„Не можам веќе секој ден да учам со него! И полудувам од опоменувањата да оди в соба и да учи. Колку повеќе се трудам околу него, толку е понезаинтересиран и се прави луд!“

Дали јас сум виновна за тоа?

Веднаш да расчистиме, не сте виновни. Постојат многу мајки што се навикнати на своите тинејџери постојано да им даваат поддршка во учењето, во пишувањето домашни задачи, навикнати се да ги преслушуваат, да ги потсетуваат да учат… Кои се тие мајки? Тоа се главно грижливи и одговорни жени посветени на семејството. Тие сакаат нивното дете да биде добар ученик и се подготвени да одвојат време, и тоа секојдневно, за да работат и да учат со него. Не е тешко да се заклучи дека оваа нивна намера не заслужува осуда и наметнување вина. Ве молам, разберете се и простете си ако сте се нашле во ваква ситуација.

Сепак, иако не сте виновни, мора да се каже дека сте одговорни. Но, тоа е, кога малку подобро ќе се размисли, одлична вест! Тоа значи дека имате моќ да ја промените таа ситуација. Кога ќе го прочитате овој текст докрај, ќе разберете зошто тоа не било добро и како да ја совладате оваа состојба. Кога сте за нешто одговорни, вие сте во позиција на моќ, можете да управувате со исходот од тоа случување. Затоа, храбро преземете одговорност и кажете: „Добро, погрешив, но од најдобри намери, сега одлучив да научам, да ги менувам своите постапки и сè да доведам во ред!“

Дали е сега доцна?

Апсолутно не. Сè може да се среди ако бидете посветени на оваа промена. Важно е да се знае дека постојат неколку области на кои треба да се работи. На работилниците за родители што ги држам на оваа тема сакам да нацртам скали кои илустративно покажуваат што сè е потребно да се совлада за да се дојде до детската самостојност. Ќе се обидам да ги набројам тие чекори.

Прво скалило

Ова е најтешкиот и најубавиот дел од работата. Работата на себе! Што треба да направите? Земете пенкало и парче хартија, издвојте време и сериозно одговорете на следните прашања:
– Од што всушност се плашам?
– Се сомневам ли во способностите на моето дете?
– Тешко ли ги прифаќам способностите на моето дете?
– Ми недостига ли авторитет?
– Сакам ли да ја играм улогата на пожртвувана мајка? (Можеби тоа сум го научила одлично од своите родители!)
– Дали сум домаќинка, па кога сум веќе дома, сакам да работам со детето за да се чувствувам корисна? (Инаку, многу ги ценам домаќинките и ги сметам за посебно убава категорија на жени. Многу мои добри пријателки се домаќинки).

Имам ли проблем да ја препуштам контролата?

Се надевам дека нема многу да ве боли, а ако се случи да ви се зацрвенат образите од вистината што ќе си ја признаете, честитајте си. Направивте голема работа, сте го освестиле својот негативен образец кој досега ве водел по пат кој не бил корисен ниту за вас ниту за вашиот тинејџер.

Второ скалило

Променете го начинот на кој гледате на својот адолесцент. Многу е важно да престанете за него да зборувате и да мислите (внимавајте добро и на едното и на другото, и зборување и мислење) како за мрзливо дете, немотивирано, неспособно, неактивно, незаинтересирано… Дејствувајте врз своите мисли. Одбирајте ги. Загризете се за јазик. Почнете да размислувате и да зборувате вака:

„Моето дете не е виновно за тоа што се случувало досега, како што ни јас не сум виновна. Го разбирам, едноставно одело по полесниот пат кога тоа му било овозможено. Може да биде самостојно во работата и наскоро така и ќе биде. Полека презема одговорност за своите училишни обврски. Успешно се навикнува на новата ситуација во која се нашло. Пред него е нов период од животот во кој конечно ќе добие можност да се изгради и да покаже кој е. Сигурна сум дека ќе бидам изненадена од резултатите. Мојот тинејџер е добар и јас верувам во него!“

Како што веројатно веќе и сте заклучиле, јас сум тип кој сака да учи, па постојано препорачувам некое пенкало и хартија. Така, ве молам и за ова, не бидете мрзливи, напишете ги овие реченици навечер пред спиење или барем читајте ги редовно, за полека да ви станат вистински. Многу важна дисциплина е кога сакате да ги промените вашите мисли. Немојте да очекувате дека ставовите што толку долго сте ги „полевале со негативна вода“ ќе ги промените веднаш. Треба да се биде вреден, истраен и дисциплиниран. Ако ме послушате, ќе бидете изненадени со резултатите.

Трето скалило

Третото скалило го претставуваат конкретни техники кои треба да се знаат кога се работи за тактизирање со детето. А тоа значи дека знаете што сè можете да очекувате од децата, какви сè „фори“ тие користат за да ве вратат на стариот систем на однесување. Децата не ја изведуваат оваа манипулација свесно, плански, но ја изведуваат мајсторски. Затоа треба да бидете велемајстор!

„Лошо се чувствувам кога очекувам од детето да учи бидејќи не сакам да бидам како оние родители што ги форсираат децата за да ги излекуваат сопствените комплекси!“

Се пронаоѓате во овие зборови? Еве го одговорот. Одлично е кога од детето очекуваме резултат. Тоа е важен дел од родителската работа. Многу возрасни се жалат дека им е криво што нивните родители ништо не очекувале од нив, па тоа го доживуваат како да не се грижеле доволно за нив, дека како деца не биле стимулирани, поттикнувани на работа и успех. И тоа е точно. Но, во што лежи трикот? Во тоа да не претеруваме. Сè на сè, слободно и храбро негувајте ги вашите родителски желби за успехот на вашите деца, само водете сметка целите да не бидат поставени превисоко на она подрачје на кое детето не може да одговори.

Бидете во согласност со она што се природни таленти и способности на вашето дете и потоа поттикнувајте го. Ако тоа не е случај со математиката, научете да ги прифатите четворките или тројките, а ако на детето му одат странските јазици, на тоа поле немојте да го разгалувате. Бидете задоволни само со петка. И уште една важна напомена, постојат деца што немаат талент потребен за ниту еден од училишните предмети, но верувајте, во некое подрачје имаат и заради нешто се тука со нас.

Дали некои деца се едноставно такви, несамостојни?

Не, не постојат деца што се раѓаат како несамостојни за учење. Тоа може да биде одличен изговор, но знајте, тоа не е вистина.

Зошто едното мое дете учи само, а другото не сака?

Самостојноста не е наследна особина, но факт е дека децата многу се разликуваат меѓу себе. Една моја пријателка има две деца со многу различна логичка интелигенција. Постарото, кое е многу интелигентно, сè работи само, а помладото, кое нема изразена способност за математика и дури би рекла дека има сериозни тешкотии на тоа поле, не е самостојно. Но и едното и другото можат да бидат еднакво самостојни, само е прашање дали родителите се подготвени да го прифатат нивото на постигнување на детето со послаби способности. Тоа е доста тешко, па повеќето такви родители донесуваат одлука засилено да работат со „помалку способното дете“ за да постигне некои резултати. Но, за жал, тоа често резултира со отпор кое вака третираното дете почнува да го покажува по некое време.

Повторно велам, не ги осудувам овие родители, тешко е да се биде во таа улога, дури и многу тешко, туку само сакам да дадам објаснување зошто некое дете е повеќе самостојно од друго, а растат во исто семејство, со исти родители. Исто така, постојат деца со самодоверба и оние другите кои за себе и за своите резултати секогаш мислат лошо. Тие постојано имаат потреба од поддршка од родителите. Ги молат да им помогнат околу секој цртеж бидејќи се плашат дека нема да знаат сами добро да го нацртаат. Околу секој состав бидејќи се плашат од неуспех, се плашат да не направат некоја грешка и слично. Ова не е недостиг на самостојност. На ваквото дете потребна му е поддршката во смисла на развојот на самодовербата. Сакам да нагласам дека овој текст првенствено е наменет за родителите на децата што се развиваат со вообичаено темпо.

Автор: Билјана Грбовиќ



912

X