Смирувачките тонови на Бетовен пред спиење секогаш им годат на бебињата. Или можеби вашето новороденче сака кантри-музика? Без оглед каква музика слушате во семејството, веројатно се надевате дека таа ќе му помогне на вашето бебе подобро да заспие.
Но, дали музиката влијае врз сонот на бебето? Да, во зависност од тоа што пуштате и кога, велат експертите.
Маријал Биард, овластен невролошки музички терапевт од детската болница во Тексас, во интервју за „Ромпер“ вели дека постојат докази што потврдуваат дека музиката е корисна за спиење.
– Светската здравствена организација уште пред 10 години ја препозна важноста на музиката за опуштање, помош при спиење и развој на детскиот мозок, а имаме емпириски докази што го потврдуваат тоа. Истражувањето помогна да се докаже дека испеаната приспивна песна во живо може да ги подобри моделите на спиење, а откривме и дека е најефикасна помеѓу тивкиот период на несоница и влегувањето во првата фаза на спиење – вели таа.
Тој период кога вашето бебе потонува во сон е идеален за пуштање музика во неговата соба. Ако не ја прекинете музиката кога бебето ќе заспие, мозокот може да се навикне на тој звук, па повеќе не би бил корисен.
– Најдобро би било музиката да ја оставите 20 минути, додека вашето бебе се обидува да заспие, а потоа да ја исклучите. Ако се разбуди среде ноќ, повторно пуштете ја за да го постигнете истиот ефект – вели таа.
Што со белите звуци?
Каква е разликата помеѓу музиката и белите звуци? Нема многу истражувања што можат да потврдат колку белите звуци се корисни за самиот сон. Од друга страна, музиката е научно докажана опција.
– Музиката и нејзините уникатни својства ги прикриваат звуците од домаќинството, но музиката има форма за разлика од белите звуци, па му олеснува на мозокот на бебето да обработува информации – вели Никол Камп, музички терапевт од детската болница „УАБ“ во Алабама.
Кој жанр најмногу им одговара на бебињата?
– Не мора да има некој посебен музички жанр што би придонел за ноќната рутина на вашето бебе. Ако мислите дека можеби Моцарт ќе му одговара, имајте на ум дека музиката треба да биде повозбудлива. Обидете се со едноставна и пријатна музика. На пример, „Перл Џем“ има цел албум со приспивни песни, така што родителите можат да најдат музика што бебињата ќе ја сакаат – вели таа.
За да го задржите расположението за спиење, погрижете се децибелите да бидат помеѓу 40 и 50. Постојат одлични апликации што можете да ги преземете на вашиот мобилен телефон кои го одредуваат нивото на децибели дома.
Ако вие и вашиот партнер сакате да ги загреете гласните жици и прстите, уште подобро. Приспивните песни ќе дадат одлични резултати, додека тие се едноставни и изведени со бавно, приспивно темпо.
Класичните песни како „Mary Had Little Lamb“, „Twinkle, Twinkle, Little Star“ и „The Wheels On The Bus“ се одличен пример.
912