Воспитување

Постојат три вида викање – како да ги користите ако баш морате

Иако раскажана многу пати, приказната за викањето е неопходна за да се согледаат различните аспекти од нови агли, за одново да се преиспитаме, со цел да оставиме можност да ги признаеме своите грешки и некои постапки да ги замениме со нови. Во овој текст ќе дознаете што не се постигнува со викањето и како можете да препознаете кога му е место, а кога не.

Викањето не е комуникација

Во родителското викање нема дијалог, тоа сите го знаеме. Можеби тоа сме го искусиле и како деца. Додека возрасните викаат, во тој свој афект се сами. Детето веројатно не ја разбира тежината на бесот или фрустрацијата на возрасниот. Иако му се обраќаме на детето бидејќи сме лути, поразени или исцрпени, не комуницираме со него. Викањето го ставаме во прв план, како да порачуваме: Види каква сум заради тебе!, Види колку страшна можам да бидам заради тебе! Тоа ниту еден родител не го сака, но тоа се пораките што стигнуваат до детето. Во дијалог, двете страни зборуваат и покажуваат чувства. Со викање детето се замолчува, но не само во тој момент, туку и во секој иден, кога можеби ќе биде потребно да зборува и да се заземе за себе.

Викањето не е лекција

Ако му се препуштиме на викањето, неретко тоа прераснува во држење говор или лекција. Меѓутоа, во таа состојба треба да се заборави на лекциите.
Ќе биде тешко да се стрпите и да го оставите воспитниот говор за подоцна, но тоа е единственото правилно решение. Ако нешто е истурено на килимот, ќе може да се вратите по 10 минути на тоа, заедно да исчистите и да ги согледате последиците обраќајќи му се на детето со мирен тон. Тогаш ќе имате време за лекција. Ако постапуваме вака, работиме на јакнење на нашата самоконтрола. Тоа е истовремено важно за нашето ментално здравје и за стабилноста на детето. Детето на тој начин добива добар пример кој може да го следи во своите постапки. Самоконтролата се вежба. Можеби сме поминале низ различни искуства во животот, но соочувањето со непријатност бара вежба одново и одново. Тоа е особено важно кога е во прашање благосостојбата на детето.

Викањето не покажува авторитет

Напротив. Викањето го руши авторитетот. Кога ќе го повишиме тонот, го учиме детето дека тоа е нашиот начин да добиеме послушност, внимание и почит. Исто така, му испраќаме порака дека и тоа треба така да се однесува ако сака некој да го послуша или да го слушне што има да каже. Патот до авторитетот е токму на спротивната страна: да се разговара со детето, да се покаже трпение, доследност во однесувањето, упорност. Децата на кои родителите им викаат се или многу исплашени и несигурни во себе, или многу фрустрирани и бесни. Замислете вам да ви вика некој кој е поголем и посилен, а вие да не можете да одговорите. Би биле преплашени или би собрале во себе многу бес. Детето кое чувствува страв веројатно ќе развие образец на повлекување во слични животни ситуации, односно нема да умее да се спротивстави, да каже НЕ и да го изрази своето мислење. Детето кое претежно чувствува бес нема да го изрази кон родителот, но ќе го изрази на друго место, и тоа многу поекстремно од вообичаено. Во другиот случај, доколку родителот често му вика на детето, тоа веројатно ќе се однесува насилно кон врсниците бидејќи проценува дека во тој контекст може да го искаже она што го собира во себе, еден вид беспомошен бес насочен кон родителот.

Кога може да се постигне нешто важно со викање?

Викањето може да изгледа како страшна и погубна постапка во воспитувањето. Тоа е така ако викаме често и ако го користиме како воспитен метод и начин за воспоставување однос на моќ. Сепак, постојат ситуации во кои е сосема во ред да се викне. Овие ситуации се поретки и токму затоа треба да се „чуваат во ракав“, за детето да препознае дека се случува нешто екстремно поразлично и да сфати дека ситуацијата е алармантна. Тоа се моменти кога детето е во опасност. На пример, кога детето се доближува до топла вода, кога трча во близина на нешто со кое може да се повреди, кога на улица не застанува во близина на патот или кога тепачката со браќата и сестрите ќе изгуби контрола и ќе стане сериозна. Тогаш викањето е единственото нешто што можеме да го направиме. Да го повикаме детето по име, да му укажеме на опасноста за тоа никогаш да не се повтори. Во ова ќе успееме ако викањето не е во нашиот секојдневен асортиман на однесување. Доколку е, во оваа ситуација детето нема да ја разликува нашата реакција и нема да ја смета ситуацијата за поалармантна од истурањето сок на креветот.

Да сумираме…

Не е секое викање исто. Кога ќе ја согледаме целата слика, постојат 3 вида викање:

Кренат тон. Кога родителот му „држи лекција“ на детето остро и викајќи. Ова главно не предизвикува страв кај детето, но нема никаква цел бидејќи лекциите во афект не даваат никакви долгорочни резултати. Детето не ги слуша и не разбира бидејќи слуша само еден едноличен тон.

Викање во бес. Кога родителот му вика на детето, го навредува или го понижува. Оваа постапка долгорочно создава страв и фрустрација кај детето и има долгорочни последици, особено ако често се повторува.

Викање во опасност. Кога родителот укажува дека нешто е опасно за безбедноста на детето. Ова викање е оправдано и корисно САМО АКО се разликува од другите воспитни обрасци на родителот и детето тоа јасно го препознава.

Автор: Тамара Костиќ, психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top