Со деца, со љубов треба, со ентузијазам и посветеност, вели наставникот Зоран

Кога се влегува во Основното училиште „Андреја Савески-Ќиќиш“ во Тетово во ходниците веднаш се забележува впечатливото уредување на дел од ѕидовите со неколку мозаици. Овие уметнички дела се израз и резултат на креативноста на учениците и нивниот наставник по ликовно образование – Зоран Бошкоски.

Централно место зазема мозаикот со ликот на патронот – партизанот Андреја Савески-Ќиќиш, а тука се „Ѕвездено небо“ на сликарот Ван Гог, импровизација на риби во аквариум и други десетина помали мозаици со различни теми.

Заеднички дела на наставникот и учениците

Кабинетот по ликовна уметност е местото каде што харизматичниот наставник Зоран, ликовен уметник, им ги пренесува знаењата и заедно со учениците создава нови дела.
Според неговата евиденција, досега низ годините се изработени 4 големи мозаици со димензии 1,30 метар на 1,30 метар. Од помалите димензии (20 на 30 до 25 на 60 сантиметри) има изработено 15-ина модели. Сега го подготвуваат мозаикот наречен „Кратовски мост“.

– Наставникот ни изработи цртеж на хартија кој се лепи врз дрвена конструкција медијапан, со рам. За изработка на овој мозаик користиме керамички плочки кои ги кршиме на мали парчиња и ги поставуваме врз цртежот. Самиот цртеж ни е план или шаблон каде да ги поставиме парчињата од керамичките плочки. На тие парчиња ставаме лепило за да се залепат на шаблонот – велат учениците од деветто-2 одделение.

Наставникот Зоран објаснува дека во оваа работа е тешко да се усогласат боите на парчињата со цел да се оформи одредена целина или да се потенцира одредена боја на дел од мозаикот.

– Целта е да се усогласат полутоновите на боите. Во уметничкиот израз бараме поинтилистички пристап, односно сегментација на точка до точка која оформува целина во различни бои и тонови – вели Бошкоски.

Креативност без мобилен

Во кабинетот е веќе изработениот мозаикот „Неракотворен лик на Исус Христос“. За овој мозаик се користени повеќе материјали – камен туцаник, речен камен и керамички плочки.
Учениците ја изразуваат креативноста и во изработка на ткаенини со ткаење на рам и на разбој. Велат дека во училиштето не ги носат мобилните телефони, па оваа активност многу им значи и ги исполнува.

– На рамовите се создаваат милјеа, ткаени украсни чаршафчиња за маси и други предмети во домаќинството. На разбојот се изработуваат поголеми ткаени предмети, како појаси и слично. Воопшто не е тешко, само треба да се сфати како треба да се изработува според одредена шема. Комбинацијата на вертикално и хоризонтално поставени конци се комбинираат, односно се протнуваат еден под друг или конец над конец. Вертикалните и хоризонталните конци се спојуваат – раскажува ученичката Јована.

Нејзината соученичка Моника работеше на ткаење на разбојот.

– На разбојот има четири нивоа на вертикално поставени конци кои се приспособуваат и се местат во зависност од тоа што се сака да се изработи. Хоризонтално се поставува волница во различна боја која се протнува низ конците од вертикалните нивоа. Со големиот „чешел“ се израмнуваат волницата и конците и така се создава ткаенината – објаснува Моника.

Ткаењето се работи со љубов

Го прашавме наставникот Бошковски како успеа да ги убеди децата кои денес се преокупирани со мобилни телефони да се посветат на вакви активности.

– Со деца, со љубов треба, со ентузијазам и посветеност – кратко одговара Зоран и веднаш ја прашува ученичката Моника како се работи ткаењето.

– Ткаењето се работи со љубов – одговори девојчето и додава дека последно изработената ткаенина на разбојот бил појас со должина од 2,5 метра, со повеќе бои како карактеристика за македонскиот национален фолклор.

Во оваа креативна работилница се изработени и многу графики во техника линорез. Tкаените изработки, мозаиците и линорезите беа презентирани на отворениот ден на училиштето. Дел од линорезите беа презентирани и продавани на хуманитарна акција, при што средствата од продажбата беа наменети за потребите на училниците и соучениците од паралелките за деца со посебни потреби во училиштето.

Активностите се изведуваат на два часа од проекти по ликовна уметност, посебно од редовната настава, каде што според наставниот план и програма учениците имаат и час по ликовно образование.



912

X