Виртуелното учење им даде малку мир на децата кои се соочуваат со насилство во ходниците на училиштата, на големите одмори и слично. За некои, пак, мачењето не престанало, туку само се префрлило онлајн. Сајбер-булингот може да подразбира испраќање на заканувачки пораки, објавување засрамувачки фотографии или видеа или создавање лажни профили на социјални мрежи. За време на пандемијата ваквиот вид насилство се применува и на Гугл-училница. Се прашувате дали и вашето дете е жртва на сајбер-булинг? Експертите откриваат кои се знаците што укажуваат на такво нешто:

1. Има изненадувачка промена во времето што го поминува на своите уреди

Како родител, сигурно имате претстава колку часа во просек детето поминува време на своите уреди. Па, ако забележите значителен пораст или намалување на времето пред екраните кај вашето дете, тоа може да биде еден од знаците.

– Ако употребата на технологијата се зголеми одненадеж, тогаш детето можеби следи што објавува за него оној што го малтретира – вели терапевтот специјализиран за онлајн-булинг – Тенил Ричардсон-Куамина.

2. Чести промени на расположението и знае да биде расеано откако ќе помине време онлајн

Повремените промени во расположението не се нешто чудно, особено за тинејџерите. Но, ако забележите некој образец на однесување, особено кога детето поминува време пред екраните, тогаш тоа може да биде индикатор дека нешто не е во ред.

– Може да очекувате гнев, лутина, тага или фрустрација, но барајте и знаци за засилена среќа, која детето се обидува да ја наметне за да го маскира вистинското чувство. Кога се работи за физички реакции кон сајбер-булинг, тогаш барајте знаци на нервоза, анксиозност – вели Ричардсон-Куамина.

3. Станува таинствено за користењето на технолошките уреди

Одење во соба за да го користи телефонот, избегнување разговори за тоа што прави на компјутер. Ова се некои ситуации кои може да укажуваат дека детето се соочува со проблем.

– Ако неочекувано ги исклучува уредите кога некој се приближува, одбива да дискутира за тоа што прави онлајн или се вознемирува кога му пристапувате со разговор, можеби се обидува да го сокрие фактот дека се соочува со булинг – стои на блогот од универзитетот „Меривил“.

4. Споменува дека се соочува со „драма“

Ако вашето дете ви се отвори, знајте дека можеби не сфаќа дека тоа што му се случува е сајбер-булинг. Наместо тоа, може да каже дека се справува со озборување, драма или „тролање“. Децата најчесто не ги користат соодветните термини, па затоа е важно да зборуваме на нивниот јазик, вели Ричардсон-Куамина.

5. Забележувате промени во дневните навики – јадење/спиење

Булингот може да доведе до проблеми со физичкото и менталното здравје, вели Бејли Хјустон, координатор во Националниот центар за превенција од булинг „Пејсер“ . „Тука се вклучуваат проблеми со спиењето, ниска самодоверба, зголемен страв или анксиозност, чувство на отуѓување“, вели таа. Чести се и болки во стомакот и главоболки. „Може да забележите промени во навиките во исхраната, избегнување на социјални ситуации, изливи на бес или зголемена иритација“, вели лиценцираниот клинички социјален работник Кејти Харли.

Совет за родителите

Како може да помогнете? Прво, слушајте и покажете емпатија. „Родителите имаат тенденција да стапат веднаш во позиција на решавање на проблемот. Соберете информации за емоционалните потреби на детето и прашајте го дали може да ви опише што се случува“, вели Харли.

Потсетете го дека не е само. „Ако детето сподели дека е жртва на онлајн-насилство, најверојатно вие сте првата личност на која ѝ го кажало тоа“, вели Хјустон. Онлајн-насилството може да предизвика детето да се чувствува изолирано, па зајакнете ја порака дека има луѓе во својот живот што се грижат за него.

Документирајте ја ситуацијата. „Онлајн-насилството остава зад себе докази кои треба да се документираат. Зачувајте ги пораките, веб-страниците, објавите и слично“, вели Хјустон.

Не одземајте му ги уредите на детето. Најчесто поради тоа децата и не кажуваат со што се соочуваат, бидејќи се плашат дека родителите ќе им ги одземат уредите. Иако сакате да го заштитите детето на тој начин, тоа ќе мисли дека го казнувате.

Зборувајте со некого од училиштето. Многу училишта имаат правила против оваа појава, па зборувајте со некој надлежен. Прашајте што може да се стори за да се подобри ситуацијата, зборувајте со наставник или директор. „Помогнете му на детето да зборува за тоа и да го најде најдобриот начин за справување“, вели Хјустон.

Користете опции за приватност. Уверете се дека уредите се заштитени, како и приватните податоци на вашето дете по социјалните мрежи.

Разговарајте отворено на темата. И покрај превртувањето на очите, секогаш потсетувајте ги децата на опасностите со кои може да се соочат. Дискутирајте за ваквите појави и кажете ги начините за заштита. Дури и откако ќе решите некој ваков проблем, не значи дека разговорот за тоа треба да престане. „Децата нека ве учат за новите апликации и платформи, кои се предизвиците и слично, едноставно вклучете се, бидејќи не треба да сте тука за нив само кога нешто не е во ред и има некаков проблем“, вели Ричардсон-Куамина.

Автор: Келси Боресен

Извор



912

X