Стресот и грижата на совест, урнисаната самодоверба и 100 дилеми на ден го обојуваат денешното родителство. И сето тоа за доброто на децата. Дали ова ви е логично?
Ќе се обидам да наведам кои услови и ангажман на родителите се сосема доволни за детето да се развие во здрава личност, според моето професионално искуство.
Основа за среќа што децата ја добиваат во семејството:
* Просечно чист и уреден дом (каде што воопшто не е пресудно дали имаат своја соба и дали сè е под конец).
* Редовни оброци, приближно во исто време, од кои барем ручекот е топол + овошје секој ден.
* Време за станување и време кога се легнува во кревет соодветно за возраста.
* Многу слободно време, со кое вие како родители немате НИШТО. До петтата година надгледувате, а потоа за тоа време ИМАТЕ СВОЕ слободно време и се одмарате. Ако на детето му е досадно, тоа не е ваш проблем. Доколку за тоа време некое дете, по само неколку такви искуства, не успее да најде решение за досадата, јас ќе ја искинам својата диплома.
Децата што веќе се „навлечени“ на интернет-содржини не можат да учествуваат во овој предизвик еднакво како другите деца. На мојата скала на вредности тоа се деца со посебни потреби, на некој начин (во смисла дека многу потешко и по подолго време ќе пронајдат алтернатива на преубавиот, шарениот, примамливиот свет на интернет, бидејќи реалноста бара неспоредливо повеќе труд и е помалку шарена).
* СЕКОГАШ дома чувајте фломастери, боички, хартија, пластелин и коцки на достапно место. Ништо не го интересира од тоа? Почекајте 3 дена со оваа понуда и ќе видите.
* Кога децата излегуваат надвор, нека избираат меѓу топка, џамлии, обрачи, рекети, јажиња, ластик и тоа им е СОСЕМА доволен избор. Не сакаат – не мораат. Вие своето сте го направиле, за другото не сте одговорни.
* На децата им се потребни возрасни членови на семејството кои се свесни дека заедничкиот живот подразбира компромиси, но и дека секој ВОЗРАСЕН член МОРА да има свој став. Кога се брани тој став, ќе се развие дебата. По борбата со аргументи се носи одлука и животот тече понатаму со иста количина на разлики меѓу нас, но и љубов. Стремежот секогаш сите да се согласуваме и исто да мислиме е вештачки, па тоа присилно изедначување може да нè доведе до депресија. Ако нашиот начин на несогласување е цивилизиран, тоа е поттик децата критички да го набљудуваат светот и да се борат за своите ставови. Без навреди и викање, туку со борба на аргументи.
* Возрасните членови имаат свои работи, занимации, пријатели и пред децата прават многу работи што ги прават среќни, не дозволувајќи им на децата да бидат љубоморни на среќата на родителите.
* Децата имаат секојдневно време со родителите, кое нема свое сценарио, туку е спонтано и секој ден поинакво. Некогаш убаво, некогаш досадно, некогаш во расправии. Тоа единствено е нормално. Секој ден да бидеш со насмевка на лицето е апсолутно неприродно. Кога одбираме каде ќе одиме со децата (4+), наша одговорност е да бидат соодветно облечени, да не се на силен ветер или дожд, а што ќе прават таму, не е наш проблем. Наше е однапред да им кажеме каде ќе одиме, дали таму се седи, се трча, дали има други деца… и да ги НАУЧИМЕ од дома да си понесат некоја СООДВЕТНА забава, а не ние да им избираме и да им носиме. Кога 2-3 пати ќе се „досадуваат“, ќе почнат самите да планираат. Додека тие се „досадуваат“, ние не чувствуваме грижа на совест бидејќи не се гладни, жедни, не им е студено. Важно е децата да се запознаат со вашите и нивните одговорности.
* Децата одат во градинка/училиште, а тоа време возрасните го исполнуваат со работни обврски или со лични задоволства и не мислат многу на децата. На тој начин најмногу им помагаат на децата бидејќи родителската улога нема да им дојде преку глава. Грижата додека не сме во нивна близина е апсолутно БЕСКОРИСНА и создава лажно чувство дека работите ги држиме под контрола, а тоа нè заморува. Реално, и детето се чувствува исто.
* Тонот со кој му се обраќате на детето би требало да е природен и неизвештачен, а нашите реакции да бидат ПРЕДВИДЛИВИ. Не мора да бидат совршени бидејќи нашето опкружување е преполно со несовршености. Доволно е реакциите да не бидат во согласност со нашите промени во расположението, туку за децата да бидат предвидливи, релативно доследни и воедначени. Некогаш сте среќни, некогаш нервозни… тогаш кажете им дека тоа НЕМА врска со нив, а дека е составен дел од животот на секој од нас и дека ќе помине. Дека сите емоции се нормални и дека не треба да се плашат од нив.
* Кога им се обраќате на децата, прво привлечете им го вниманието. Тие со мислите често се во земјата Дембелија кога им повторувате по петти пат, тие дури тогаш ве слушаат првпат. Често не го глумат тоа.
* Кога децата се болни, НЕМААТ сила да одат во градинка или на училиште.
* Децата треба да играат надвор, секојдневно.
* Не претрупувајте ги со организирани содржини бидејќи така им ги закочувате фантазијата и социјализацијата.
* Кога им е роденден, купете бонбони да ги однесат во градинка/на училиште. Обични бонбони. Ако имате услови за дополнителни видови прослава – тоа е супер, ако немате, и ова ќе биде доволно за да го обележат својот ден.
* Детето секогаш мора да има нешто што многу силно го посакува, а никогаш нема да го добие. Како да биде среќно и покрај ова – тоа е златна животна лекција.
* Здрав авторитет со кој апсолутно не се обидуваат да си „поигруваат“ (ги чека 20-годишно бескомпромисно потчинување на авторитети во образовните установи).
* Ограничувања што потекнуваат од слободата на другите деца и луѓе – јас сум еден од 20, а не прв и единствен.
* Речиси секојдневна лекција: од вложениот труд, мојата волја и од мене зависи мојот успех. Само јас сум одговорен за тоа.
* Кога не ги почитувам процедурите на училиштето, градинката, спортскиот клуб… добивам критики и ги поднесувам. Тоа самиот го одлучив со непочитување на правилата. Ако ми пречат критиките, ќе мора ЈАС да се променам.
* Лошо е за децата секогаш да им обезбедуваме ПОЗНАТО друштво за играње, летување, зимување… Тоа сериозно ѝ штети на нивната вештина за вклопување и поднесување непознати ситуации и им ја ослабува вештината за социјализирање.
* Ако децата имаат проблем со постари, нападни и агресивни деца, обратете им се на возрасните што се одговорни да реагираат кон нив. Не оставајте ги сами во таа приказна.
* Следете им го напредувањето на училиште и доколку и покрај вложениот труд успехот изостанува, не чекајте да се случи чудо, туку консултирајте се со стручни лица.
* Родителите би требало да поседуваат информатичка писменост за да можат да го следат најсилното воспитно влијание врз нивните деца – интернет-содржини. Интернетот треба да се користи и како цел за намалување на јазот меѓу генерациите.
* Родителите се социјално активни и ги следат новите текови на развој на општеството и младите, за нивната советодавна улога да добие ново руво, со трајни вредности.
* Родителите на некој начин во средните години ги остваруваат своите неостварени амбиции, додека децата пронаоѓаат свои и се посветуваат на нивна реализација.
Поентата на овој список е да понуди рамки кои се достижни за мнозинството родители, а доволни се за детето здраво да се развива.
Бремето на родителството беспотребно се умножува, а трајно им штети на децата. Како? Кога ќе навикнеш секогаш да бидеш во идеални услови, во познато опкружување, со многу осмислени активности, со многу права, во свет само по твоја мерка, секогаш со нежна насмевка од своите весели родители, со мноштво можности каде што е доволно само со прст да покажеш на нешто и веќе е твое, каде што само понекоја солза ја стопира секоја негативна емоција… иднината не ќе може да биде поубава. Почетниот стандард е превисок и јас не знам како некое дете ќе успее да го одржи. „Да се има, па да се нема“ не звучи оптимистично, а „да растеш и да напредуваш додека растеш“ е желба која ни ја посакуваат луѓе што ни мислат добро.
Снежана Голиќ, педагог