат важна улога во симболиката на детето: прозорците со многу цвеќиња искажуваат радост, а затворените прозорци или прозорците со решетки се одраз на страв од отвореност кон другите.

Листовите што паѓаат од дрвјата претставуваат страв од осаменост и желба на детето да биде мало, заштитено и секогаш во близина на родителите.

Посебно внимание треба да се посвети на чевлите, стапалата и нозете: ако детето ги црта родителите боси, без стапала или нозе, може да значи дека нема доволно доверба во нив и му е потребна поголема сигурност и безбедност.

Автор: Предраг Спасоевиќ



912

X