Седум од десет родители веруваат дека се одговорни за пренесување на настинките на нивните деца. Истражување спроведено меѓу 2.000 мајки и татковци со деца на возраст од 3 до 16 години покажа дека голем процент од нив веруваат дека ги заразуваат своите деца со настинки – најмногу татковците.

Освен што родителите губат ден од работа, а децата од училиште или градинка, исто така овие вируси се виновни затоа што родителите не можат да си ги гушкаат децата. Истражувањето открива дека за да избегнат префаќање на настинките и вирусите, родителите не се впуштаат во физички контакт со своите деца. Исто така, истражувањето покажа дека една петтина од децата ретко или никогаш не ја покриваат устата кога киваат, со што ги исфрлаат бактериите при секое кивање.

И кога го прават тоа, 43 отсто од децата киваат директно во своите дланки, со што ширењето на настинката е уште поголемо затоа што со рацете допираат играчки, книги и други предмети.

– Децата можат да префатат настинка од браќата, сестрите, родителите, други членови од семејството и другарчињата – во зависност од возраста и животниот стил на детето. Во принцип, децата што имаат поголеми браќа или сестри и оние што одат во градинка фаќаат повеќе настинки отколку постарите деца. Како што стареат, така децата се соочуваат со помал број настинки. Обично кога ќе почнат на училиште, децата што оделе во градинка помалку ќе настинуваат отколку децата што не биле изложени на вируси – вели д-р Роџер Хендерсон од Велика Британија.

Иако родителите често се одговорни за пренесување настинки, и децата ги пренесуваат. Всушност, еден од три родители се обидува да не ги меша своите деца со пријател кој се чини дека секогаш е настинат.

Во поглед на фреквенцијата, децата најверојатно страдаат од повеќе настинки отколку нивните родители. Истражувањето покажува дека помалите деца настинуваат по четири пати во период од 12 месеци.

– Ако сакате да избегнете ширење и пренесување на настинка, клучна е строгата хигиена на рацете. Кивајте во хартиени марамчиња, па фрлете ги, мијте ги рацете редовно, користете гел за дезинфекција и избегнувајте близок контакт. Користете сапун и вода и мијте ги рацете минимум 20 секунди – советува д-р Хендерсон.



912

X