Дали е подобро да му кажете на детето дека ќе му земат крв за анализа или не, како да го подготвите, кога може да се земе крв во кој било дел од денот, а кога мора да е гладно и жедно? Ова се само дел од прашањата на родителите што ги одговори д-р Мартин Ивановски, специјалист по медицинска биохемија. Тој објаснува и како правилно се зема урина, особено за деца што носат пелени
Примерок за крвна слика кај деца најчесто се зема од прст, а кај новородени од пета. Процедурата во најголемиот број случаи е безболна. Најбитно е детето соодветно да се подготви за земањето крв. Ако однапред му кажете што да очекува, ќе може и вие и детето да се подготвите за искуството. Ова ќе ви даде време заедно да разработите план за тоа како да се справите со ситуацијата, а кој ќе функционира и за вас и за детето.
Кога ќе дојде моментот да се земе крв, најбитно е родителот да го утеши детето и да му го намали стравот. Персоналот во лабораторијата ќе се погрижи раката на детето да биде фиксирана за да може соодветно да се земе примерокот.
Фото: Горан Анастасовски
Јадено или гладно и жедно?
Крвна слика е анализа која може да се направи во кое било време и нема потреба од претходна подготовка. Кај деца за кои лекарите се сомневаат дека имаат анемија или, пак, имаат дијагностицирана анемија, често се бара проверка на серумско железо. За таа анализа препорачливо е примерокот да се земе наутро, на гладно, т.е. последниот оброк да е пред најмалку 12 часа. Во овој случај дозволено е да се пие вода.
Истата препорака, детето да е гладно најмалку 12 часа, се однесува и за анализи за гликемија, липиден статус, креатинин и др.
Најдобро е да се испитува утринска урина
За анализа на урина, најдобро е да се земе примерок од утринска урина, особено ако е потребно да се направи уринокултура.
Како правилно се зема?
Доколку детето може само да уринира, односно нема потреба од пелени, се следат истите правила како за возрасни. Доколку е потребно, на детето му се дава вода, се прави хидрирање 15 до 20 минути пред земањето на примерокот. По направена тоалета, првиот млаз се испушта во тоалетот, а средниот млаз се собира во соодветен контејнер.
Што ако уште се користат пелени?
Кај деца што сè уште уринираат во пелени, најчесто под 3 години, примерокот за анализа на урина се собира во уринарни кесички. Прво се прави миење и сушење на местото. Не се користи никаква маст или крем пред да се постави кесичката. Ако треба да ја поставите во домашни услови, најдобро е тренирана педијатриска сестра да ви покаже како соодветно да го направите тоа.
Кесичките се користат за добивање примероци за биохемиска анализа и за уринокултура.
Може да настане фекална контаминација доколку се користи уринарна кесичка. Во случај да се забележат фекални материи во пелената кога е поставена уринарната кесичка, таа треба да се замени со нова.
За секоја анализа што бара специфична подготовка, обврска е на докторот или на персоналот од лабораторијата да даде соодветна информација како да се подготвите за примерокот што ќе се земе да биде релевантен и да ги даде точните резултати. Несоодветно земен примерок или несоодветно подготвен пациент може да даде грешни резултати.
912