Приказна од Зелената детска градина во посебното основно училиште со ученички дом „Маца Ѓ. Овчарова“ – Велес

Секоја приказна има свој почеток, а нашата училишна зелена детска приказна почна на 7 октомври 2020 година и убаво се совпадна со Детската недела, која секоја година се одбележува од 5 до 9 октомври со разни активности. Организиравме настани и работилници за создавање зелена училишна градина, за учениците да се едуцираат, да го запознаат процесот и да учествуваат во засадување, негување и израснување на зелени млади стебленца од зеленчук, извор на здрава храна. Ова е само почеток, во кој, се разбира, главни учесници се учениците, со поддршка од нивните наставници и стручни соработници, а првата активност е лесна и интересна: украсување и означување на имињата на учениците на стаклени тегли во кои ќе засадуваме семиња од леќа и пченица. Училниците се претворија во мали работилници во кои со внимание и задоволство се употребуваа бои, фломастери, самолеплива хартија и набрзо се добија украсни тегли спремни за следната активност.

Следната активност се одвиваше под топлите зраци на есенското сонце, во училишната сензорна градина, која полека ја подготвуваме за „Зелена детска градина“.

Нашата нова пријателка, Убавка Јаневска од Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“, ги запозна учениците со значењето на зеленчукот во здравата исхрана, а вредните рачиња на учениците од 1. до 9. одделение сликовито ги прикажаа впечатоците на своите цртежи, со помош и поддршка на наставниците, а потоа во своите тегли засадија семиња од пченица и леќа, а во жардиниерите семиња од магдонос.

Од нашата зелена училишна градина, на радост на учениците и наставниците, се покажаа и првите знаци на „живот“: засадените семиња од пченица и леќа ги покажаа првите зелени стебленца. Со многу позитивна енергија и мотивација за следната активност, на средината на октомври учениците во градината продолжија да се едуцираат, а засадија и нови семиња од магдонос и мајчина душичка.

Нашата зелена училишна приказна продолжува… Среќни лица на дечињата и радост при грижата за посадените семиња и веќе израснати млади стебленца во нивните тегли. Наставниците со своите ученици извршија мерење на висината на стебленцата, ама се изврши и мерење на нивната висина.

Од семка до зелено стебленце – заедно со учениците набљудуваме, се грижиме, ги наводнуваме и се радуваме на секој израснат сантиметар од посадените леќа, пченица, магдонос и мајчина душичка.

Зелената приказна продолжува – набљудуваме, наводнуваме и се грижиме за насадениот зеленчук, не само во училишните жардиниери, туку и во домашните градини.

„Практичната настава, во природни услови, е најдобрата едукативна лекција за учениците со попреченост“!

Aвтор: Соња Гаврилова, стручен соработник, психолог



912

X