Најновите истражувања покажуваат дека две третини од родителите се жалат дека нивните деца не сакаат да разговараат за време на оброците, а најголем проблем со ова имаат родителите на тинејџери. Развојниот когнитивен невронаучник и психолог, професор Сем Вас, кој учествувал во истражувањето, смета дека можеби поставуваме погрешни прашања и токму во тоа лежи и проблемот, но и решението.
Повеќе од една четвртина (28 отсто) од родителите чувствуваат стрес додека се обидуваат да разговараат со своите деца за време на оброците, додека 86 отсто од нив би сакале да внесат повеќе енергија, забава и ангажираност во семејните вечери.
Проблемот, според професорот Вас, е што многу родители поставуваат прашања на кои децата даваат кратки и незаинтересирани одговори. Едно од најчестите и најнепродуктивни прашања е: „Како ти помина денот?“
Наместо тоа, тој советува родителите да поставуваат поконкретни и порелевантни прашања, фокусирајќи се на теми што ги интересираат децата. На пример: „Што мислат твоите другари за твоите нови патики/фризура/училиштен ранец?“

– Ако во разговорот ги вклучите и другите луѓе, тоа може да им помогне на тинејџерите да се чувствуваат порелаксирано. Можете да прашате: „Како му беше денес на твојот најдобар пријател? Што му се случи во училиште?“ или „Која беше најубавата работа што ти се случи денес?“ – советува професорот.
Истражувањето покажало дека речиси половина од родителите (48 отсто) сметаат дека поконкретните прашања им помагаат подобро да дознаат што се случувало во денот на нивното дете.
– На крајот од денот, сите сме уморни и често паѓаме во замката на едноставни, шаблонски прашања. Разговорите за време на вечерата може да бидат предизвик, но важно е не само што прашувате, туку и како го правите тоа – нагласува професорот.
Тој додава дека надворешни стимуланси, како заедничка игра или заедничко подготвување оброк, можат да ги поттикнат децата повеќе да разговараат и да споделуваат.
912