Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 8-месечно бебе. Со сопругот сме пред развод и ситуацијата дома е многу напната. Жртва сум на физичко и психичко насилство. Имаше три-четири ситуации кои се случија пред детето. Тоа тогаш почнуваше да плаче. Успевав да го смирам најбрзо што може. Прашањето ми е колку ваквите ситуации влијаат на неговиот психички развој?
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Семејното насилство опфаќа многу аспекти кои ја менуваат целокупната динамика на живеење и влијае врз растот и развојот на децата. Раното детство е период на интензивен физички, когнитивен, емоционален и социјален развој. Развојот на мозокот е најинтензивен во првите месеци и години во животот и врз истиот влијаат искуствата кои детето ги стекнува во овој период. Децата кои се сведоци на насилство воедно се и жртви.
Иако вашето дете има само 8 месеци ги чувствува вашиот страв и вознемиреност, при што е очекувано да плаче и да биде вознемирено. Дисфункционалноста во семејството, кавгите, навредите влијаат врз неговата перцепција.
Јана Зенговска, лиценциран психолог
Немам информации за односот со сопругот во периодот на вашата бременост, но доколку сте биле изложена на насилство и во текот на бременоста бебето веќе има искуство со насилството уште пред да се роди. Овие животни ситуации имаат влијание и врз вашите родителски компетенции, бидејќи во одредени ситуации можеби не сте во можност да соодветно да одговорите на потребите на детето.
За правилен раст и развој потребно е детето да биде изложено на позитивна и стимулативна средина, која ќе одговори на неговите потреби во согласност со развојниот период во кој се наоѓа.
Трауматските искутва можат да се надминат со промена на средината на живеење, прифаќање и грижа за себе.
Децата учат од нашето однесување т.е. преку невербалните пораки кои им ги испраќаме. На овој начин вие го учите дека не е себично да се грижиш за себе, бидејќи само на тој начин можеме да се грижиме и за тие кои ги сакаме.
Претпоставувам дека сте ги информирале соодветните институции за ситуацијата во која се наоѓате. Побарајте помош и поддршка. Креирајте средина во која детето ќе може да истражува, осознава. Читајте му книги со тивок и смирен глас, пуштете тивка музика. Вие обидете се да се релаксирате, смирите, не се обвинувајте за сите случувања. Иако се негативни овие искуства, сепак тие ве освестуваат дека сте храбра, одлучна и дека можете да справите со идните животни предизвици.
Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912