За децата е идеално да растат со двајца родители кои имаат хармоничен однос, кои се посветени на семејството. Но, тоа не е секогаш можно. Кога станува збор за семејство со еден родител, тоа во поголем процент е мајката. Ваквата заедница има свои особености, во зависност од тоа на која возраст е детето, дали е машко или женско, какви се социјалната и емотивната стабилност на мајката, општото опкружување…
Играта и комуникацијата меѓу мајката и ќерката во многу работи се разликуваат од играта и комуникацијата меѓу мајката и синот. Што конкретно значи ова?

1. Игра

Кога си играте со вашата ќерка која е на претшколска возраст, тоа се игри во кои мајките добро се снаоѓаат (кукли, играње улоги, цртање…). Меѓутоа, кога и татковците се активно вклучени во растењето на децата, тие нудат низа поинакви игри и играчки (игри со топка и други спортски реквизити, социјални игри…). Бидејќи вашата ќерка расте само со вас, постои веројатност да ѝ бидат скратени ваквите активности и игри. Затоа е важно да се обидете да најдете игри и активности што се разновидни, а не на детето да му го нудите само она што ви е познато.

2. Комуникација

Најчесто меѓу мајките и ќерките постои одлична комуникација, заснована на доверба и блискост. Имено, со оглед на тоа дека и самите се воспитувани јасно да ги покажуваат своите емоции, мајките често инсистираат на развој на емотивниот живот и на своите ќерки. Во таквата емотивна отвореност се крие добра основа за меѓусебно разбирање и прифаќање.
Сепак, кога една мајка самостојно одгледува ќерка, без присуство на татко, создава еден специфичен однос кој има свои предности, но и замки.

Предности

Разбирање на истиот пол

Мајките ќе се посветат на процесот на формирање правилен полов идентитет на нивните ќерки. Нема подобар соговорник за првите бакнежи, за месечните циклуси, за хормонските промени во пубертетот, за момчињата… од мајката. Се подразбира дека ова се однесува за мајки што ги воспитуваат своите ќерки во целосно семејство (мајка, татко, деца), но кога мајката и ќерката се упатени една кон друга – се засилуваат сите предности и недостатоци на таквиот однос.

Блискост

Блискоста меѓу самохраните родители и децата е далеку поизразена кога се во прашање ќерките отколку кога се работи за синовите. Добриот однос меѓу мајките и ќерките остварен во детството најчесто продолжува и кога ќерката ќе порасне. Грижливоста, нежноста, вниманието кон своите мајки главно сме навикнале да ги доживуваме (но и да ги очекуваме) од женските деца.

Самостојност

Девојчињата што растат само покрај мајка многу побрзо ги совладуваат основите на самостојноста отколку момчињата што се наоѓаат во иста положба. Тие брзо учат не само да ги врзуваат врвците, туку и на извесен начин да се грижат за своите мајки. Оваа грижливост и одговорност се засилуваат со возраста. За тоа многу придонесуваат и мајките, кои своите синови често ги третираат како пол кој не треба или не може да научи многу работи, па одлучуваат да ги прават наместо нив. Се подразбира дека самостојноста е позитивна и важна особина, но кога е претерана, таа одзема дел од детството бидејќи предвреме го претвора детето во зрела личност.

Замки

Другарки

Вие не треба да бидете другарки со своите ќерки. Тоа не е добро ни за вас ни за нив. Тие мора да се оспособат да ги бараат своите другарки меѓу врсниците, а истото важи и за вас. Ако ја поминете границата на меѓусебниот добар однос родител-дете, вашата ќерка нема да може да ги развива своите социјални способности, односно да се запознава со врсници, да гради пријателства, да се разочарува, да учи како да се однесува во конфликтни ситуации. Доколку вашата блискост е претерана, сте формирале маѓепсан, затворен свет каде што никој нема можност да влезе. Колку што е повозрасно детето, толку ваквиот однос ќе има потешки последици и за него и за вас.

Ривалство

Кога девојчето ќе влезе во пубертет – мајките се чувствуваат загрозени, па се обидуваат да останат рамноправни со своите ќерки. Тогаш обично инсистираат да се облекуваат исто како ќерките, да слушаат иста музика и слично. Сепак, мајките не го прават ова со лоши намери или затоа што не сакаат да им дозволат на ќерките да пораснат, туку затоа што не се снаоѓаат со сопствените години. Имено, бидејќи поминале долги години во самостојно одгледување на детето, тие, всушност, не можат лесно да се помират не со тоа што нивното девојче станува девојка, туку со процесот на сопственото стареење.

„Сите мажи се исти“

Во претераната блискост што ја остваруваат со ќерките мајките често умеат да го „изгубат компасот“, па почнуваат да им ги всадуваат на ќерките и своите лични ставови кон машкиот род. Кога им ги „натурате“ своите ставови, засновани на сопственото искуство – тешко дека ќе задржите вистинска мера. На овој начин развивате предрасуди кај својата ќерка. Наместо да ѝ го „згадите“ машкиот род, подобро научете ја како да ги препознава разликите меѓу луѓето, како меѓу жените така и меѓу мажите.

 



912

X