Зошто построгите родители обично имаат подобри деца?

Веројатно се прашувате што значи терминот „подобри деца“? Во студија од 2015 година објавена од страна на Институтот за општествени и економски истражувања при Универзитетот во Есекс, професорот Ерика Раскон-Рамирез појаснува: „Мерките на очекувањата во оваа студија ја одразуваат комбинацијата од стремежи и верувања околу шансите за постигнување повисоко образование кај децата според изјавите на родителите, особено на мајките“.
Во периодот меѓу 2004 и 2010 година Раскон-Рамирез проучувала група од 15.500 ученички на возраст од 13 и 14 години. Утврдила дека девојчињата што имале строги мајки имале повисока самодоверба и биле посигурни. Како додаток на ваквата емотивна зрелост, зачестеноста на прерана бременост била 4% пониска кај тинејџерките што имале поупорни мајки. Резултатот од сето тоа е дека децата што имаат построги родители, особено мајки, имаат поголеми шанси да завршат факултет, да најдат добра работа и севкупно, да бидат поуспешни.
Накратко, здравиот родителски притисок, односно поставувањето повисоки стандарди ја зголемува шансата на детето успешно да го заврши школувањето, што води кон поуспешен живот.

Родителство: Колку строго е престого?

Според психотерапевтот Филип Пери, строгото родителство може да го претвори вашето дете во лажливец. Кога детето лаже, тоа нужно не значи дека е лошо дете, туку дека не се чувствува безбедно да ја каже вистината. Претераното казнување, оптоварувањето на детето со очекувања да биде совршено, како и засрамувањето пред други лица може да придонесат детето да почне да лаже.
На детето не му правиме услуга кога го казнуваме поради лажењето. Можеме да се заинтересираме зошто лажело, а можеме да го побараме и својот удел во одговорноста за таквото однесување. Драконското казнување и непопустливото однесување нема да помогнат за надминување на проблемот.

Дали постои средно однесување?

Значи, дали постои некакво средно однесување? Дали родителите можат на своите деца да им наметнат одредени вредности, а притоа да не предизвикаат децата да станат повешти во прикривањето на своите грешки наместо да ги признаат?
Од друга страна, многу студии укажуваат на очигледната интелектуална надмоќ на студентите со азиско потекло во однос на сите други етнички групи, особено во областите математика и природни науки.
Тука не се работи за тоа дека се родиле попаметни, туку дека родителите-Кинези се построги во однос на стандардите и имаат подготвени казни доколку детето не постигне добар резултат. На прв поглед авторитарното родителство не изгледа привлечно. Дури и кога детето добро напредува, дали е вредно тоа да се постигне на штета на неговата социјална и емотивна благосостојба?
Да го земеме предвид и авторитативното родителство. Тука постои битна разлика. Додека авторитарните родители дејствуваат врз база на застрашување, авторитативните родители (иако називот звучи слично) акцентот го ставаат врз високите стандарди здружени со изобилство родителска топлина и отворена комуникација.
Накратко, постои битна разлика меѓу попустливо родителство и авторитарно родителство.

Кај авторитарното родителство:

Суровата дисциплина може да предизвика бунтовничко однесување кај децата;
Строгата дисциплина го зајакнува погрешното верување дека употребата на сила е дозволена;
Во односот родител-дете недостига разбирање и сочувство, тој се заснова на страв и го охрабрува насилството;
Децата се „претежно“ добри само во присуство на авторитетот, а тоа кај нив предизвикува потреба за лаги и манипулации.

Кај попустливото родителство:

Желбите на детето се исполнуваат на товар на некој друг (обично на штета на самиот родител);
Недостигот на здрави ограничувања не им дозволува на децата да се научат на самоконтрола и да постават граници во сопственото однесување;
Родителите не се доследни околу работи кај кои не смее да има компромиси;
Нормалните чувства на тага и разочарување, кога недвојбено ќе се појават, на детето му стануваат неподносливи (бидејќи родителите со сите сили се трудат на детето да му ја исполнат секоја желба и да ги заштитат од разочарување).

Авторитативно родителство – фина рамнотежа:

Попустливото и авторитарното родителство се две крајности, секоја со свои недостатоци. Накратко, ниту еден од овие пристапи не функционира на подолги патеки. Она што добро функционира е авторитативното родителство. Тоа ги спојува сочувствувањето (присутно кај попустливото родителство) и здравите ограничувања (кои се присутни кај строгото родителство).

На крајот на краиштата, секој однос родител-дете е единствен. Слободата, по својата суштина, подразбира извесни ограничувања. Иако понекогаш ограничувањата изгледаат строги, нема причина заедно со нив да не покажете и родителска љубов.



912

X