Денешните тинејџери растат во ерата на интернетот и за разлика од нас, постарите, тие не можат да го замислат светот без „Гугл“, друштвени мрежи, различни апликации за допишување, мобилни телефони. Под влијание на создавањето паралелна социјална реалност, каква што е комуникацијата на социјалните мрежи, светот доживеа квалитетна промена. Социјалните мрежи особено влијаат врз адолесцентите од две причини. Тие се поголемиот дел од корисниците на мрежите. Исто така, тие се формираат под нивното влијание, а поради природната преголема чувствителност во адолесценцијата, тие влијанија се поголеми.

Додаток во дружењето

Мислам дека користењето на социјалните мрежи само по себе не е нужно лошо. За младите, поврзаноста со врсниците е многу важна. Преку социјалните мрежи тие може да го интензивираат дружењето бидејќи така се чувствуваат помалку изолирано. Многу дознаваат за случувањата во светот, учат да развиваат свое критичко мислење и добиваат подобра информираност. Исто како и во реалниот свет, може да се дружат, шегуваат, полесно и побрзо се договараат со своите пријатели. Ако едно младо лице ги користи социјалните мрежи како додаток во дружењето и не поминува премногу време во онлајн-комуникацијата, тоа не мора да биде лошо за него.

(Не)здрав живот

Меѓутоа, социјалните мрежи носат и некои ризици. Младите можат да поминуваат многу време онлајн и да престанат да се дружат во реалноста. Дружењето и поврзувањето со врсниците преку социјалните мрежи може да стане штетно кога ќе го замени дружењето во реалноста. Како последица на тоа се јавува пасивност и недостиг на физичка активност, што може да доведе до проблеми, како што се дебелеење и нездрав живот. Употребата на социјалните мрежи може да доведе до намалување на самодовербата кај тинејџерите поради постојаното споредување со другите и нереалните слики за тоа како треба да се изгледа, како нивните врсници навистина живеат.

Сајбер-булинг

Основата опасност од социјалните мрежи произлегува од тоа што секаде оставаме лични податоци, локациите на кои сме биле, местата што ги посетуваме, слики итн., кои може да бидат злоупотребени. Сајбер-булингот претставува намерна, постојана и злонамерна употреба на зборови или слики во онлајн-комуникацијата, а со намера некој да се повреди (поставување слики за некој да се понижи, ширење невистини за некого, закани, користење лажни профили и сл.). Злоупотребата преку социјалните мрежи е широко распространета и проблематична затоа што е многу лесно да се спроведе, тешко е да се контролира, а содржините може да ги видат многу лица. Границата помеѓу корисна употреба на социјалните мрежи и опасноста е дискутабилна и зависи од случај до случај. Доколку едно младо лице поминува доста време онлајн и се дружи преку социјалните мрежи, доколку таму има многу лица што не ги познава во реалноста, доколку развива зависничко однесување и мора постојано да ги проверува профилите, доколку малку време поминува надвор, тогаш родителите треба да сфатат дека има проблем.

Реалност во која се расте поинаку

Социјалните мрежи се реалноста во која растат адолесцентите. Како и во реалниот живот, така и во сајбер-светот постојат низа опасности. Родителите би требало да ги едуцираат и информираат децата за тоа. Родителите треба да бидат упатени во тоа кои им се пријателите на децата на социјалните мрежи, кои содржини ги објавуваат јавно, како им се наместени функциите за достапноста на личните податоци и колку време поминуваат на секоја мрежа. Родителите едноставно треба да бидат запознаени со тоа што прави детето на интернет и да бидат соработници на своите деца за да изградат нормални, здрави облици на користење на социјалните мрежи.

Автор: Бранислава Павловиќ, психолог и системски семеен терапевт



912

X