Стресот претставува реакција на телото кога доживува некаков притисок. Телото во состојба на стрес е одговор на физичка, емоционална или психичка болка. Стресот може да биде хроничен и да трае со денови, а некогаш дури и со месеци. Иако е минлива состојба, сепак, не смее да се занемари или игнорира бидејќи последиците можат да доведат до некое заболување.

Причини поради кои се јавува посттрауматски стрес кај децата:

Развод на родителите – еден од најтрауматичните настани за детето претставува разводот на неговите родители и доделувањето на старателството. Детето може да го промени местото на живеење во зависност од тоа со кој родител ќе живее, се чувствува како да е само на овој свет, смета дека му е наметнато да одбере кој родител го сака повеќе, може да се појави чувство на вина дека поради него се разведуваат родителите. Се сретнува со тим од експерти како психолог, социјален работник, семеен советник, судија, кои треба да проценат каков е односот на детето со секој родител поединечно, а сето тоа на детето му предизвикува огромен стрес и исцрпување.

Смрт – една од најтешките трауми во животот на секој човек е загубата на некој близок. Смртта на некој близок остава долготрајни последици и пострауматски стрес кај децата. Комплициран и долготраен процес кој децата не можат да го разберат.

Преселба – адаптирање на нов дом знае да му предизвика голем стрес на детето. Нова соба, нови комшии, понекогаш и промена на градинка или училиште. Детето се соочува со многу нови нешта, а со кои нема стекнато удобност и комфор. Многу често во вакви ситуации детето знае да даде отпор, да покаже лутина кон родителите, да плаче постојано, да изразува желба за стариот и добро познат дом.

Загуба на милениче – иако нам, на возрасните, ни изгледа наивно, на детето миленичето му е цел свет. Домашниот миленик му е најдоброто другарче, изворот на среќа на детето. Кога ќе го загуби, тоа може да биде мошне трогателно и вознемирувачко за детето, особено ако родителите не покажат разбирање и сочувство со него.

Одење на работа на родителите – пострауматично искуство на детето може да биде работата на родителите. Мајката по породилното отсуство се враќа назад на работа, а постарото дете доживува голем стрес и пројавува состојби кои дотогаш на родителите не им биле познати. Нагони на повраќање, покачување на телесната температура, разболување, трески. Сѐ само за мајката да биде дома покрај него и да не се враќа на работа. Кога родителот го пречекорува прагот од вратата, детето мисли дека повеќе никогаш нема да го види.

Последици од пострауматскиот стрес кај децата:

Не постои траума која можеме да ја категоризираме во лесна, средна или тешка, бидејќи и најмалата ситница за детето може да биде најголемата траума. Не можеме да утврдиме строго одредена граница за возраст на детето кога може да ја доживее траумата. Кај децата се јавуваат одредени симптоми и знаци кога доживуваат пострауматски стрес:
• Повраќање, кошмари и плачење во сон;
• Играње на целиот трауматски настан;
• Се јавуваат проблеми со говорот (доколку е развиен) – пелтечење;
• Треска и разболување;
• Недоволен апетит и одбивање храна;
• Поемотивно е од обично;
• Повлекување во себе, депресија и анксиозност;
• Ништо не му предизвикува среќа и еуфорија;
• Ја препушта доминацијата во играта на другите, не се бори;
• Не покажува интерес за ништо;
• Често размислува за смртта, мисли дека некој ќе се разболи и ќе умре поради него, грижа на совест;
• Не знае да се одбрани ако некој го нападне, попушта.

Имајте активности преку кои ќе можете лесно да разоткриете каде е коренот на траумата. Децата многу често илустрираат емотивна душевна состојба преку цртеж. Бидете му најголема поддршка и заеднички побарајте стручна помош и решение на проблемите. Помогнете му да излезе од трауматската состојба бидејќи последиците можат да траат долго и да се всадат трајно во него. Покажете почит и разбирање за вашето дете кога доживува трауматични настани, иако вам ви изгледаат мали!

Автор: Елена Михајловска, дипломиран семеен едукатор



912

X