Вообичаено е уверувањето дека љубовта на родителот кон детето е инстинктивна, биолошки дадена и дека се појавува со самото негово раѓање. Се очекува родителот секогаш и веднаш да мора да го сака детето, па ако некоја млада мајка не почувствува веднаш безгранична љубов кон штотуку роденото дете, почнува да верува дека нешто не е во ред со неа.

Во реалноста, со раѓањето на детето започнува процесот во кој постепено се развива долготрајна и стабилна емоционална блискост помеѓу детето и лицето кое најмногу се грижи за него. Тој процес на обликување на емоционалната блискост, чиј најважен дел се случува во првата година од животот на детето, во секојдневието го нарекуваме љубов на мајката и детето. Во стручната литература тоа е таканаречена „емоционална приврзаност“.

Со оглед на тоа дека мајката е најчестата личност што е покрај детето во тој најран однос со него, понатаму зборуваме за мајката, иако тоа може да биде и таткото, бабата или некој друг што е најмногу покрај детето.

Важноста на првата година

Силната емоционална приврзаност и комуникацијата меѓу детето и мајката најинтензивно се развива во првата година. Се смета дека детето има потреба за таков однос кој е од еволуциско потекло и е дел од системот за преживување. Доенчето, кое во својата незрелост е незаштитено и беспомошно, има повеќе шанси за преживување ако е заштитено со близината на една личност. Одвојувањето од таа личност предизвикува силен страв кај детето.

Стравот од одвојување првпат се појавува во периодот од 6 до 8 месеци и најсилно е изразен до 18. месец. Стравот е воедно и показател дека детето ја воспоставило таа важна емоционална блискост со една личност. За детето е важно покрај него да биде истата, смирена, стабилна и чувствителна личност која ќе може да одговори на неговите потреби и да му овозможи сигурност и љубов. Ако тоа го нема, доенчето и малото дете послабо ќе се развиваат, не само емотивно, туку и интелектуално и физички. Истражувањата покажуваат дека физичкото здравје во детството и во возрасната доба е зависно од емоционалната сигурност што ни ја дала околината во првите години од животот.

Дали детето ќе доживее љубов и сигурност, зависи од различни околности:

1. Некои се однесуваат на самото дете, неговото здравје и темперамент. Децата што полесно се одгледуваат, со природно добар ритам на спиење и хранење, кои се смирени, задоволни и здрави – имаат поголеми шанси за добра емоционална врска со мајката.

Децата се разликуваат според:

– плачењето – некои деца долго плачат, додека други се смирени и ретко заплакуваат.
– тешењето – некои деца се неутешителни, тешко е да ги смирите, додека други брзо реагираат на тешење.
– чувствителност на стимулација – доенчето понекогаш може да биде премногу чувствително на стимулација од околината (звук, светлина) – некои деца се толку чувствителни и посебни што би требало да се родат со „упатство за употреба“, па мајките интуитивно ги заштитуваат таквите доенчиња, а понекогаш изгледа дека ги разгалиле.
– галењето – некои деца сакаат да се галат, додека други не уживаат во тоа.
– доживување на гладот – додека некои деца имаат добар апетит, други одбиваат храна, јадат нередовно, повраќаат и слично.

2. Најважна е чувствителноста на мајката за потребите на доенчето, нејзината сензибилност, способност да ги препознае сигналите на своето дете, брзото препознавање на тоа како плаче детето кога е гладно, кога го боли нешто или кога сака близина.

3. Мајчиното искуство за вештини во негувањето може да се научи: мајката знае што му е  потребно на детето и во кое време, како и што треба да преземе во различни ситуации.

4. Многу се важни меѓусебните односи на мајката и таткото, па и татковските чувства кон детето, кои во голема мера влијаат врз квалитетот на мајчинската улога.

5. Односот на мајката и детето зависи од целокупниот семеен контекст, од тоа колку мајката се чувствува сигурна, згрижена и заштитена во семејството и општеството.

6. Важни се општествените околности во кои мајката и детето живеат, дали општеството ѝ дава чувство на сигурност на мајката, има ли можност за избор и одлучување дали сака и може сигурно и смирено да ги помине првите години покрај детето или сака некое друго решение. Искуството покажува дека никакви притисоци не се добри. Ако мајката се наоѓа во околности кои се премногу тешки за неа, таа може да има и одбивачки и агресивни чувства кон своето дете. Тоа е една од табу-темите. А токму во таа ситуација на мајката ѝ треба разбирање, поддршка и помош од семејството и од стручно лице, личност на која ќе може да ѝ ги каже своите чувства и мисли без да ја осудува. Тука пресудна е и улогата на таткото и на поширокото семејство, кои трпеливо и со разбирање ќе го поддржуваат односот помеѓу мајката и детето.

Љубовта и сигурноста што ги доживува детето во најраното детство се важен предуслов за подоцнежен развој во нормална и здрава личност. Во тој најран емоционален однос се обликуваат и основните особини на личноста, кои потоа тешко се менуваат. Од тие искуства зависи колку детето ќе биде способно за љубов кога ќе порасне и како ќе се доживува себеси и светот околу себе – дали ќе смета дека е добро и ја заслужува љубовта од другите луѓе или не ја заслужува – дали светот околу него е добар и подготвен да му помогне кога е потребно. Од тие први контакти со околината зависи како ќе се одвиваат работите потоа, во детството и возрасната доба, дали личноста ќе верува во себе и во другите и дали ќе биде способна во животот да го постигне тоа што го сака и што ја усреќува.

Љубовта и сигурноста стекнати во првите години се успешна превентива од подоцнежните нарушувања: пречки во однесувањето, деликвенција, зависност, насилство и злоупотреба и други зла на модерната доба од кои се плашат родителите. Развојот на мозочните структури и начинот на воспитување на децата во најрана доба се тесно поврзани.

Комуникација со детето

Со својата љубов, емоционална топлина, своето однесување, негување, милување, нежност – создавате чувство на сигурност кај детето и ја градите неговата самопочит и верба во себе, но и во околината и во другите луѓе.

Доенчето доживува љубов и наклонетост во секој момент – со хранење, негување, играње, пеење, милување, масажа. И затоа е многу важно смирено и нежно да му се пристапи на детето кога го носиме, храниме, пресоблекуваме и си играме со него.

Доенчето доживува љубов и со други сетила: слух и вид. Ако нежно му се пее и зборува, тоа му годи. Веќе во првата година можеме да си играме со детето.

Сигурната емоционална поврзаност со едно лице во првата година од животот е важна за изградбата на самопочитта. Ништо во животот не е поважно од сознанието дека ве сакаат безусловно („Јас сум добар, јас вредам и мене ме сакаат без разлика на успесите и резултатите“).

Автор: Дарко Самбол, проф. психолог

Извор



912

X