Повеќето родители ги споредуваат своите деца со другите деца кои се на иста или на приближна возраст. Сигурно некогаш и вие сте се запрашале и сте ги преиспитувале вашите родителски вештини
Опуштете се! – Секое дете расте, има свој специфичен развој и со текот на времето станува индивидуа за себе, зависно од влијанието и интензитетот на внатрешните (генски) и надворешните (околина) фактори.
Растот и развојот на детето ги согледуваме преку промените што се случуваат на психичко, биолошко и социјално поле.
Во текот на развојот низ фазите се забележуваат квантитативни и квалитативни промени. Квантитативните промени се лесно видливи и мерливи затоа што се однесуваат на надворешниот изглед, односно: телесна тежина, висина, развиеност на речник и сл. Квалитативните промени се покомплексни и потешки за следење, иако и тие се случуваат секојдневно. Овие примени го покажуваат мисловниот развој и способноста за расудување кај детето и можат да се забележат, на пример, преку следење на содржината на говорот или тежинското ниво на активности кои детето самостојно ги презема и слично.
Класифицирано според календарска возраст, развојните фази се делат на:
доенче (0-18 месеци);
рано детство (18 месеци – 3 години);
предучилишна возраст (3-5- години);
училишна возраст (5-12 години)
и адолесценција (13 – 18 години).

Секоја од овие пет фази има определена, специфична задача. Во секој степен детето постепено расте и се развива, така што кај него почнуваат да се забележуваат промени во разни области, што значи и исполнување на поединечните задачи од секоја фаза.
Можете да започнете со следење на задачите од физичката област, како најлесно видливи, односно да го следите растот и развојот на телото, физичката активност, исхраната, хигиената и енергијата што детето ја има преку целиот ден, односно тука се развиваат грубата и фината моторика. Потоа најчесто вниманието се насочува кон јазичната област, каде што од особено значење е развојот на вештините за комуникација, говор, читање, пишување и гестикулации на телото.
За детето да се вклопи во средината во која живее, потребно е да се стави акцент на социо-емоционалната област.
Оваа област често е доста комплексна затоа што детето почнува да се соочува со емоциите, создава чувство и разбирање за себе, своето постоење и другите околу себе, потоа гради меѓучовечки односи, релации и следи најтешкиот дел – развојот на самодовербата.
Негувањето на моралната област и развивањето емпатија кон другите на детето му потпомага при носењето одлука што е добро или лошо, а со тоа се развива погледот кон самиот себе во корелација со другите. Со текот на времето се развива свеста кај детето за разбирање на разликите помеѓу машко и женско и се случуваат хормонални промени.
Во периодот на транзиција од една развојна фаза во друга (од пониска кон повисока) се случуваат специфични промени. Потребно е да се посвети големо внимание, трпение и вештини од страна на родителот за да се овозможи транзицијата да помине побезбедно и побезболно. Се појавува исто така и т.н. психо-социјална криза, чиј исход и последици би зависеле од тоа како ќе биде решена. Тоа е поврзано со задоволувањето или незадоволувањето на потребите на детето. Низ развојните фази потребите се решаваат преку остварување контакт и интеракција со средината, од тука се доаѓа до заклучок дека семејството како примарно опкружување и социјалното опкружување како секундарно одредуваат каков ќе биде психо-социјалниот развој кај детето.
Оставете децата индивидуално, со сопствено темпо на раст и развој да поминат низ овие фази, без притисок, туку само со поддршка и мотивација од ваша страна!
Автор: Ангела Икономоска, педагог