Детски психолог објаснува зошто некои дисциплински методи не се корисни и дава совети како да го научите детето на послушност.

Кај голем број родители праќањето на детето во неговата соба е многу популарен дисциплински метод. Сепак, дали сте се запрашале колку тоа има ефект?

Едукацискиот психолог доктор Ијан Оперман објаснува дека овој метод не му покажува на детето во што греши, а зборува и за тоа дека не сте конкретни во поглед на дисциплинирањето. „Детската соба е преполна со предмети што им го окупираат вниманието, па многу често децата забораваат дека се казнети и каде згрешиле“.

Тој објаснува дека и попуштањето („прави што сакаш“), зборувањето да размисли за своите постапки (а тоа дури и не знае што направило погрешно), присилувањето да се извини (кога не му е искрено жал или не го разбира значењето на тие зборови), велењето „не“ на сѐ (наместо објаснување зошто е таков одговорот) исто така не се корисни мерки за дисциплинирање. Значи, ако овие мерки не функционираат, тогаш што да се прави?

Смирете се и избегнувајте премногу емоции

Треба да му разјасните на детето што направило, зошто е тоа погрешно и зошто го казнувате. Тоа треба да го кажете кратко и ефективно. Исто така, поставете одредени очекувања од детето, објаснете му што сакате од него и оставете го да сфати дека ќе има последици од неговото однесување. На пример: „Одиме во продавница и смееш да избереш само едно колаче. Ако збеснеш, нема да добиеш колаче и кога ќе се вратиме, ќе стоиш во ќошот за казна“.

Нека биде јасно која казна ја применувате

„Оди во својата соба“ може да значи и да оди да си игра или да гледа телевизија. Наместо тоа, кажете му на детето која казна ќе ја добие, колку ќе трае таа и што се очекува. „Ќе седиш на овој стол и ќе гледаш во ќошот следните 10 минути“.

Бидете доследни и упорни со дисциплината

Доколку го испратите детето во „ќош“, а тоа си замине оттаму, мора повторно да го вратите. Доколку го казнувате детето за некое однесување што почесто го повторува, мора повторно да го казните, без оглед на околностите. „Не е во ред да скокаш на каучот кај баба и дедо, а кога тоа ќе го направиш дома, ќе бидеш казнет“.

Обидете се да го спречите лошото однесување

Можеби на вашето дете му е досадно, нема стимулација, или едноставно е само, па затоа е немирно.
Некогаш децата не сакаат да споделуваат, туку да се истакнат. За да избегнете конфликт кога си играат, обезбедете доволно играчки да ги споделуваат меѓусебно. Во случај да има доволно играчки, а сепак продолжуваат да се караат, земете им ги сите играчки.

Одвраќање како пренасочување на вниманието

На пример, доколку детето инсистира да ги допре стаклените украси во продавницата и по вашето предупредување да не го прави тоа. Покажете му една фигуричка, дозволете му да ја допре и да види како изгледа, задоволете ја таа љубопитна природа, а потоа пренасочете му го вниманието со играчка во неговата количка.
Доколку пренасочувањето на вниманието не функционира, објаснете му дека ќе си заминете ако продолжи така да се однесува. Не заборавајте, мора да бидете истрајни со стратегијата штом сте ја кажале.
Со други зборови, тргнете го детето од ситуацијата, или тргнете ги објектите од неговиот видик.

Децата учат гледајќи модел на однесување

Не можете на детето да му кажувате дека не смее да ви вика, а потоа кога се расправате со партнерот и двајцата си викате еден на друг.

Сетете се да го пофалите детето

Кога е послушно, кога го прави она што го барате, кога се однесува убаво во продавница и нема изливи на бес, кажете му дека сте го забележале тоа или дека сте горди на него.



912

X