Поттикнувањето на децата за дружење, учење, споделување и сочувствување со „другите“ е важен аспект на развој на интеркултурни компетенции во животот. Независно дали се гледаме дека живееме во помалку или повеќе културно разновиден контекст и имаме можности за директни контакти со „другите“, учењето да се „живее“ со разновидноста е дел од менталното здравје во „глобалното село“.

Споделувањето на задачите и соработката можеме да очекуваме во понатамошниот живот да се ефектуираат во прифаќање на разновидноста и реалистично гледање на мултикултурализмот, споделување ресурси и пријателства.

Социјалната поделеност е дел од реалноста во Македонија исто како и на други места што биле погодени од конфликти. Денес во Македонија децата посетуваат настава според нивниот мајчин јазик, што во голема мера коинцидира со нивната етничка припадност. Ваквата определба на политиките, во однос на физичкиот простор и заедничките активности, резултира со преферирање паралелизам и поделеност наспроти интеграција. Овие одделни и паралелни структури ја обликуваат средината каде што учат децата, како и нивните ставови и однесувања кон „другите“. И додека прифаќањето на разновидноста не е иста со „живеењето“ на разновидноста како животен стил, сепак, времето и особено квалитетно поминатото време со другите влијае и врз ставовите и однесувањето кон нив, особено по конфликт.

На која возраст децата во Македонија стануваат свесни за сликите и симболите што ги идентификуваат како група? Како идентификацијата со својата група влијае врз социјалната оддалеченост од „другите“?
За таа цел, во 2017-2018 година, преку проектот „Помагање на децата!“ (Helping Kids!) истражувавме како идентификацијата со симболите и социјалните структури на сопствената група кај децата на возраст од шест до единаесет години влијае кон нивните ставови и однесување кон „другиот“. Игравме серија на игри приспособени за возраста со деца од училишта каде што наставата се одвива на македонски и на албански јазик, со вкупно 219 ученици. На пример, децата беа прашани дали серија од 16 пара слики, или вкупно 32, ги поврзуваат со Албанци или Македонци. Одбравме слики од различни аспекти на социјалниот живот, како религија, култура, храна, политика, спорт и животот во нивните средини.

Дел од игрите што ги играле децата

Главно, децата беа спремни да ги категоризираат сите 32 слики со една од двете групи, и тоа повеќе отколку само како случајност. На пример, слика од македонското знаме ја асоцираа со македонската етничка група. Но, детектиравме и разлики според возраста.
На возраст од шест години децата можат да категоризираат девет од сликите (плоштадот на Скендербег, македонското знаме, албанското знаме, македонската азбука, имам/оџа, дресот на Ренова, симболот на поддржувачите на балистите и улица напишана на албански јазик) како македонски или албански симболи. На возраст од седум години децата можат да категоризираат 16 од сликите и симболите со некоја етничка група додека до десетгодишна возраст сите 32 слики. Односно, како созреваат, децата подобро ги асоцираа сликите со соодветната социјална група. Резултатите укажуваат дека овие сознанија се зголемуваат со возраста, како што поминуваат повеќе време во јазично поделени паралелки и средини.

Овие сознанија, кои се базираат на групните разлики, влијаат и врз нивното чувство за заедништво со „другите“. Колку повеќе децата се свесни за симболите и сликите на групите што некогаш биле во конфликт, толку повеќе ги преферираат симболите на својата група. Децата кои се посвесни за симболите на својата група почесто преферираат слики кои се асоцираат со нивната етничка група. Децата кои повеќе споделуваат ресурси (на пример, стикери како награда) со својата група исто така помалку им се допаѓаат и помалку им веруваат на лица со друго етничко потекло. Исто така, споделувањето повеќе ресурси со својата група е поврзано со помала желба да се игра со деца со друго етничко потекло и помалку пријателства.

Генерално кажано, преференциите за сопствената група се рефлектираат и како желба за помалку контакт со „другите“ и како повеќе перципиран конфликт помеѓу групите. Ова е важно затоа што колку децата поминуваат повеќе време во јазично поделени паралелки и средини, толку се зголемува јазот помеѓу нив.

А тоа се зајакнува со преференција за сопственото знаме наспроти ситуациите во кои се веат знамињата на македонската и на албанската етничка заедница заедно.

Овие податоци имаат и светла страна. Претходните позитивни искуства со „другите“ ги поттикнуваат децата да се спротивстават на сегрегирачките тенденции. Колку повеќе време децата поминуваат заедно со „другите“, толку е помала перцепцијата за социјална дистанца помеѓу нив, односно повеќе им се допаѓаат, им веруваат и сакаат да играат со „другите“.

Исто така, колку повеќе другари со различно етничко потекло имаат, толку е помала перцепцијата за социјална дистанца помеѓу нив. На пример, една наставничка во основно училиште (Македонка) каде што наставата се одвива на македонски и на албански јазик ни укажа дека целно ја запиша својата ќерка во ова училиште иако реонски требаше да биде дел од друго, со намера за поголема изложеност на контакт со „другите“. Еден татко (Албанец) чија ќерка оди во училиште каде што наставата се одвива на македонски и на албански јазик ни кажа: „Јас сум многу среќен што мојата ќерка ми кажува дека има многу пријатели што се Македонци. Ова е многу позитивна вест за мене и овие пријателства ги воспостави во школо“.

Проектите што изминатите години се спроведуваа со цел меѓуетничка интеграција во образованието беа насочени кон создавање краткотрајни и долготрајни можности за контакт помеѓу децата и наставниот и стручен кадар во претходно испланирани активности. Според експертите, нивните најголеми резултати се опфатот на ученици, училишта и наставен и стручен кадар и малите, но значајни промени во политиките (на национално и на локално ниво) додека најголеми недостатоци се зависноста од странски донатори и отсуството на позитивен рол-модел на возрасни во плодоносна и спонтана меѓуетничка соработка (ад хок и недостигот од трансфер од професионална соработка во пријателства).

Препораките за политиките од ова истражување укажуваат дека градењето долготраен мир треба да почне од рана возраст. Децата мора да имаат можност да стапуваат во интеракција и да создаваат пријателства со оние од другите етнички групи. Повеќе можности за позитивен контакт помеѓу групите се неопходни. И овие можности за контакт треба да се базираат на претпоставките за еднаквост помеѓу групите и поттикнување на активности кои се интересни и иновативни за децата, и кои се базираат на заедничкото добро. „Кога децата се во меѓусебен контакт, тие секогаш покажуваат љубопитност и обично резултатите се позитивни“ – ни укажа професорка во основно школо (жена, Албанка). „Краткотрајни и долготрајни активности кои се ориентирани кон продукти, во рамките на редовната настава и во рамките на екстра-курикулум активностите, партнерства помеѓу училиштата и наставниот кадар од различни региони и наставни јазици се неопходност во поддршката на интеретничката интеграција во образованието“ – наведува практичарка во проекти за интеретничка интеграција (жена, Македонка).
Дотолку повеќе што политиките за меѓуетничка интеграција треба да се прошират и надвор од училиштата, кон местата на живеење, возрасните.
Разбирањето на овие ефекти може да им помогне на проектите за помирување и градење мир кои се базирани на соодветни истражувања кои помагаат за разбирање на основите на односите помеѓу групите.

Развивањето и зајакнувањето на попозитивни ставови за другите групи и можности за помагање помеѓу групите може да има ветувачки, долготрајни импликации за градење поконструктивни односи помеѓу групите во Македонија.

Истражувањето го спроведоа: Ана Томовска-Мисоска, социјален психолог на Универзитетот Американски колеџ- Скопје, Македонија. Лаура К. Тејлор, развоен психолог на Универзитетот Колеџ Даблин и социјален психолог на Универзитетот Квинс во Белфаст. Џозелин Даутел, развоен и когнитивен психолог на Универзитетот Квинс во Белфаст. Риса Риландер, раководителка на лабораторија за проектот Helping Kids! Едона Малоку, социјален психолог на РИТ Косово. Катерина Мојанчевска е истражувачка на теми од идентитети, припадност и развој.

Оваа фаза на проектот Helping Kids! беше финансирана од Одделот за економија – Награди на Фонд за истражување на глобални предизвици и Шемата за поттикнување на Универзитетот Квинс во Белфаст, Школа за психологија.



912

X