Игротека

Ве замолувам, никогаш не изговарајте ја реченицата: „Подобро да немаше дете“

Доаѓајќи во контакт со многу текстови, ставови и нови откритија за родителството, воспитувањето и воопшто детското растење, дојдов до ѕид на кој пишува: „Подобро да не раѓавте/правевте деца“.

Да, толку далеку некои од нас можат да ја одведат анализата за светот и за нас во тој свет. Иако среќното детство е солидна гаранција за отсуство на патологија и седење на каучот кај психотерапевт, теророт на идејата дека мораш да ги исполниш сите услови за носењето на свет ново дете да има смисла е огромен. Секако, тие услови ги наметнуваат интелектуалците, општествените активисти, модерното сфаќање на животот… И неретко не се работи само за смислата, туку за идеологијата за совршено родителство, совршено детство, совршен живот вреден за модерниот човек.

Совршеното родителство во секој поглед и момент треба да биде исправно во однос на акцијата, реакцијата и постапката, кои нема да остават никакви последици, туку ќе служат во насока на осигурување на среќата на детето, преку која тоа ќе ги допре и несогледливите човекови капацитети.

Идејата дека луѓето некогаш во секој поглед биле лоши родители, каде што незнањето е најголемиот виновник, родила нова идеја дека ние што живееме денес немаме никакво оправдување за сопствените неуспеси во тој поглед. Така, во време во кое сѐ е достапно, разбирливо е да се очекува своите родителски вештини да ги доведеме до совршенство. Како што се подразбира да не раѓаме деца, ако не сме станбено обезбедени, финансиски обезбедени, интелектуално супериорни, факултетски образовани. А, ако сте од земјите од третиот свет, тогаш вашата трагедија е однапред одредена и секако е подобро да немате потомство.

Кое е оправдувањето за вас и вашето креирање потомство, ако на пример, сте необразовани и згора на тоа сте и сиромашни? На сите денес ни е достапно знаењето и тука нема оправдување. Како инаку човекот би можел да спречи толкава несреќа на овој свет, ако не со просветлување, спасување и превенција од раѓање на оние на кои им е судено да бидат несреќни?

Освен погледите на егзистенцијалните нихилисти (кои го отфрлаат тврдењето дека човечкиот живот има смисла), постои феномен кој постојано се повторува низ историјата на човештвото. А тоа е дека во најтешките времиња се раѓале луѓе кои правеле големи дела, го менувале светот, придонеле за пошироката заедница. Многу од нас денес живеат поради нив. Доволно е само сознанието дека во нас живее предок што успеал да направи леб, па да се замислиш која е смислата.

Смислата не е ограничена на нашата перцепција и животниот век, таа е многу поголема од нас. Животот, од друга страна, е живот сам по себе. Човекот е битие кое и во најлошите околности е спремно и способно за најголеми дела. Многу често важи и обратното.

Родителството е најстарата улога на оваа планета. Кон тоа веќе немаме ни свест, а почит, пак, воопшто. Бидејќи животот не доаѓа низ родителите, туку преку нивната помош. Животот доаѓа оддалеку. Тој поглед во далечината од кој доаѓа животот, може да биде религиозен, но и не мора. Пред да помислите дека некој е лош и не заслужил деца, што денес се повторува на секој чекор, запрашајте се за што вие придонесувате?

Животот е поголем од сите нас и непрестајно трае, без разлика што мислиме ние. Затоа секој што ќе напише, помисли или каже дека на некој треба да му се одземе детето или дека не требало воопшто да го има, дава легитимитет на секоја идна бомба што ќе падне на земјата на оние помалку вредни, чиј живот всушност немал смисла. Ниедно зло не е само по себе такво. Тоа настанало од идејата дека животот на една група помалку вреди. Затоа, сите ве замолувам, никогаш не  изговарајте ја реченицата: „Подобро да немаше дете“. Таа реченица всушност гласи „Подобро да не си се родил/а“.

Автор: Јелена Обреновиќ-Дамњановиќ, академска сликарка и сопственичка на Студио „Оз

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top