Цитирајќи податоци од студијата за глобално оптоварување од болести, од 2019 година, бразилски и канадски универзитетски научници предупредуваат на периодот од детството до раната зрелост во кој има „зголемена подложност на појава на ментални нарушувања“.

„Постои висока преваленција на ментални нарушувања кои ги погодуваат децата и младите луѓе, што укажува дека еден од десет луѓе (или 293 милиони од нив) на возраст од 5 до 24 години во светот живее со дијагностицирано ментално растројство“, соопштиле од АМА (Американска медицинска асоцијација), пред да го објават трудот во „ЈАМА психијатрија“, на крајот на јануари.

Тие понатаму откриле дека околу една петтина од сите облици на немоќ поврзани со болести може да се припишат на ментални нарушувања во возрасната група од 5 до 24 години, што според нив сочинува една четвртина од товарот на ментални нарушувања во цел животен век.

Тимот вели дека треба да се спроведат повеќе истражувања насочени кон помали распони на овие возрасни групи. „Менталните нарушувања се поврзани со високи стапки на напуштање на образованието, ниска економска продуктивност, престој во затвор, самоубиство и бездомништво, меѓу другите негативни исходи кои влијаат врз поединците, семејствата и општеството како целина“, велат тие.

Други неодамнешни истражувања укажале на ширењето на социјалните мрежи како причинител за влошувањето на менталното здравје кај младите луѓе, а основачот на „Мета“, Марк Закерберг, во јануари им се извини на родителите чие здравје на децата беше оштетено со користење на апликациите од неговата компанија, вклучувајќи ги тука и Фејсбук и Инстаграм.

Истражувањето кое минатата година го објави „Галуп“ (Американска аналитичка и советодавна компанија) покажало дека цврстите врски родител-дете можат да помогнат во сузбивањето на негативните ефекти од социјалните мрежи.

Извор



912

X