Големината на семејството е исклучиво лична одлука и една од работите што не е секогаш под наша контрола. Колку деца ќе одлучат двојките да имаат и на колкаво временско растојание ќе ги имаат децата, е нешто што често е критикувано и коментирано.

Големите семејства се критикувани повеќе јавно, но има и стигма поврзана со оние што имаат мало семејство. Без разлика дали е преку избор или одредени причини надвор од нивна контрола, оние што имаат мали семејства често добиваат сличен критицизам како и оние со големи семејства. Ова се неколку предности и недостатоци на двата типа семејства.

Предности

Внимание

Без разлика колку деца се, родителите ги сакаат сите еднакво, но не е тајна дека ако имаат помалку деца, тогаш можат и повеќе внимание да им посветат. Тоа значи дека децата ќе имаат придобивки од тоа да поминуваат повеќе време со родителите. И тоа не само за нив, туку придобивката е и за родителите – бидејќи тоа значи помалку стрес.

Финансии

Има голема финансиска придобивка ако имате помало семејство. Помалку деца не само што значи повеќе пари за воннаставни активности, едукација и слично, туку и помалку пари се трошат на храна и друго, што значи поголема финансиска стабилност во семејството. Помалите семејства плаќаат помалку во градинките, што може да доведе до големо олеснување за семејството. Децата што доаѓаат од домови со поголема финансиска стабилност имаат повеќе можности кога ќе пораснат и се академски поуспешни. Според неодамнешна студија, родителите на поголеми семејства помалку плаќаат за високо образование на своите деца, додека родителите на помали семејства повеќе плаќаат. Тоа значи голема разлика во финансиските предности што децата ќе ги добијат како што ќе се развиваат.

Можности

Грижата за децата значи постојана работа и често еден родител седи дома за да ги одгледува децата барем додека не тргнат на училиште. Ако во семејството има помалку деца, тоа им дозволува на двајцата родители да бараат можности, и во однос на кариерата и во однос на едукацијата, за разлика за родителите што имаат повеќе деца и се позафатени со нив.

Недостатоци

Социјални вештини

Додека многу од децата единци и децата од помали семејства немаат проблем со своите социјални вештини, студиите покажуваат дека децата единци не ги имаат социјалните вештини што ги имаат нивните врсници со браќа и сестри. Понекогаш децата единци или децата од помали семејства не се во контакт со нивните врсници, како децата од поголеми семејства, сè додека не достигнат училишна возраст, па затоа не се во предност кога се работи за снаоѓање во социјални ситуации.

Одговорност

Додека децата единци или децата од мали семејства добиваат повеќе внимание од нивните родители кога се помали, често се чувствуваат пренатрупани со одговорности за грижа за тие родители кога ќе пораснат. Во семејство со повеќе браќа и сестри едноставно има повеќе луѓе кои може да се грижат за родителите кога ќе остарат и да ги споделуваат одговорностите.

Заедница

Пријателите доаѓаат и си одат, но семејството е засекогаш – ова е популарна изрека која многу деца од големи семејства ја знаат премногу добро. Кога имате браќа и сестри, имате и чувство на постоење на заедница изградена во семејството што секогаш ќе биде тука. Додека браќата и сестрите може да имаат недоразбирања додека се млади, често кога ќе пораснат се блиски, се поврзуваат и си ги одржуваат односите дури и кога самите ќе формираат семејства. Децата единци или оние што имаат само еден брат или сестра често имаат чувство дека им недостига тоа големо, проширено семејство кое дава чувство на заедница, како и поголема мрежа за поддршка.

Нема совршен број на деца што е потребен во едно семејство, а колку деца ќе има некој е навистина лична одлука.

Семејството е она што е важно, без разлика на големината, предностите и недостатоците.

Автор: Кели Катана

Извор



912

X